Потребно време за читање: 2 минути

Се чини дека воените жаришта се неопходни во нашево време ако се има предвид дека, со оглед на распоредот на воената моќ во светот, може да ги нема. А секое што би се појавил би можело да се запре, да се „угасне“ дури и за буквално 24 часа, па и помалку. Зошто неопходни? Прашањево е комплексно, одговорот воопшто не е лесен, но најнапред некако сами по себе се наметнуваат интересот и балансот, односно затврдениот распоред на моќта кој не смее да се наруши.

Очевидно, такви неопходни, долгорочни жаришта се Ирак и Авганистан. Во нив се „најевидентни“ токму интересот и балансот на моќта, а и на лаикот одамна му е јасно дека можат да се „угаснат“ мошне брзо, за само неколку месеци. Напротив, внатрешните судири не се спречуваат, тие се латентни, без никаков обид да запрат. Зад „кулисите“ дури и се поттикнуваат, пресметувајќи ги огромните цивилни жртви како „колатерална штета“.


Најнов ненадеен и „необичен“ воен „инцидент“ се случи денеска изутрина во главниот град на Авганистан. Како што јавија светските новински агенции, во добро организирана акција талибанците го нападнаа добро бранетиот центар на Кабул.

Прочитај и за ... >>  Лошо режирана и опасна врева

Имено, група на талибански воини изведе серија на напади во кои има десетици мртви и ранети.

Целта е јасна: зградите на владините министерства и претседателската палата. Главната акција е осуетена, неколкумина напаѓачи извеле самоубиствени напади, додека другите се повлекле во еден трговски центар каде што се забарикадирале. Уследиле повеќечасовни борби по кои, како што известија авганистански извори, „напаѓачите се неутрализирани“.

Борбите траеле речиси 5 часа, а авганистанскиот претседател Хамид Карзаи изјави дека ситуацијата е под контрола и редот е повторно воспоставен.

Првите проценки на аналитичарите се дека во најновата акција во Кабул талибанците сакале да ја нападнат претседателската палата и зградите на министерствата за правда, финансии, одбрани и единствениот кабулски хотел со пет ѕвездички, „Серена“, во кој одседнуваат странски дипломати и новинари.

Конкретно:

20-тина талибански борци, од кои неколкумина опашани со бомби за самоубиствена акција, се обиделе околу 9 часот исутрината да се пробијат до своите цели, но во тоа биле спречени. Во очај барем двајца ги активирале бомбите на своите тела, додека други, во повлекување, го зазеле големиот трговски центар. Уследиле жестоки судири со авганистанската полиција и по повеќе од 5 часа борба талибанците се ликвидирани. Моментниот биланс покажува дека во борбите загинале најмалку 14 лица, а 38-мина се ранети.

Прочитај и за ... >>  Надеж на светот: економски раст на САД во 2010-та

Се претпоставува дека конкретен повод за нападот била свеченоста во претседателската палата на која неколкумина министри требало да положат заклетва.

Имено, во саботата парламентот ја имаше втората рунда на гласање за министрите кои ги предложи шефот на државата Карзаи, а притоа пратениците избраа 10-мина од 17-темина колку што биле предложени. Со тоа бројот на изгласаните министри е зголемен на 14-мина од вкупно 25-мина, колку што има места во новата авганистанска влада.

Меѓутоа, некои сметаат дека во оваа акција има „нешто повеќе“- дека претставува и своевиден сигнал за САД и западната алијанса кои во последниве месеци се обидуваат со јакнење на своите трупи во Авганистан да обезбедат конечна победа во војната со талибанците. Се потсетува и дека таа уследила неполни две недели во пресрет на големата меѓународна конференција во Лондон (на 28. јануари), посветена на разрешувањето на авганистанскиот „јазол“. Таа се најавува како „последна шанса“ да се утврди завршна, но и успешна стратегија за окончување на странската интервенција во Авганистан, а што и овој најнов напад во „срцето“ на главниот град на Авганистан сериозно ја доведува во прашање.

Прочитај и за ... >>  „Меѓународната“ знае дека Атина не е подготвена на разумен компромис!

Специјалниот американски пратеник за Авганистан Ричард Холбрук предупреди дека вакви напади од талибанците може да се очекуваат и во иднина.

Командата на мисијата на НАТО -ИСАФ, која ја обезбедуваат македонски војници, не била цел на талибанските напади.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here