Потребно време за читање: 4 минути

Два главни принципа на работење или две суштински заложби беа и се „најзаслужни“ за контнуираниот висок рејтинг на Владата на Никола Груевски и на лично неговиот: посветеноста и транспарентноста. Првата е се уште во „игра“, премиерот секогаш ја потенцира, особено сега во секојдневната битка со економско- финансиската криза односно рецесијата, а втората…

(Не)транспарентноста во одделните министерства во последниве години (почнувајќи со претходната Влада на Бучковски) се (ре)актуализира со годишните извештаи на Државниот завод за ревизија. Не само што тие не се есапеа, за утврдените „негативности“ не одговараше никој, најмалку ресорниот министер, туку тие и лицемерно се коментираа. На пример со „сериозната“ констатација: „Ревизорскиот извештај е реален и коректен“. Се чини дека и одделни министри во актуелната Влада ни мува не ги лази „долетана“ од нив.

Најновата мува (или комарец, како што милувате) е всушност старо- нова и се однесува на Министерството за транспорт и врски, конкретно на министерот Миле Јанакиевски. Една телевизија- А1 ТВ (и единствена, што е прилично индикативно) ги реактуелизира откриените неправилности на Државниот ревизор објавени во извештајот во јуни, а се однесуваат на 2007- ма и 2008- ма година. Зошто токму сега, цели 3 месеци потоа, е прашање насочено токму кон индикативноста, поточно (зло)намерата, но тоа не е целта на овој текст.

Имено, „обелоденето“ е дека речиси 10 милиони евра биле префрлени од Буџетот, но неискористени за изградба на северната трибина на фудбалскиот стадион во Скопје „Филип Втори“ и за станови. Тие наместо да се вратат биле ставени во банка и орочени, што, утврдил ревизорот, е спротивно на Законот и влијае врз динамиката на проектите. Натаму, над 2 милиона и 300.000 евра биле потрошени во „Македонски железници“ за капитални субвенции, но не се добиени докази за исплатите на тоа што е сработено. Уште 257.000 евра Министерството по разни основи префрлило на МЖ, а ревизорот открил дека тие се префрлани неосновано и се ставени во ставка на незаконско користење. Потрошени се и 230.000 евра за уривање на диви објекти, но немало документи како доказ дека сумата е реална. Исто така се исплаќале пари за авторски дела кои ги немало, а за купување на клими се потпишувале непознати лица. Во извештајот се препорачува да се следат реализациите на проектите од страна на Министерството за транспорт и да се воведе контрола на патните налози, бидејќи нема оправдување за потрошениот бензин.

Прочитај и за ... >>  Секое јавно обвинување мора да се провери- истражи и јавно да се потврди или отфрли

Во (ре)актуелизацијата не се заборава да се потсети дека парламентарната опозиција во јуни обвини за незаконско работење односно незакоско трошење на 21 милиони евра. „Дежурниот“ за такви „откритија“, Јани Макрадули од СДСМ (кој откако ќе му бидат демантирани и ќе се побара истите да ги докаже по судски пат се повлекува или замолчува), повикувајќи се токму на извештајот на Државниот завод за ревизија за финансискиот извештај на Министерството за транспорт и врски, го нарече министерот Јанакиевски „центрифуга на трите пералници на пари на Владата“ и побара официјална истрага.

Потсетуваме, Јавниот обвинител Љупчо Шврговски, кој присуствуваше на таа седница на Парламентот посветена на пратенички прашања, одговори дека нема таков официјален извештај и оти ќе постапи во согласност со своите надлежности доколку утврди неправилности. Макрадули реплицираше тврдејќи дека станува збор за официјален извештај заверен во архива на 2- ри јуни и му го понуди на увид на Јавниот обвинител. Во него стои дека на 5 места е работено спротивно на Законот за јавни набавки, во 20 места има ненаменско и незаконско користење на средства, а на 4 места има несовесно користење и злоупотреба на буџетски средства, што значи злоупотреба на милијарда и 300 милиони денари или 21 милион и 136.000 евра. Во деловните книги, наведе Макрадули, спротивно на Законот за сметководство на буџетите и на буџетските корисници, не се евидентираат инвестициските вложувања, има необјективна распределба на пари за единиците на локалната самоуправа, пари незаконски префрлени со пренамената на средства од декември 2007- ма година незаконски се држеле и не се користеле до ноември 2008- ма, потоа ревизијата не добила достапни соодветни ревизорски докази за потврда на објективноста и на реалноста на направените расходи, голем дел од податоците во градежните дневници се коригирани и испратени без потпис и не е идентификувано лицето што ја вршело корекцијата, има несовесна исплата на пари за железници, двапати платена иста фактура за ремонт на пругата.

Прочитај и за ... >>  Час поскоро вонредни парламентарни избори во Македонија!

Јанакиески тогаш ги демантираше обвинувањата. Парите биле префрлувани на јавните претпријатија по одлука на Владата. Веќе ги доставил документите до Јавниот обвинител, убеден дека нема малверзации во неговото министерство.

Во меѓувреме…„секое чудо за три дена“? Повторно Макрадули замолче, нема продолжение на „приказната“, а А1 ТВ ја „врати“ денеска, по цели три месеци.

Се разбира, првото, најважното, главното прашање е: зошто министерот Јанакиевски не отиде „до крај“ во името на транспарентноста на работењето, па и угледот односно рејтингот на Владата?

А кога станува збор за односот спрема наодите на Државнот завод за ревизија, тој е со години наназад правно неприфатлив и е потврда на лицемерието, на политичкиот неморал што е константа и за позицијата и за опозицијата (минатите и сегашните). Правно како позиција на „првите бранители на правдата“- јавните обвинители (на поранешните Прчевски, Џиков и на актуелниот Шврговски)- нивно речиси никакво реагирање или иницијатива- преземање на правни дејствија, а политички неморално бидејќи истото не се бара кога се „нашите“ на власт. Експертите сметаат дека ваквата состојба може да се промени во значајна мера доколку се направи промена во законот- на Државната ревизија да и се дадат повеќе надлежности. Тие проблемот го лоцираат во лошата поврзаност и усогласеност помеѓу Државната ревизија, Јавното обвинителство и државната Антикорупциска комисија.

Прочитај и за ... >>  ЕУ и (не)слободното медиумско слепило

Инаку, основна надлежност на Државната ревизија е анализа на финансиските податоци на институциите и менаџирање со буџетските пари. Според законот, доколку овластениот државен ревизор при вршење на ревизија утврди оти постои основано сомневање за сторен прекршок или кривично дело, за тоа веднаш штом е можно треба да ги извести надлежните органи поради поведување на соодветна постапка, а тие, пак, се должни за преземените мерки да го известат Државниот завод за ревизија во рок од 90 дена. Антикорупциската комисија, пак, по објавувањето покренува иницијатива до Јавното обвинителство за поведување на постапка.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here