Потребно време за читање: 2 минути

Македонската народна лирика изобилува со недоброј прекрасни песни кои ја изразуваат и одразуваат чистата, невината, длабоката и радосно-таговната љубов помеѓу момче и девојка. Најчесто во или заедно со природата, со нејзините искази и докази (утрина, квечер, саноќ, китка, росна трева, овошни плодови-јаболко, цреша…).

Еве пет прекрасни љубовни народни песни:

Облог ми чинеле лудо ем девојка

Облог ми чинеле лудо ем девојка,
наедно да спијат три дни и три ноќи,
н` една ругузина, на една перница,
наедно да спијат, да не се задеват.
Момчето таксало своја брза коња,
момата таксала сандок со прикија.
Момчето заспало како лудо јагне,
момата легнала, сон не ми ја фаќа,
туку се расфрла од рамо на рамо,
туку се расфрла ем разговара:
„Стани лудо, стани, јас сум посмеала,
и коњо е твојо, и јас сум ти твоја“.

А невесто русокосо

А невесто русокосо,
русокосо, црнооко!
Три години сејмен шетав,
ништо тебе не ти реков,
сега нешто ќе ти речам:
да и речеш на золва ти,
на золва ти помалата,
да ми чува две јаболки,
ни од роса наросени
ни од ветер повеани
ни од слана попарени
ни од сонце угреани!

Прочитај и за ... >>  Видена, наиграна, та легната, та заспана

Девојко, тага голема

Девојко, тага голема,
што имам тага за тебе,
дур да се ставам со тебе!
В градина си изникнало,
за вода си овенало.
Преидов да те навадам,
загрешив, ми те настапив.
Часум под нога подвена,
како петровко јаболко
во момин ковчег чувано,
во зетовата кошула.

Саноќ си појдов, мила мамо

Саноќ си појдов, мила мамо,
с коња за вода,
с коња за вода,
сокол на рамо.
Таму си најдов
едно девојче.
Кога го видов
умот ми штукна.
Умот ми штукна,
коњ ми побегна,
коњ ми побегна,
сокол ми летна.
Учи ме, карај, мила мамо,
по што да трчам?
Трчај ми, трчај, мили сину,
по девојчето.
Коњот е учен,
сам ќе си дојде,
сокол е учен,
сам ќе долета,
а девојчето не е учено.

Прошетало се девојче

Прошетало се девојче
низ тие долги загони
со два ибрика сребрени,
со две маштрапи златени;
лудо ми оди по неа.
Спрсна ми моме да бега;
запнала ми се капина
за момината кошула.
Лудо ми вика по неа:
„Држ ја, капино, не пуштај,
твоја да биде фалбата,
моја да биде момата!“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here