Потребно време за читање: 4 минути

Според една листа на моментно најскапите куќи на светот се доаѓа до општ заклучок: и во време на сеопшта економска криза богаташите не се откажуваат од луксузот-велелепни вили, луксузни автомобили, облеки на познати модни креатори, скапоцен накит.

Еве како изгледа листата на најлуксузни палати кои секогаш биле важен статусен симбол:

Роман Абрамович (46)

Рај на Азурниот брег -Сопственикот на ФК „Челзи“ и еден од најбогатите луѓе на светот ја купил за 545 милиони долари најскапата куќа на светот, вилата „Леополда“ која има поглед речиси на целата Француска ривиера. Имотот на кој е оваа палата со 11 спални соби и 14 бањи зазема 6 хектари земјиште, а за него се грижат 50-мина градинари. Вилата првобитно е изградена за љубовницата на белгискиот крал Леополд, а досега променила неколкумина сопственици, меѓу кои биле и основачот на „Масјкрософт“ Бил Гејтс и сопственикот на „Фијат“ Џани Ањели. Рускиот милијардер и неговата вереница Дарја Жуков се вљубиле во „Леополда“ на прв поглед. Абрамович го купил и луксузниот имот на островот Сент Барт на Карибите за 90 милиони долари;

Султанот од Брунеите (46)

Местото каде што е сниман „Кум“

Шефот на малата држава на југоисток на Азија ја купил за 165 милиони долари вилата на Беверли Хилс, градена за медиумскиот магнат Вилјем Рендолф Херст. Палатата има 75.000 квадрати, 29 спални соби и 40 бањи. Прочуена е според тоа што во неа се снимани сцени за култниот филм „Кум“. Оваа раскошна куќа е изградена во 1962-ра година во медитерански стил, а ја проектирал познатиот архитект Валас Неф. Се наоѓа во Холмби Хилс покрај Бел Ер, делот од Холивуд каде што живее елитата на фабриката на соништата. Инаку, Султанот од Брунеите живее во палата со 1.700 соби, слична на онаа во Версај. Дека е дарежлив, потврдува и тоа што неговата собарка заработува дури 7 милиони долари годишно;

Прочитај и за ... >>  Митологизација на обичното и секојдневното

Доминик Фон Хабзбург (75)

Дворецот на Дракула вратен на сопственикот

Бран, односно дворецот на Дракула, заштитниот знак на Романија, вреден 140 милиони долари, по национализацијата во 2006-та година му е вратен на сопственикот, њујоршкиот архитект Доминик фон Хабзбург. Тој прво го ставил на лицитација со почетна цена од 40.милиони долари, но на почетокот од 2009-та одлучил да не го продава, туку да го претвори во музеј посветен на историјата и легендата на прочуениот гроф. Во овој дворец живеел омразениот принц Валд, според кого настанал ликот на Дракула. Овој замок и музеј има 57 соби, 17 спални и е декориран со детали кои лично ги купила принцезата Марија пред комунистичката власт да го изгони кралското семејство од Романија;

Мухамед Бин Рашид Алмактум (63)

Палата поголема од Бакингем

Владетелот на Дубаи и премиер на Обединетите Арапски Емирати за 138 милиони долари стана сопственик на Апдаун Корт во Виндлшем во Англија. Станува збор за палата со 130 соби, 5 базени и кино со 50 места. Според големината ја надминува Бакингемската. Подот на библиотеката има позлата од 24 карати, додека во мермерниот приод кон куќата е вградено греење. Шеикот Мухамед заедно со Апдаун Корт доби и хелиодром, терени за сквош и тенис, како и куглана, подземна гаража, автомобилски патеки. Апдаун Корт е изграден во 2000-тата година, а во неговото соседство се наоѓа дворецот Виндзор и куќата на Елтон Џон;

Прочитај и за ... >>  Случено за паметење

Султан Бин Абдул Азиз (63)

Оаза во Колорадо

Ранчот Хала во американскиот скијачки центар Аспен во Колорадо се простира на 95 хектари, а е сопственост на принцот Бандар бин Султан бин Абдула Азиз, поранешен амбасадор на Саудиска Арабија во САД, еден од најбогатите луѓе на Блискиот Исток. Само куќата од 56.000 квадрати вреди 135 милиони долари. На имотот постојат коњушница, тениски терени, сауна, затворен базен, рибник, а куќата има 15 соби и 16 бањи. Саудискиот принц во последно време ретко го посетува овој ранч на кој изградил и атрактивен водопад;

Доналд Трамп (66)

Поглед на океанот

Палатата „Maison de L’Amitie“ или „Куќа на пријателството“ ја купил од Ејб Госман, поранешен извршен директор на здравствена корпорација, за 41.250.000, а сега нејзината вредност се проценува на 125 милиони долари. Искусниот трговец со недвижности и сопственик на градежни фирми е сигурен дека оваа инвестиција ќе му се исплати. Куќата на Палм Бич на Флорида е реновирана, има балска хала, стаклена градина, бавча, базен долг 25 метри и фантастичен поглед на океанот;

Сузан Саперстин (74)

Бајка на Беверли Хилс

Американската богаташка е сопственичка на куќата „Fleur de Lеdžs“ на Беверли Хилс, за која искеширала 125 милиони долари. Овој замок, кој го добил називот според Версај, има 13.000 квадрати и дури 7 гаражи. Гостите по прошетката низ имотот можат да одгледаат филм во кино со 50 седишта или да прочитаат книга од импресивната библиотека. Сузан Саперстин во текот на 90-тите докупи уште 20.000 квадрати имот, така што тој посед денес потсетува на бајка;

Прочитај и за ... >>  Купување острови

Лиона Минди Хелмсли (1920-2007)

Наследството му го оставила на песот

Освен заработката од бизнисот со недвижности и хотелиерство, „кралицата на злобата“ благодарение на развод стасала до огромно богатство. Куќата, вредна 125 милиони долари, се наоѓа во Гринич, во американската држава Конектикат. Не е продадена по Лионината смрт. Има 14 спални соби, 13 бањи, затворен базен долг 15 метри. Се наоѓа на имот од 16 хектари, а е изградена во јакобински стил. Инаку, Лиона е позната според тоа што во тестаментот на својот пес му оставила во наследство 12 милиони долари, а на внуците- ништо!;

Џоел Хоровиц (61)

„Спокојство“ во Невада

Поседот од 81 хектар покрај езерото Тахо, во американската држава Невада, е наречен „Танљуилити“ („Спокојство“). Хоровиц, сосопственик и еден од основачите на познатата модна куќа „Томи Хилфигер“, е сопственик на куќа вредна 100 милиони долари. Ова здание е изградено по примерот на планинска куќа во северна Европа. Има и винска визба со 3.500 шишиња, а тука се и затворен базен и кино;

Михаил Прохоров (47)

Дворец во Москва

Рускиот милијардер, сопственик на фирмата „Полис голд“, на 20 километри од центарот на Москва има вистински дворец од 3.500 квадрати, вреден 100 милиони долари. Тука се и две гостински куќи, рекреативен центар со базен, турска и руска бања, теретана, сауна. Имотот го нарекол „Евроазија“. Прохоров во Русија го сметаат за заштитеник на Фортуна- само неколку месеци пред економскиот колапс својот дел од компанијата му го продал на Олег Дерипаско, па може да се пофали дека е помеѓу малубројните кои кризата тешко не ги погодила.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here