Потребно време за читање: 3 минути

(Прилог на Љупчо Димитровски објавен во „Дневен е-Еснаф“, 05.01.2006)

Пред крајот на 2005-та година , во рамките на политичките, економските и секакви други прогнози и очекувања во оваа 2006-та, од некои наши водечки политичари беа најавени можни „чудни“ коалиции по годинашните парламентарни избори во Македонија.

Конкретно, беше посочена една таква- помеѓу „лутите“ противници СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, се мисли и на други, не помалку „чудни“.

Слушајќи ги таквите прогнози или најави- очекувања, се чудев и се чудам зошто однапред се нарекоа- окарактеризираа како „чудни“ или, како што најверојатно се сакаше да се каже, необични- изненадувачки. Не само јас, како скромен „гледач“ и „проследувач“ на македонската политичка сцена, туку и експерти во и надвор од неа им се чудат на „зачудените“. Ако не станува збор за предвремено продавање на „политичка магла“, тогаш не ќе е друго, освен порака до наивните и досега изманипулираните гласачи (доколку се уште има такви).

Нема апсолутно ништо чудно, туку напротив, сосема е очекувано губитници предвреме да најавуваат коалиции и навреме да се „одбранат“ себеси, како актери во нив, со тоа што уште сега ќе ги наречат „чудни“. Кога велам губитници, не мислам на поразените на следните парламентарни избори (за тоа другпат, се уште е рано), туку на сегашните. Па, зарем може некоја од постојните партии , и од позицијата и од опозицијата, да се смета себе си за „добитничка“ во сиот досегашен транзиционо- реформски процес, без оглед на „обемот“ на сопственото партиципирање во него (во и од која било позиција)? Зарем има некоја од нив (нивните врвни раководства) која без „срам и перде“ може да се смета за таква, со оглед на моментниот рејтинг кај народот односно граѓаните, најодносно кај гласачкото тело? И зарем некои од (во) нив мислат дека до изборите има доволно време за да си го подобрат до таа мера што ќе бидат сигурни во победа со не чудни, туку со „нормални“, што ќе рече очекувани коалиции? Самоувереноста и самобендисаноста се едно, а сосема друга е реалноста (ниту оптимистичка, ниту песимистичка).

Прочитај и за ... >>  Убиството на Бин Ладен и натаму светска топ тема

Само како потсетување на она што се случуваше во блиското минато во потесниот и поширокиот регион: секој што реформираше, а пред се европеизираше (оти не можеше да „ескивира“), мораше да се помири со предвидлив пораз на следните избори. Не затоа што тоа- европеизирањето по дефиниција е болно, проблематично, непопуларно итн., туку оти тоа или било само почеток (колку да се почне) или со воздршка, а најчесто „гребење по површината“.

Сегашнава состојба кај нас многу наликува на таков предизборен период: успесите се „големи“ (статистички тоа постојано се презентира), ама народот се уште „не може да ги види и почувствува“.

Суштината на најавувањето на „чудни“ коалции по следните парламентарни избори е реалниот страв од пораз. Не сакам да кажам неминовен, бидејќи е се уште рано тој да се најавува (значи, не дека нема да се случи). Реален е затоа што од него- од стравот никој се уште не може да се ослободи. И уште долго „релевантните“ политички субјекти ќе ги држи „заробени“. Кај некои во однесувањето и дејствувањето можеме да забележиме дури и параноични реакции. Како беше она: „За да победам, ако треба и со ѓаволот ќе заиграм (ќе коалицирам)“. Така некако, нели?

Прочитај и за ... >>  Очекуван трансфер, но не и за „планина“ од долари

Имено, стравот е од нов политички субјект. Не велам нови, затоа што најавените нови веќе се појавија (и сигурно нема, како што се надеваат „старите“, да бидат маргинални), туку „вистински“ нов кој сеуште се очекува да се појави. Токму поради се уште отвореното прашање дали ќе се појави (што, како што „меѓу редови“ е најавено, зависи исклучиво од проценката на самите „нови“ кога е (ќе биде) вистинскиот момент), поразот на постојните губитници се уште не може да се прогласи како неминовен.

Што се однесува на коалициите, првото прашање кое се одбегнува како „жежок костен“ гласи:

Зошто е неминовно коалиционо владеење во Република Македонија?

На оние што најавуваат „чудни“ коалиции им поставувам ваква хипотетичка ситуација (колку малку да се забавуваат и релаксираат во овие празнични денови):

Еден убав зимско- пролетен ден се обзнанува нов политички субјект на македонската сцена, со граѓанска провениенција, во кој токму поради провениенцијата се зачленуваат (не масовно, тоа воопшто не значи ништо и не е потребно- кое членство се смета за „масовно“?) личности, авторитети, творци од сите мнозинско- немнозински заедници (бидејќи припадноста не им значи апсолутно ништо како граѓани на една модерна, европеизирана држава), и на парламентарните избори годинава победува со освоени 115 пратенички места (5 „им остава“ на независните).

Прочитај и за ... >>  Споменици и скулптури во центарот на Скопје: тежината на опозиционерското „против“

А бидејќи е граѓанска („индивидуалистичка“), во нејзините редови со еднаква валидност и респект „живо“ егзистираат и позицијата и опозицијата, па нема никаков проблем со демократијата која, нели, не е можна без едната против другата.

Зошто во таков случај би било „неминовно“ или (поблага варијанта) „пожелно“ какво годе чудно- нечудно коалицирање?

Не може да се случи? Има една девиза најнепосредно врзана за егзистенцијата, напредокот, во рамките на „еднаквоста на различностите“ (се мисли пред се на толеранцијата, меѓусебното разбирање, коегзистенцијата и компромисот), која гласи:

„Никогаш не вели никогаш“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here