Потребно време за читање: 3 минути

Очекувано, Грција во Хаг е „приклештена“ со доказите дека во „случајот Македонија“ ја прекршила Времената спогодба, па нејзината одбрана беше јалова, на моменти дури инфантилна. Доказ за тоа е и сеопштата нервоза кај јужниот сосед, а некои експерти, новинари- аналитичари и политичари ги зафати параноја- само што уште не почнале да го пцујат својот осведочен добрососед.

Сигурно „до срце“ ги заболе адвокатите- бранители на Грција „шлаканицата“ на Филип Сендс, професор по право од Лондон, еден од застапниците на Македонија, а кој го започна вториот круг од усната расправа по тужбата на Македонија против Грција пред судот. Според него, настапот на Грција пред Меѓународниот суд на правдата е кажување приказни базирани врз митови и неосновани факти , а оној во првиот круг од расправата го нарече неоснован и неконзистентен:

„За да ја обојат оваа приказна се послужија со неколку техники, игнорираа факти коишто не им помагаа во случајот, фабрикуваа нови факти, дадоа делумен приказ на она што се случи, погрешно цитираа односно претставуваа трети страни, отидоа во историјата толку далеку, до 4-от век пред нашата ера, факти и елементи кои воопшто немаат никаква релевантност за овој случај. Се обидуваат судот да го вовлечат во политички игри“.

Тој потенцира дека Македонија има право самата себе да се нарекува со уставното име и тоа не претставува закана за никого, ниту доказ за иредентизам:

Прочитај и за ... >>  Уставниот суд на Македонија го „избрка“ верското образование од училиштата

„Велат дека оправдано е противењето со оглед на иредентистичката политика на подносителот (Македонија). Дадоа 27 примери за ова и велат дека ова е основата за нивното дејствување и дека тоа ja урива регионалната стабилност. Тоа се тврдења за коишто не беа дадени никакви докази во судот. Кои се тие докази за иредентизам? Кои се доказите според кои уставното име на подносителот е закана за регионалната стабилност? Не беа дадени никакви такви докази. Тоа се само тврдења што немаат заснованост во фактите, ниту пак се поддржани со изводи од трети страни“.

На делот за немањето основ за приговарање од страна на тужената страна се задржа професорот Шон Марфи, кој потсети на тврдата и непопустлива политика на официјална Атина:

„Бараме од Судот да не заборави и да го утврди неоспорниот факт кој го покажува однесувањето на тужената страна во 2007. и 2008. и дека таквите факти јасно покажуваат кршење на Времаната спогодба од 95. „Гејм овер“ – тужената страна сака да наметне дека НАТО самостојно одлучило за апликацијата на Македонија“.

Професор Пјер Клајн спореше со грчките аргументи кои се однесуваа на изземање на надлежностите на судот за носење одлука:

„Македонија го смета овој случај како сосема одвоен од процесот за решавање на разликите околу употребата на името, што грчката страна го игнорира и инсистира на поврзаност. Процесот за решавање на спорот за името беше и пред овој случај, а ќе продолжи и по него. Одлуката на Судот нема да влијае на тоа и не би значела политичко мешање. Затоа Судот треба да се прогласи за надлежен и да ги прифати барањата на Македонија содржани во апликацијата.

Прочитај и за ... >>  Марсеј и Кошице европски престолнини на културата во 2013-та

Македонската усна аргументација ја заврши амбасадорот Никола Димитров. Тој нагласи дека Грција се противеше на нашето членство во НАТО, во организацијата во која Република Македонија гледа стабилност и линија од која нема враќање кон годините на страв и несигурност. Потсети на моментите на нашето меѓународно етаблирање, од кога е евидентен и грчкиот притисок, и кога во услови на турбулентни времиња на Балканот Македонија решила своето регистрирање во Обединетите Нации да го направи не со уставното име, што е преседан и незабележан пример досега, со што ја презела улогата на држава –дух:

„Она што го бараме е јасна пресуда што ќе ја обнови правната стабилност и ќе потврди дека она што еднаш е договорено не смее да се користи за да се добие предност по прашањето за името. Ако Судот донесе пресуда во наша корист, двете страни ќе го имаат истиот товар и поттик да продолжат со преговорите за да ги надминат разликите околу името на мојата земја. Ефектот од вашата одлука ќе биде одново да се воспостави режимот за што е постигната согласност во 1995. година и е следен во следните 13 години“.

Прочитај и за ... >>  Последна фаза од сценарио или последен очајнички обид за спас од дефинитивен пораз

Усната расправа од процесот на Република Македонија против Република Грција за прекршување на Времената спогодба завршува в среда со настап на грчката страна. По ова судот ќе се повлече до изрекувањето на конечната пресуда, веројатно на есен.

Целта на тужбеното барање е судот да утврди дека Грција на самитот на НАТО во Букурешт во 2008. година го прекршила членот 11 од Времената спогодба од 1995., односно дека приговорила на членството на земјата во Алијансата под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Од судот, исто така, се бара на Грција да и наложи понатаму истата да не ја прекршува.

Иако се потенцира дека целта на процесот во Хаг е да се има „ист товар“ кај двете страни, но и „поттик да продолжат со преговорите за да ги надминат разликите околу името“, пресудата секако ќе има големо влијание врз членките н ЕУ и НАТО- тие конечно да ја „притиснат“ својата „миленичка“ Грција и да го олеснат и забрзаат евро-натовската интеграција на Република Македонија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here