Потребно време за читање: 3 минути

Власта и лично премиерот Никола Груевски „јасно и гласно“ кажаа дека не планираат предвремени парламентарни избори, ама „превејаните“ политичари од македонската политичка опозиција (како Тито Петковски и нему сличните) се „сигурни“ дека ќе има, но не се плашат бидејќи нивните партии се подготвени и ако се организираат „деновиве“. Својата „сигурност“ ја темелат на „засилената активност“ на теренот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а истата на опозицијата- пред се на СДСМ е „нормална работа со членството“ (демек е „ненормална“ за противникот кој „мора да падне“).

А всушност се работи само за едно „нешто“: на „раздрнданата“ опозиција и е „совршено јасно“ дека помина времето кога народот беше можно да се „обработи“ (читај: придобие) само за време на предиозборна кампања, сосе вообичаениот нејзин предвремен „неформален“ период. Особено ако се има предвид нејзината (пре)длабока „однароденост“.

Оние што во континуитет ги следат изборите во Македонија, од првите до последните предвремени парламентарни и досегашните локални (помеѓу нив и мојата дребност), забележуваат дека почнува да се случува токму како што е потенцирано со насловот: ако не е се исто, се е ептен слично. Уште една од многуте потврди за тоа е прилогов под наслов „Затишје пред бура или ‘чаша култура’“, објавен на 12.05. 2006. година, а кој се однесува на еден мошне важен, еден од (нај)приоритетните „сегменти“ на секоја програма со која се сака да се освои власта. Без оглед дали се вика „Решенија“ или „Преродбата продолжува“.

Да, веќе се забележува постапно затишје на македонската политичка сцена, иако се уште некои партии одржуваат редовни, речиси секојдневни прес-конференции. Некои од нив ги промовираа своите изборни програми, некои тоа го најавија за деновиве, но е видливо дека сите (и од позицијата и од опозицијата) како полека да се „повлекуваат“. Бидејќи е време за интензивни подготовки за предизборната кампања. Можеме да очекуваме дека во наредните денови, особено во втората половина на месецов, нивната „редовна“ активност целосно ќе замре. Особено затоа што, како што самите најавуваат, претстои предизборна „бура“.

Прочитај и за ... >>  Помеѓу политичкиот и државниот фолклор*

Предизборната кампања за годинашниве парламентарни избори ќе биде мошне бурна (бура? хм!), жестока? Некои прогнозираат и мошне валкана, што ќе рече некултурна. Јас, напротив, го тврдам спротивното.

Не само што по „неминовното затишје ќе нема никаква бура, не само што предизборната кампања нема да биде бурна, жестока, па и мошне валкана, туку ќе биде тотално неинтересна, неатрактивна. Се ќе се одвива според веќе виденото во досегашните кампањи за разни избори: „прошетки по градовите и селата, промоција на кандидатите, ветувања на лидерите и „стрели“ кон противниците.

Медиумската кампања, и платената и неплатената, уште отсега се знае каква ќе биде, со каква содржина: тв и радио спотови, партиски и изборни химни- песни (всушност партиски „хитови“), „соочувања“ односно дебати за изборните програмски заложби и…толку. Неинвентивноста на изборните штабови и на оние што ги реализираат медиумските кампањи е одамна потврдена. „Копијата на оригиналот“ продолжува, дури до смешно-комични размери (на пример, доминантна боја, портокалова на ВМРО-ДПМНЕ; нели некој во една земја направи „портокалова револуција“?).

Прочитај и за ... >>  Почина Гари Мур

Новото, „освежителното горко“ можеше да го донесе само сосема нова опција, нова политичка партија од граѓанска провениенција, која во својата основа, во сушноста на своето постоење ќе ја имаше валоризацијата и афирмацијата на индивидуалниот творечки ангажман. Имаше инцијатива за нејзино формирање, ама навреме беше „подзапрена“ (дури поминат парламентарните избори, а после „нема гајле“ и ако се формира). Со оглед на првите јавни, промотивни чекори, сигурен сум дека таа ќе настапеше со многу оригинални идеи, ќе реализираше акции и манифестации со кои сигурно ќе привлечеше огромен број од гласачите (особено неопределените), па можеби и ќе победеше на изборите. Едноставно, затоа што на индивидуалниот творечки ангажман му се туѓи стереотипите, клишеата, стандардот, deja vu.

„Чаша култура“ не е моја метафора, туку на сатиричарите (автор е Софе Штерјоски) кои како протестен транспарент („Бура во чаша култура“) на најпрецизен начин ја означуваат повеќедецинската „зла судбина“, па и иднина на едно општество, ако сакате и држава со која владеат дилетанти, политиканти, медиокритети, малограѓани, полит-бизнис олигарси. И во која најмалото вредно „случување“ претставува потрес, опасност, кататастрофа за нив.

Моментниов период (деновиве, неделиве, се до денот на парламентарните избори) не е никаква бура, а уште помалку „чаша култура“. Тој може единствено да се означи како затишје пред „бокал не-култура“. Притоа не мислам на некакво некултурно, малограѓанско, примитивно, уличарско однесување на политичарите, а пред се на кандидатите за идни пратеници, ниту на елементарната политичка култура. Мислам на промовираните и најавените предизборни заложби во кои ќе доминира економијата (со оглед на состојбите на тој план, а пред се на бедата и сиромаштијата на „граѓанството“), со акцент на земјоделството. Културата и пошироко надградбата (ќе) ја нема ниту „помеѓу две запирки“. Веројатно некој ќе го спомне образовниот процес, пред се развојот на информатичкото општество (и ќе вети компјутери „за секој ученик“, а не, на пример, бесплатен Интернет за секој граѓанин на Македонија, од 7 до 77 години-едно од залагањата или, ако сакате, ветувањата на неформираната партија). Но културата и уметноста…

Прочитај и за ... >>  Не двојна формула, туку алтернатива- алтернативи

А знаете зошто? Затоа што, како што не учеа бившите комунисти и сегашни „комуњари“, се зависи од економијата. Што значи дека се друго може да почека додека не се обезбеди „базата“ (без база нема надградба).

Ги прашувам јавно политичките партии, а пред се нивните лидери:

Знаете ли што е тоа културна политика?

Важна напомена:

Во „Преродба во 100 чекори“ на ВМРО-ДПМНЕ на проекти во образованието и културата им е отстапен „задоволувачки“ простор (во наводници оти е прашање дали е), што сигурно ќе значи многу голем „поен плус“ на изборите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here