Потребно време за читање: 3 минути

Пред парламентарните избори во 2006- та година во електронскиот дневен весник „Дневен е-Еснаф“ објавив серија на прилози кои на директен или индиректен начин беа посветени на предизборниот процес и значењето на тие избори за натамошниот развој на демократијата во Република Македонија.

Едно од суштинските прашања што ги поставив и се обидов да дадам иницијална, поттикнувачка промисла, беше релацијата бизнис- политика, нивната поврзаност и меѓузависност.

Прилогот што го нудам на (пре)прочит беше објавен на 12.05. 2006-та, под наслов „Бизнис и политика? Не! Политика (избори) и бизнис.

Нема да откријам ништо ново и непознато ако констатирам дека токму поради „вториот дел“ од насловов севкупната состојба во нашава држава е таква каква што е, односно никаква. Не помогнаа ниту „фингираните“ и „разубавувани“ бројки за постигањата во изминатиот период кои народот „само што не ги почувствувал“, па актуелната власт како да крена раце и од тој дел на „успешната приказна“. (Најверојатно ги подготвува за предизборната кампања, што ќе рече дека не значи оти пак нема да се наврати на нив.)

Нераскинливата врска и кај нас, како впрочем и во сиот пред се и над се бизнисменски свет, дава различни резултати во зависност од „редоследот“: позитивни- високи кога станува збор за „бизнис и политика“, а негативни, дури катастрофални (како кај нас) кога е „политиката и бизнисот“ на „пиедесталот“. И така ќе биде, ќе остане уште долго време.

Прочитај и за ... >>  Важна победа на и за Република Македонија

Пред сосем кусо да одговорам зошто (нема потреба од долго и опширно бидејќи е се одамна познато, трагично за сегашните и којзнае колку идни генерации, трагикомично за нашиве политиканти), да го „подобјаснам“ она во заградата во насловот, како алтернатива или конкретизација на политиката. Се работи за „најновиот миг“, моментната ситуација и следните 60-тина дена, па и некоја недела плус, веројатно и некој месец потоа. Се разбира, мислам на предизборниов период, пред парламентарните избори закажани за 5-ти јули.

Дека, за жал, многу „транспарентно“ уште еднаш се покажува и докажува дека кај нас се работи за „политика и бизнис“, потврдуваат почнатите „жалопојки“ на медиумите. Проблемот е сериозен и се повторува пред кои било избори. Не затоа што не е решлив, туку поради фактот што ниту сме имале, ниту ќе имаме фер и демократски, „скандинавско кристални“ избори (мислам и на претстојните парламентарни).

Кога би било поинаку, медиумите никогаш не би се нашле (ниту сега) во ситуација буквално да „гладуваат“. И со „голо око“ може да се забележи сиромашниот маркетиншки колач: само по две- три „рекламчиња“, и тоа „рестлови“, „остатоци“ од подолгорочни рекламни пакет- аранжмани. Знаете зошто? Претпоставувам дека претпоставувате: затоа што нашите фирми, големи и мали, или се веќе нападнати или се подготвени за нападите на политичките партии, поконкретно на нивните раководства и изборни штабови кои, меѓу другото, треба да обезбедат финансирање на предизборната кампања, но и избор на „своите“ медиуми на кои таа ќе се спроведе.

Прочитај и за ... >>  Прашање на ден кога ќе падне Владата на Караманлис

За спрегата, поточно „папочната врвка“ или „тројството“ помеѓу медимуите, маркетиншките агенции како застапници и „престапници“ на компании- фирми и политичките партии другпат. Само уште ќе ви откријам една мошне интересна „практика“ особено на помалите фирми: да даваат, да учествуваат во финансирањето на предизборни кампањи на партии и од позицијата и од опозицијата. Па „кому иде“, со кого ќе треба да се биде во наредниот период.

Кој во ваква ситуација го јаде и ќе го јаде „стапот“? Се знае: независните медиуми. А кого, пак, „заболе“ за нив кога и онака се во толку мал број што можат да се избројат со прстите од едната рака (в џеб, скриено, за да не настрадаат изброените уште повеќе, со нови страданија). Мислите дека ова не му е познато на „меѓународниот фактор“? Ако не му е, зошто тогаш инсистираше и постојано инсистира на транспарентност во финансирањето на партиите (не само на нивните предизборни активности) како еден од главните предуслови за фер и демократски избори? Инсистира, ама кој го „шиша“…

Зошто е кај нас „политика и бизнис“, а не „бизнис и политика“? Затоа што бизнисот кај нас го водат и раководат политиканти, а не вистински бизнисмени. Да бидам попрецизен, го водат полит-бизнис олигарси на кои, сосема нормално, не им може никој ништо, ниту меѓу себе си можат, та не си „прават“, туку саде самите себе си се „онадат“. А „најништо“ не им можат малите кои се борат барем да се под нив. Тоа е „рак- раната“ на нашата севкупна катастрофа и бесперспективност. Кога бизнисот би го воделе вистински бизнисмени, би биле свесни за сопствената моќ, способност, знаење, стручност, искуство итн., па најнапред тие би ги оценувале предизборните заложби на партиите и јавно, транспарентно би ги поддржувале или не исклучиво тргнувајќи од сопствени, приватни интереси, а што би било знак- сигнал за определба и на определените и на неопределените избирачи.

Прочитај и за ... >>  Време за Курбан Бајрам

Затоа што на вистинските бизнисмени им требаат политичари кои ќе работат на јакнење на државата на секој план, конкретно на нејзино богатење, а не постојано осиромашување. Затоа што тие најдобро знаат дека нема успешен, голем, моќен бизнис во слаба, сиромашна и страдална држава. Токму во таа „насока“ беше надевањето (за жал, се изјалови) и на „меѓународниот фактор„ и на независните (оние на кои им се преку глава сите досегашни „пулитичари“): дека конечно на политичката сцена ќе се појави нов, на стартот моќен субјект.

Да, се додека „бизнисот и политиката“ не бидат алфа и омега на нашето севкупно живеење, работење и дејствување, а не „политиката и бизнисот“, нашава држава и сите ние во неа ќе бидеме и ќе останеме ова што сме.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here