Ако е „По утрото…“ Македонија зачекорува со „полн“ чекор

За разлика од „дежурните критизери“- хроничари и аналитичари, во изминатиот две ипол годишен мандат на Владата на Груевски (претходната и актуелнава- на стартов) максимално поддржував секој нејзин потег, и голем и мал (во однос на ангажираните средства и очекуваните ефекти), без оглед на нивната неизоставна маркетиншка промоција. Помалку од, на пример, она што се правеше и работеше во културата (која како творец ми е посебна „слабост“) затоа што во неа доминира манифестационото над индивидуално творечкото, а со кое, пак, најнепосредно е поврзан непостоечкиот систем на вредности. Не треба да потсетувам дека бедата на духот (провинцијализмот, простаклукот) е во „папочна врска“ (меѓусебно обусловена, напоредна, а не зависна како што учи марксизмот) со материјалната, егзистенцијалната беда и сиромаштија.

Очекувано и мошне забележливо, првите потези на новиогт владин тим на Никола Груевски токму во економско- социјалната сфера (теоретичарите на модерното време одамна не ги третитраа одделно) им ги „затвори устите“ и на опозицијата и на нејзините „трабанти“. Она што им „успеа“ (без особен напор“ е тие да се премолчат како да е можно на тој начин да се маргинализира нивното значење.

Првиот потег (од противничкиот „табор“ означен како популизам, а од оние на кои непосредно се однесува прифатен со „задршка“; разбирливо, со оглед на :малиот ефект врз стандардот чиј пад никако да запре): зголемување на пензиите од 5% до 8%. Со стандардното „колективно сликање“ пред јавноста.

За првата категорија на најниски пензии зголемувањето ќе изнесува 8%, за втората 7%, за третата 6% и за четвртата категорија, односно кај највисоки пензии 5%“. Новосоздадениот трошок за исплата ќе се обезбеди од Фондот за пензиско осигурување, кој до крајот на годинава треба да издвои 5,4 милиони евра за повисоките пензии. Исплатата почнува од август.

Зголемувањето на пензиите за непосредна цел го има амортизирањето на серијата поскапувања што го загрозија животниот стандард. Се мисли на поскапувањето на парното за 60%, растот на цените на дериватите, двоцифрената инфлација.

Втор потег на Владата: намалување на придонесите за пензиско и здравствено осигурување.

Од наредната година придонесите за пензиско и здравствено осигурување ќе се намалат за 3%.

Придонесот за пензиско од сегашните 21,2 ќе падне на 19%. За 2010-та стапката ќе се намали на 16,5% а до 2011-та ќе падне на 15%. Придонесот за здравствено од 1-ви јануари 2009-та година ќе изнесува 7,5%, а до 2011- та ќе се намали на 6%.

Од наредната година се намалува и придонесот за вработување. Владата се надева дека ова ќе значи стимул за работодавачите, слично како и кај плаќањето на даноците.

Изјава на Груевски:

„Ова нема да влијае на намалување на услугите, односно пензиите. Услугите во здравството, на пример пакети во здравството и сл., се останува исто, ништо не се намалува, а се намалуваат стапките.

Слично како и кај даноците, се очекува ефект на нови плаќачи во моментите кога ќе има намалување на стапките. Таков имавме кога ги намаливме персоналниот данок на доход и данокот на добивка и кога во првата година по намалувањето приходите пораснаа за 20%“.

Една симулацијата:

За просечна плата од околу 15.000 денари, сега вкупните давачки за еден вработен изнесуваат 4.130 денари. Со намалувањето во 2009-та година давачките се намалуваат на 3.600 денари, а до 2011- та ,до кога треба да се спроведе мерката, давачките по вработен ќе изнесуваат 2.840 денари. Во однос на заштедите: во 2009-та таа ќе изнесува 529 денари месечно или годишно 6.350 денари, во 2011-та 1.290 денари месечно или 15.500 денари годишно.

Ефектите од намалувањето на давачките ќе влијаат врз зголемувањето на профитабилноста на фирмите. Имено, ако една компанија со месечни приходи од 10 милиони денари и трошоци од 8,8 милиони денари сега остварува профит од 1,2 милиони денари, истата во 2009-та ќе има месечен профит поголем за 106.000 денари, а веќе во 2011-та година тој ќе порасне за околу 16%, односно за 258.000 денари.

Бизнисмените и експертите позитивно реагираа на овие потези, а опозицијата „конструктивно“ ги премолчи. Општа е оценката дека тие можат да ја подобрат финансиската кондиција на компаниите, што пак ќе влијае за подобрување на вкупните економски состојби. Се забележува дека ваквите мерки ќе му остават простор на бизнисот да дише, но како стопанствениците ќе ги искористат парите сепак ќе зависи само од нив.

Една вест што во овие, очевидно на долг рок неповолни финансиски трендови кај нас, но и во развиениот свет (мислам пред се на инфлацијата) влева оптимизам дека сепак „ударите“ ќе бидат подносливо амортизирани:

Девизните резерви на Македонија бележат пораст во однос на крајот на претходната година, достигнувајќи 1,547 милијарда евра на 11.07.2008 година, соопшти Народната банка на Македонија. Ваквите движења се одраз на поволните текови во капитално- финансиската сметка од платниот биланс, во услови на постојано влошување на дефицитот на тековната сметка.

Во јуни 2008-ма година, во споредба со истиот месец од претходната, најшироката парична маса М4 е повисока за 21,4%, а вкупните пласмани на банките кај приватниот сектор се повисоки за 42,1%, се вели во соопштението.

Истовремено, Советот на НБРМ констатирал дека кредитниот ризик на кој е изложен банкарскиот систем. Квалитетот на изложеноста на кредитен ризик спрема населението е на истото ниво, но квалитетот на одделни категории од изложеноста спрема населението, како изложеноста врз основа на кредитни картички и потрошувачки кредити, бележи извесно влошување.

На крајот од првиот квартал на годинава вкупните депозити кај банкарскиот систем изнесуваат 165,5 милијарди денари (околу 2,69 милијарди евра).

Ликвидносната позиција на банкарскиот систем е на задоволително ниво. Стапката на адекватност на капиталот е двојно поголема од законскиот минимум и изнесува 15,9%, се заклучува во соопштението на НБРМ.

А токму кредитите односно масовното задолжување на граѓаните станува се поалармантно, особено во однос на стандардот на среден рок.

Анализи на дел од групациите:

„НЛБ Тутунска банка“, во овие два летни месеца во однос на лани истиот период, има драстичен раст од 43% кај автомобилските кредити, близу 30% кај ненаменските кредити за население. Кај „ИК банка“ 43% кај потрошувачките кредити, а дури 50% зголемување кај кредитните картички. Од „Комерцијална банка“ исто така потврдуваат дека расте бројот на одобрени кредити. Кај нив особено на станбените- за 20%.

Наведените бројки покажуваат дека дел од банките веќе ги надминаа лимитите што ги воведе НБРМ за да го забави кредитирањето. Кај оние што ќе растат со темпо поголемо од 40%, ќе бидат обврзани да издвојуваат задолжителен депозит во трезорот на НБРМ.

Сигналите на монетарната власт досега ги следеа неколку банки, со тоа што ги поскапеа кредитите и ги зголемија каматите на депозитите- „Комерцијална“, „Стопанска“, „ИК банка“, „Алфа“. Од август повисоки камати најави и „ТТК банка“, за кредитните картички и за потрошувачките кредити.

1 comment / Add your comment below

  1. Намалувањето на придонесите за фирмите е добра вест, но важи само за големите фирми! Што е тоа што ќе помогне за малите? Фирма од 5 вработени колку ќе ја зголеми ликвидноста поточно профитот?
    Не е ова мерка што ќе направи подобар бизнис амбиент, особено затоа што речиси 80% од фирмите во Македонија се микро и мали, а тоа значи со не повеќе од 10 вработени.
    Околу придонесите, единствено решение:
    1. Укинување на обврската фирмите да ги плаќаат придонесите за своите вработени.
    2. Воведување на обврска со можност за избор, секој работник, доколку е вработен според валидните законски прописи, сам да си ги плаќа придонесите (како што си ги плаќа кредитите на пример).
    Ова го нарекуваа бруто наместо нето плата. Вака работи целиот развиен свет. И само вака ќе биде едноставно за работа, бидејќи самиот човек ќе одлучува дали сака фамозни плави картони, фамозна пензија (старосна или каква и да е) итн. На таков начин ќе се овозможи и рамноправен третман на други домашни и странски фондови за истата намена како и државните.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *