Би сакал да позборувам со некој од Владата за мак спортот!

(ЉупчоДимитровски, Дневен е-Еснаф, 24.01.2006)

Дали некој може да се сети нашиот премиер да гукнал макар збор за македонскиот спорт, за настапите и резултатите на македонските спортисти на меѓународната сцена?

Јас никако да се сетам. Всушност, ми текнува дека пред извесно време претседателот Црвенковски собра некои спортски работници и бивши активни спортисти, малку помуабети со нив за она што „би било добро“ да се направи во наредниот период, и толку беше. А, да, како и за многу други нешта, некои пратеници „подрипнаа“ за „смешните“ средства што се издвоија за него во Буџетот, колку да не биде без ич.

Дури, никако да се сетам премиерот или претседателот (не само од нив двајцата, туку и од „нивните“) да присуствува на некој натпревар, ако не од локален барем од регионален или европски- светски карактер (значи, не само во нашава земја). А од друга страна, Бучковски просто како да ни се закани дека годинава ќе не европеизирал. Без спортот и физичката култура? Без ни малку спортско- натпреварувачки дух?

Ептен ми се допаѓа кога ќе слушнам од младите, а слушам многу често во последно време, дека оние (овие) во власта се „дунстери“ за спорт. Знаете ли што значи зборот „дунстер“? Лично се потрудив да дознаете. Бидејќи го нема во речниците и енциклопедиите што ми се при рака, се консултирав со младите и тие убаво ми објаснија: „дунстер“ е нешто како „дрво,камен и железо, ама без фантазија“, како дибек, како глупав, „тупав“ односно кој нема поим, ништо не разбира, како неспособен и слично на тоа. Немало директно објаснение, ами само индиректно. Исто како „тајкун“, на пример.

Демек, дунстери ни се во Владава, на чело со Бучковски, кога очигледно, меѓу другото, не знаат ниедно спортско правило, па затоа ги нема во спортските сали, хали и на стадионите. Зашто како „дунстери“ може да се најдат во „неблагопријатна“ ситуација: да не знаат што гледаат односно за кој спорт се работи.

Некои во младоста биле спортисти, се занимавале со спорт? Сега во староста не? Значи, имаме се стари во власта, ниту еден барем со младешки, спортски, натпреварувачки дух? На сите им е паднат? Уште само славеничкиот добро им стои? Којзнае.

А баш би сакал да позборувам со некој од Владата за македонскиот спорт. Не за резултатите, туку онака, „општо“. Ако не повеќе и поинаку, барем како нашиот претседател со спортските работници, бизнисмените што ги „поддржуваат“ и бившите активни спортисти.

На пример, ептен посакувам на оваа тема да помуабетам со нашата „еврооинтеграторка“ Шеќеринска за спротските европски стандарди (може муабетот да го сведеме и на прилагодувањето на спортската легислатива на европската), поконкретно за македонскиот спорт како дел од „нејзината“ успешна приказна (мислам, што ја раскажува во своја верзија). Или со дипломатската ни дама Илинка Митрева на тема: спортот во функција на меѓународната афирмација на Македонија, а особено дали и со спортот Република Македонија заслужува да се најде во ЕУ и пошироко.

А би ми било ептен мерак да помуабетам со министерот за образование и наука Положани на тема: „Спортот и физичката култура во реформираното образование“.

Добро де, може, немам ништо против да се најдам во муабет и со министерот за здравство Владо Димов, за влијанието на спортот врз општата здравствена „ситуираност“ во Македонија.

Да ви кажам најискрено, би ми било малку повеќе мерак за спортот да позборам со „финансискиот“ Никола Поповски, а богами би нашол „релации“ и со некој од партиските лидери. На пример, со Али Ахмети на тема: „Спортот и имплементацијата на Рамковната спогодба“.

Со Груевски не би сакал бидејќи боксот некако не ми „лежи“, а знам дека тој во младоста (значи, во меѓувреме остарел) активно боксувал.

Туку, деновиве, разговарајќи со некои мои пријатели токму на оваа тема односно за оваа моја желба, која морам да признаам дека се повеќе ми „расте“ како што се интензивира предизборната кампања, еден од нив ме стави во мисла со препорака да си немам никаква дилема:

„Ако сакаш да позборуваш на спортска тема со некој од полит- бизнисмените или бизнис- политмените, јави му се на најангажираниот на тој план- Трифун Костовски“.

Навистина, си немам никаква дилема кога е тој „во прашање“. Само, сигурен сум дека воопшто не е е соодветен, ниту за „неангажиран“ муабет, а камо ли за плодна дискусија, за она што ми се наметнува како најактуелно во последно време: мафијата во спортот и борбата против неа. Сепак, за тоа ми се некако „поблиски“ некои во власта, во Владата и покрај неа. Па и некои во партиите. И од позицијата и од опозицијата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *