Самокритичноста

Неукост, наивност или карактерна особина е непостоењето или недоволната самокритичност? Умееме ли да ја препознаеме во себе и во другите околу нас? Дали можеме прецизно да ја дефинираме и да ја издвоиме од самосвеста за сопствените вредности, способности и знаења?

Што значи да бидеш самокритичен?

Пред сѐ строгост спрема себеси, но подеднакво кон сѐ да се тргнува од себе.

Џорџ Бернард Шо рекол:

„Наjголемите реформатори што светот ги имал биле оние кои со реформите почнале од себеси“.

Таа-самокритичноста е најнепосредно поврзана со субјективноста и објективноста. Притоа, самокритичен е оној што е  спрема себеси објективен, а спрема другите субјективен, што би рекол Кјеркегорд. Исто така, таа доаѓа до израз особено кога се валоризираат не намерите, туку делата; не грешките, туку вината и виновниците за нив.

Посочувам на уште една интересна релација, инаку  мошне присутна во нашево време, во нашиов актуелен миг, а особено нашата иднина: самокритичност-самољубие-самоизмама.

Оној што не е самокритичен најчесто е самољубив и секогаш се мами-се лаже самиот себе, се самоизмамува, на пример дека е „нај“, „над“, а сите други се „под“.

Кои се најсамокритични? Оние што го бранат и негуваат сомнежот спрема сѐ, а најмногу спрема она што го прават, што го создаваат. Затоа што тој-сомнежот е поттикнувачки, мобилизирачки, го продолжува творечкиот ангажман, го продолжува делото во ново. Натаму, најсамокритични се најрешителните помеѓу нас, оние што ништо не може да ги поколеба, да ги обесхрабри. Најмалку неразбирањето, омаловажувањето, ништожувањето од други, всушност инфериорноста на други.

И најоптимистите? Тие не, туку најреалистите, оние што немаат секогаш решение за сѐ, туку за најмногу нешта го бараат додека не го најдат. Воопшто, реалноста во себе најмногу содржи самокритичност.

Овие нафрлоци за самокритичноста, колку да ве поттикнам малку да промислите за неа, некако најмногу ги концентрирам пред цитираната мисла на Шо.

Го имам на ум „континуираното“ ултимативно барање на ЕУ: реформи.

Во врска со нив, потсетувам на нешто што претставуваше најсериозна опомена на еден наш „Европеец“: не „шминкерај“, како досега, туку вистински, темелни и интензивни реформи во сите области.

Прашањето гласи:

Дали нужните „европски“ реформи можат да ги спроведат-реализираат оние кои со реформите не почнале од себеси?

Не прашувам дали се самокритични оние што треба да ги спроведат реформите, дали се барем во фаза на сопствено реформирање. Бидејќи не се, а и самите велат дека реформи им се нужни во сопствените (партиските) редови.

Во прашањето има тврдење-„оние кои со реформите не почнале од себеси“, затоа што ако досега биле самокритични, ако почнувале од себеси при спроведувањето на која било, на секоја реформа, тогаш немаше залудно да ни потрошат децении во „реформирање“.

Тврдам дека „Европејците“ под лупа ја ставаат, мошне внимателно, постојано, интензивно ја следат и оценуваат самокритичноста на оние кои мораат без ниту ден, ниту час, ниту миг одлагање да ги спроведат неопходните темелни реформи во сите области на нашево живеење.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *