Потребно време за читање: 5 минути

„Воинот на коњ“ конечно се „смести“ на местото што нему, како македонски крал, му доликува: на плоштадот „Македонија“. Голем, достоинствен, величествен, за восхит и гордеење.

Личел на Александар Македонски- Александар Велики или Великиот Александар Македонски? А кој е тој?

Да не е оној што никогаш не се нарекол Александар Грчки, меѓу другото затоа што бил македонски крал, ученик на Аристотел, кој најнапред продрел токму во Грција, која сакала да се ослободи од Македонија, извојувал битка против неа, ја покорил и тргнал во освојување на Европа и Мала Азија?

Де не е оној што никогаш не се нарекол Александар Данајски за да не го „врзат“ со Данајците- Грците и нивниот „Тројански коњ“, односно „Данајскиот дар“ од кој и денешните Грци никако не можат да се ослободат?

Во центарот на Скопје „воинот“ е „качен“ високо на својот коњ (Александар и неговиот Букефал) за да можат сите што сакаат да го догледаат да ги кренат главите високо. Колку и да ги научиле да ги веднат многумина „велики“ во нивното лично и колективно минато сосе сегашноста. А под него современа, модерна, кружна фонтана во ритамот на срцето.

На впечаток- допаѓање или недопаѓање на што било имаме право сите. На суд- за вредноста и естетските димензии имаме право само доколку сме стручни и со изграден, па и афирмиран критериум. Тоа еднакво се однесува и на споменикот- фонтана „Воинот на коњ“ и на спомениците на Филип Втори, како и на се друго во рамките на проектот „Скопје 2014“.

Патем, токму поради немање на ниту основно знаење и никаков изграден критериум некои (особено помлади новинари) барокот, во кој живееше Европа цел век, го изедначуваат со краткотрајниот рококо што следи по него. Или непознавањето и неследењето на постмодернизмот, односно мултимедијалноста и интермедијалноста (на пример уметничките и поетските инсталации), а во кои живееме, кои, меѓу другото, ги бришат границите, ги „мешаат“ минатите и сегашните стилови на уметноста, на живеењето воопшто.

Тврдам дека центарот на Скопје, токму под „Воинот на коњ“ ќе биде местото каде што ќе се среќаваат млади и стари кои ќе се вљубуваат и разљубуваат, ќе се поврзуваат и разделуваат, ќе разменуваат и споделуваат, ќе муабетат и молчат…не „Кај коњот“ (популарен споменик на Обреновиќ на Плоштадот на Републиката во Белград), туку „Под воинот“. Или „Кај Александар“, „Под Букефал“…

Прочитај и за ... >>  Сепак, само вербален напад

Споменикот на „воинот“ (Александар Македонски), висок 14,5 метри и тежок 30 тони, е „фиксиран“ на фонтаната која ќе проработи на 8- ми септември- на 20- годишнината од самостојноста на Република Македонија. Изработен е од бронза, поставен на бетонски постамент висок 10 метри. . Техничките процедури и активности околу поставувањето ги изврши стручен и професионален тим од италијанската леарница „Фрединандо Маринели“, каде што е изработен.

Познато, а подзаборавено:

Плоштадите ни ги покажуваат културата и историјата на еден град, народ, земја. На нив се наоѓаат најубавите згради, театри, музеи, библиотеки. Ги красат велелепни фонтани, ресторани, монументални споменици. Имињата ги добиваат според најзначајни личности, кралеви, поети, хеори или според историски настани.

Следствено, плоштадот „Македонија“ во Скопје, со се она што е веќе поставено, изградено и направено, со се она што го содржи проектот „Скопје 2014“, конечно стана- станува она што е плоштадот, осбено централниот насекаде во светот, во секоја метропола.

Гордоста и одушевеноста на скулпторката Валентина Стефановска, авторката на споменикот- фонтана „Воинот на коњ“, не ги „поткрепува“ хонорарот од 650.000 евра, а уште помалку потрошените „фантастични“ 9.400.000 евра (само за споменикот во бронза се платени 5, 3 милиони евра). „Фантастична“ е и неплатената даночна обврска на само една опозициона (СДСМ-овска) телевизија(малку поголема сума!).

Реакцијата на Грција е најблаго речено чудна: спомениците „Воинот на коњ“ и на Филип Втори (во исто време, на ист ден поставени на плоштадот „Автокоманда“ во Скопје и во Битола; смислено или не сеедно) влијаеле на преговарачкиот процес во врска со проблемот што нашиот јужен сосед го има со името на земјава. (Повторувам по којзнае кој пат: не станува збор за никаков билатерален проблем, ниту за „разлики за името“, туку токму како што наведувам и сега- проблем на Грција со името Македонија- и не уставното име на земјава)?! Како да влијаат?

Еве што рече новиот шеф на грчката дипломатија Ставрос Ламбринидис:

Прочитај и за ... >>  Очекувани и логични вонредни избори

„Се надеваме дека тоа ќе го разбере и владата во Скопје. Ние ги поддржуваме европски аспирации на соседот и ќе бидеме нивниот најголем сојузник во процесот, но нашите односи мора да се темелат на добрососедство.. Решавање на спорот за името е предуслов за прием во НАТО и почеток на преговори со ЕУ…Поставените споменици се предизвик за разговорите и за жал го оптоваруваат процесот со иредентизам – најголемата опасност за регионот“.

Се разбира, нагласи дека за сето тоа Атина ја известила Европската унија.

Европската унија сигурно знае и за споменикот на Александар Македонски- Александар Велики во Ирак, близу до Мосул, на локација пресудна за победата на македонскиот освојувач над војската на Персиското царство (во 331. година пред Хриоста), а кој го гради токму Грција (со договор со „земјата- домаќин“). Ова колку за „валидноста“ на пораката од Атина дека Република Македонија треба да биде свртена не кон минатото, туку само кон сегашноста и иднината (Грција не треба).

А каква провокација е најавата на грчката Влада од пред некој ден дека Грција ќе му подигне споменик на Дарко Панчев во Атина? (Немам информација од „блиски извори“ до него, ама сум сигурен дека се „скинал“ од смеење како јас и вие сега што чувте- прочитавте за ова)? „Процес со иредентизам“? Тоа ќе да е и ништо друго.

Грците не се шегуваат: грчката влада на јавноста „на увид“ и достави фотографии на голем споменик на Дарко, кого планира да го постави на ридот Акропол, во близина на прочуениот Партенон. Во веста на српскиот„Њуз“, што ја пренесоа бројни агенции и печатени и електронски медиуми во светот, уште се вели:

Спооменикот со ликот на прославениот грчки фудбалер (?!) Дарко Панчев моментно се изработува во леарницата „Олимпија“, близу до Атина, и ќе биде за 1 метар повисок од скопскиот споменик на Александар Македонски. „Отворањето“ е планирано за крајот на јули, кога е туристичкиот шпиц.

Следува најинтересното како дел од „процесот со иредентизам“:

„Дедо му на Дарко, Љупчо Панчев, чие вистинско име било Лјупчос Панчевидис, живеел во едно село близу до Солун и бил земјоделец кој најмногу се занимавал со одгледување на зелка. Според сведочење на мештаните, тој умеел да се поигрува со главиците зелка „пимплајќи“ ги и забавувајќи го селото, па не е чудо што неговиот внук Дарко ја наследил таа дарба. Нема сомнение дека Дарко Панчев влече силни грчки корени“.

Прочитај и за ... >>  Македонија во катастрофална ситуација? А Грција?

Сето наведено е речено од познатиот грчки историчар Јоргос Митос! Иако подигање на споменик на жива личност претставува своевиден преседан, овој „познат“ историчар смета дека во одделни случаи треба се направи исклучок:

„Дарко Панчев го прослави фудбалот ширум Европа и сега, откако утврдивме дека е Грк по потекло, може во многу што да го поправи имиџот на Грција, кој е доста разнишан поради економската криза“.

Освен споменикот на Дарко Панчев, грчката влада планира и подигање на биста на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров, зашто е утврдено дека вториот сопруг на неговата баба е по потекло од Атина (!).

На здравје, Дарко и Киро, и нека ни е на здравје и нам и вам, а бога ми и на Грците.

Не ви е верно? Па луѓе, смејте се на „штосов“, ама внимавајте- и смеењето може да биде нездраво.

А дека подигањето споменици и скулптури не е македонски „хит“, туку нешто што е моден крик насекаде во светот (ова најсериозно- заедно со уличната уметност односно street art-от) и не треба со тоа да се прави мајтап (како што се прави, на пример, во Србија по повод поставувањето на „Воинот на коњ“), потврдува и, на пример, споменикот на легендата на реге музиката Боб Марли, поставен пред три години во едно село во Банат- Војводина, на 90 километри северно од главниот град на Србија- Белград (се вика Банатски Соколац). Станува збор за прв споменик на Марли во Европа, засега се уште единствен.

Ама не е само тој за восхит и гордост на српскиот народ. Србите веќе си имаат споменици на пливачот Џони Вајсмилер, легендарниот „Тарзан, кралот на џунглата“, и на Силвестер Сталоне, легендарниот глумец боксер „Роки Балбое“.

Во Мостар (Босна и Херцеговина) е поставен споменик на „Малиот Змеј“- хонгкошкиот блумец Брус Ли.

Словенците имаат „свој“ Наполеон…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here