Бизнис клима

Конечно не се покажа или откри, туку само се потврди дека Македонија, ваква каква што е, не е и не може да биде продадена на странскиот пазар како „успешна приказна“. (Без наводници продавањето е или завршено или е при крај, ама неуспешно за граѓаните на ова парче земја, во кои не се вбројуваат „раководните“ политичари).

Оние што во сиот изминат период се обидуваа и имаа успех во замајувањето на народот, веќе не можат да се кријат зад неа како измислена. Од проста причина што не се вешти во „раскажувањето“.

Неуспехот е најтежок во три клучни сегменти кои во суштина дефинираат една земја како унитарна, независна и модерна, со реални шанси во скорешна иднина да стане и европска (за членство уште долго ќе се измислуваат приказни кои измислувачите не ќе можат успешно да им ги раскажуваат ниту на големи деца): безбедноста, политичко-правната стабилност и функционалност, и економски раст и развој. Во сите три наведени клучни сегменти се „постигнати“ катастрофални резултати. Само наивните (политичките трабанти) и „слепите“ можат да го тврдат спротивното.

На безбедносен план имаме секојдневен криминал кому не може (не смее) ниту „влакно“ да му падне од глава, по цена и на улични „рафално-гангстерски“ судири среде бел ден, а секојдневно ја „докомплицираат“ врвовите на полит-бизнис олигархијата.

На политички план земјата е практично „паразитизирана“ со „политичкиот дијалог“ односно (не)посредното учество на опозицијата „за подобро“ или „за живот на сите“.

Правното средување штотуку започна со реформи во судството кои сигурно ќе траат додека им „истрае“ мандатот на „непартизираните“ судии.

А што се однесува на економијата, власта (сегашната и сите пред неа) постојано се теши со она „народното“: „Кај да е, ќе тргне“.

Овојпат токму за „тргнатото“.

Најнегативните оценки на „меѓународниот фактор“ за овој сегмент постојано, во континуитет, што ќе рече со години се однесуваат на два од неколкуте економски столба: „нормалното“ (јас велам чесно) деловно работење и инвестициите. Од првото само понекој „срамежлив збор“. Да, негативна е оценката за борбата против корупцијата која, како што велат некои, и од авион може да се види дека го заразила највисокиот државен врв.

Едно логично прашање во овој контекст:

Кога и како е можно еден „октопод“ да се претвори во „пирамида“, па потоа по неа да се удри со „снимени бомби“?

Посебен акцент ставам на бизнис климата која, според власта, се создава „интензивно“. (Зарем е можно досега да не била содадена, воопшто да не сме ја имале? А што сме имале? Белки во една транзитирана и просперитетна земја треба да се работи континуирано на подобрување на бизнис климата, а не на нејзино создавање).

Нема да елаборирам опшрино и аналитички, туку само ќе ги потсетам оние што ја „создаваат“, а тоа некако тешко им оди:

Ако во некоја земја не постои бизнис клима, не може да постои ниту бизнис. Што постои? Она што постои кај нас: олигархија, полит-бизнисменски кругови и кругчиња, целосна зависност (партиска и друга), пирамиди, облакодери, бункери и (не)тендерски „швајцарски сирења“, димни и секакви други „бомби“…„Обратно пропорционално“: за да постои бизнис, треба да има (не да се создава) бизнис клима која постојано ќе се подобрува, надградува. Имаме бизнис клима?

На оние што не разбираат што е тоа бизнис клима (или не сакаат да разберат оти разбирањето им ги мати сметките) очигледно треба да им „преведеме“:

Дами и Господа од политичко-финансиската олигархија (или мафија, сеедно), станува збор за правила на игра. И притоа акцентот се става на правилата, а не на играта. Кога сите играат според утврдени правила, судијата на теренот не се ни забележува доколку ги применува доследно, непристрасно, непресметливо.

Има и трето што ги заменува бизнис климата во „создавање“ и правилата на игра: систем на вредности.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *