Потребно време за читање: 3 минути

Ова е несфатливо:

Централниот одбор на СДСМ утре ќе одлучува кога ќе се објават „компромитирачките материјали за власта“, соопшти портпаролот Петре Шилегов!

Зошто несфатливо? Затоа што од ова соопштение може да се заклучи следново: материјалите не се на Зоран Заев, туку на СДСМ, а за нив (нивно прибирање и поседување) е поднесена кривична пријава против Заев! Или во најмала рака „сопственоста“ е заедничка, па следствено и пријавата би морала да биде „споделена“. Но и ова: еден дел од тие материјали никако, во ниеден момент не би смеел да биде во посед на тој што ги добил или собрал, особено не по обзнаната за тоа.

Да појаснам:

Како што изјави Заев, тој поседува два вида на „инкриминирачки материјали“: за финансиски малверзации на функционери на власта и стенограмски белешки од незаконски прислушкувања, следења и снимања.

Нужно е да разграничиме: кривичната пријава за Заев, еднакво како и за останатите тројца „учесници“ во аферата „Пуч“, се однесува на стенограмските белешки, а никако не би можеле да се однесуваат на оние за финансиски малверзации. Следствено, како што е тоа сторено со останатите тројца, и на Заев досега требало (голем пропуст!), всушност морало веднаш да му бидат одземени стенограмските белешки. Оние за финансиски малверзации можат да му послужат како докази при покренување кривична за криминал на функционери на власта. Додека не покрене, тие се само безвредна хартија со која може „да се слика“.

Прочитај и за ... >>  Кампања за предвиден пораз и сигурна победа

Ете конкретно на што се однесува кривичната: за сторено кривично дело шпијунажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи. И предупредувањето на јавното обвинителство се однесува токму на стенограмските белешки (секако не на материјалите за финансиски малверзации): „кои може да станат предмет на натамошната кривична постапка“, зашто е тоа забрането и казниво со Закон.

Според мене, и ова е еднакво важно:

Заев изјави дека „материјалите“ што ги поседува не се од странска разузнавачка служба (го лажел Груевски), туку, парафразирам, од „загрижени“ граѓани за состојбите во Македонија, а против актуелната власт. (Веројатно мисли и на тројцата притворени, заедно со него осомничени.) Треба ли да очекуваме во наредниот период и тие („загрижените“) да бидат откриени и обвинети дека сториле исто кривично дело?

Посочувам и на еден мошне важен „момент“ од обраќањето на Никола Груевски, а кој намерно или ненамерно се пренебрегнува:

Груевски не покренал кривична пријава, туку најави дека ќе сведочи на судскиот процес за се што му кажал Заев, пред се за средбите на кои тој го информирал во врска со негови средби со странска разузнавачка служба: „Денес е поднесена кривична пријава за неколкумина лица, меѓу кои и лицето З.З., за сторено кривично дело шпијунажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“.

Потенцирам, не рече „поднесов“, туку „е поднесена“ (се знае од кого) и не дека го обвинил за пуч (или државен преврат-удар). А што значи „шпијунажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“, оставам да одговорат-одговараат експертите.

Прочитај и за ... >>  Отворени многу „нови страници“ на и за Македонија

Што се однесува на изјавата на Заев, дека со „бомбата“ не го уценувал Груевски, само посочувам на „последичниот“ заклучок: ако Груевски прифател формирање техничка Влада, „бомбата“ немало да „експлодира“ и „никому ништо“. Во спротивно, зошто „експлозијата“ се одлага, се „ескивира“ толку месеци?

Впрочем, што барал Заев кај Груевски во врска со „материјалите“, сеедно дали се добиени од странска разузнавачка служба или од „илјадници загрижени граѓани“? Да го запознае, предупреди, да се посоветува или, можеби, имал потреба од обичен, „кафеански“ лаф-муабет?

Се сеќавате на аферата „Големо уво“? Ја откри поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски. Тој обелодени стенограми од разговори на политичари, новинари и дипломати кои биле прислушувани, а веднаш потоа ги предаде на скопското Обвинителство! Тоа отвори постапка за тогашната министерка за внатрешни работи Доста Димовска и началникот во МВР, Александар Цветков, но тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски ги аболицираше.

Исто, ни малку различно: Заев изјави дека „тајните служби на Никола Груевски следеле илјадници граѓани на Македонија, нарушувајќи ја нивната приватност и професионален ангажман, а аргументите и доказите ја докажуваат спрегата на релација МВР-судство-партија“. Доказните материјали се се уште во негови раце или во штабот на СДСМ!

Прочитај и за ... >>  Зошто техничка влада?

Во 2013. година судот во Стразбур одлучи на 17-мина новинари, кои беа жртви во аферата „Големо уво“- биле прислушкувани од службите за безбедност, државата на име обештетување да им исплати по 1.850 евра. За време на судскиот процес во Скопје, новинарите исто така беа предупредени дека не смеат да објавуваат документи кои може да станат предмет на натамошната кривична постапка, затоа што е тоа забрането и казниво со Закон.

На крајот од овој прилог, она што е загрижувачко за граѓаните на Македонија, а веќе има јавни реакции:

Зошто Заев, исто како Црвенковски, се уше не им овозможува на „илјадниците“ жртви (секој поединечно), кои според стенограмите кои наводно ги поседува биле незаконски прислушкувани, следени и снимани, да ја тужат власта и да добијат обештетување? Зошто дозволува тие и натаму да бидат „третирани“ од власта, што ќе рече и натаму да бидат загрозени од неа, да се во опасност?

Не, во меѓувреме „бомбата“ не „експлодира“ во рацете на Заев, ниту во штабот на СДСМ. Затоа што станува збор за- вежбовна!

И затоа на утрешната седница на Централниот одбор на СДСМ би требало да се донесе одлука, без никаква „бомбастичност“, за единствениот спас на „најголемата“ опозициона партија во Македонија, а на кој укажав по нејзиниот последен изборен пораз: „чистка“ од дното до врвот и комплетно „ребендирање“. Всушност, самоукинување на СДСМ и формирање нова партија!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here