Потребно време за читање: 5 минути

И на политичкиот лаик веќе му е јасно дека Саакашвили не води „гола борба“ за власт, и натаму да остане претседател на Грузија, туку „мора да остане“ поради остварување на пошироки геополитички и геостратешки интереси: држејќи ги во латентна криза руско- грузиските оноси НАТО, односно западните сили предводени од САД да бидат што поблиску до Русија, на самата нејзина граница, со единствена цел да се спречи ширење на нејзиното влијание. Сферите на влијание се од исклучителна важност во овој само навидум глобализиран свет, а всушност во сериозна и веројатно долгорочна нова Студена војна, во нова „софистицирана“ форма.

Тешко е да се одговори на прашањето дали опозицијата, која упорно, со постојани штрајкови врши притисок врз Саакашливи, бара негова оставка, има „допирни точки“ со Русија; ја има или не непосредната поддршка од неа, без оглед што сериозно разнишаниот претседател ја обвинува Москва дека е се во нејзина режија.
Треба да се има предвид дека целото Задкавказје (околу 170.000 км кв. со околу 15 милиони жители)- просторот јужно од планинскиот венец Кавказ, во кое спаѓаат Грузија, Ерменија и Азербејџан, е трусно политичко, економско, над се геостратешко подрачје. Северниот дел е поголем и и припаѓа на Русија, а е во составот на Јужниот федерален округ кој, освен мнозинскиот руски народ, го населуваат и бројни малцинства, повеќето од муслиманска вероисповед: Грузијците, Ерменците и Осетинците му припаѓаат на православниот христијански свет (наклонет кон Русија), а Азерите, односно Азербејџанците, Чеченицте, Кабаридите, аварските етнички групи и др. историски се поблиски до Турција како своја културно- цивилизациска одредница.

Добрите познавачи на односите помеѓу Грузија и Русија потсетуваат дека конфликтот е започнат уште на крајот од Втората светска војна, кога Сталин извршил ревизија на границите помеѓу двете сојузни републики, доделувајќи и ги на Грузија Абхазија и Јужна Осетија. Абхазија има релативно мала површина со исклучително широк излез на Црното море (околу половина од вкупниот излез на морето на Грузија), а Јужна Осетија е со огромно мнозинство населено исто така со со православни христијани Осетинци, кои на тој начин се политичко- територијално раздвоени во однос на своите побројни сонародници од остатокот на Осетија- денес северна Осетија. Од тој аспект Грузија нема ниту историско, ниту етничко право над наведените територии, освен што во времето на СССР тие го признавале Тбилиси како центар на републиката, но и тогаш имале статус на автономни републики.

Прочитај и за ... >>  Озеленување на Македонија

Еден од клучните моменти на етничка, па и територијална промена се случил при крајот на советскиот период, кога Грузините покажуваат се поголема желба за независност. За разлика од повеќето други советски републики, во нивните граници не било бројно руското малцинство- изнесувало помалку од 10% од населените, а во изминатите години во значаен дел се иселило во Русија. Абхазија и Јужна Осетија прогласија независност веднаш по распаѓањето на СССР, а потоа и со оружје успеаја да ја одбранат од грузиските вооружени формации.

Се додека на чело на Грузија беше Шеварнадзе односите помеѓу Москва и Тбилиси ба подносливи. Грузија беше постојана членка на Заедницата на независни држави во која Русија има доминантна улога. Меѓутоа, со револуционерната промена на власта, која на чело на земјата го доведе младиот Саакашливи, тие односи рапидно се влошија. Имено, Саакашливи уште на почетокот од својот претседателски мандат го поврати суверенитетот на Грузија над јужната област Аџарија, која исто така во поранешниот СССР имаше, како и Абхазија и Јужна Осетија, статус на автономна република и каде што главно живее муслиманско население со грузинско национално потекло. Охрабрен од тој успех, кој го призна и Турција (Аџарија се граничи со Турција, за разлика од Абхазија и Јужна Осетија кои географски, но и економски, културно и сообраќајно се потпираат на соседна Русија), Саакашливи уште поагилно тргна во процесот на „реинтеграција“ на Абхазија и Јужна Осетија во државно правните рамки на Грузија. Оттогаш односите помеѓу Грузија и Русија се повеќе се расипуваат и додатно се затегнуваат.

Саакашвили се повеќе се потпира на финансиска помош на САД. Потпиша спогодба со НАТО за користење на грузиската територија за потребите на Алијансата кога се во прашање нејзините акции во Авганистан. Раководството на Грузија очекува прием во НАТО, но е значајно што присуството на САД на овој простор, на кој тие досега никогаш не биле присутни, би му донел на официјален Вашингтон меѓу другото и можност подиректно да влијае врз целиот поширок регион околу Кавказ. Исто така и од северозападната страна додатно да му се приближи на Иран, кој е населен со Азербејџанци како најкомпактно малцинство во оваа средноисточна држава.

Прочитај и за ... >>  Маргиналнa и за Македонија неинтересна „приказна“

За опозицијата на Саакашвили: таа е се посилна во земјата, како и кај грузиските емигранти во странство. Поранешниот министер за одбрана на Грузија, Иракли Окруашвили, кој се смета за еден од најбогатите Грузијци со капитал од околу 250 милиони долари, го обвини претседателот Саакашвили дека е нерешителен, премногу мек и затоа не може да ја обезбеди територијалната целост на Грузија. Тој го формира движењето „За единствена Грузија“, а при првиот јавен настап изјави дека Саакашвили претходно нарачал убиство на своите политички конкуренти, ги спречувал истрагите против членови на претседателското семејство, кое според неговото тврдење ја конролира трговијата со оружје и се занимава со изнудување на мито од претприемачи.

И најновите демонстрации на опозицијата имаат „блиска предисторија“: на 15- ти минатиот месец околу 5.000 Грузијци протестираа во Тбилиси барајќи оставка на претседателот Михаил Саакашвили. Демонстрантите бараа власта и сите политички сили, вклучително и опозицијата, да обезбедат спроведување на правдата, да спречат насилство и оружени судири. Тогаш лидерите на неколку водечки опозициони партии ги најавија масовните протести што се одржуваат деновиве, доколку претседателот не поднесе оставка.

На 9- ти овој месец околу 120.000 демонстранти протестираа во главниот град на Грузија Тбилиси, барајќи оставка на Саакашвили. Грузискиот претседател изјави дека нема намера да се повлече од власта до 2013- та година, кога му истекува мандатот. Опозицијата го обвини Саакашвили дека не ги спроведува демократските реформи што ги вети во текот на „портокаловата рволуција“ во 2003- та, како и за неуспешната војна во август минатата година со Русија околу Јужна Осетија. Демонстрациите се организирани на 20- годишнината на антисоветските демонстрации (1989- та година; две години подоцна Грузија прогласи независност).

Поранешната претседателка на Парламентот, Нино Бурџанадѕе, која е сега во опозиција, изјави дека Саакашвили треба да сфати оти е време да си оди бидејќи мнозинството од населението не го поддржува. Лидерот на опозициското обединување „Алијанса за Грузија“, Иракли Алансанија,
потврди дека протестот ќе трае се додека Саакашвили не поднесе оставка.

Оставка нема, а веќе 6- ти ден траат протестите во Тбилиси, пред зградата на Парламентот. Синоќа во нив учествуваа околу 15.000 Грузијци. Опозициските партии најавија демонстрации секој ден од 15 до 21 часот по локално време се додека не се исполни нивното барање за оставка на Саакашвили. Демонстрантите подигнаа камп од 20 шатори пред резиденцијата на претседателот.

Прочитај и за ... >>  Ах, таа транспарентност!

Аналитичарите сметаат дека „Обединетото национално движење“ на Саакашвили и натаму ја ужива поддршката на мнозинството, како и оти позицијата на претседателот не е сериозна разнишана.

Во меѓувреме е најавено дека НАТО ќе одржи вежби од 6- ти мај до 1- ви јуни годинава во Грузија, а целта е подобрување на координацијата помеѓу силите на Алијансата и нејзините партнери. Ќе учествуваат повеќе од 1.000 војници од 19 членки на НАТО и земји кои не се членки.

Очекувана реакција на Русија: тие ќе бидат провокација и треба да се одложат или откажат. Според рускиот претседател Дмитриј Медведев вежбата е „опасна“.

Руски учени сметаат дека протестите би можеле да доведат до промена на власта. Тоа е дури нужно ако се има предвид дека Западот е се повеќе незадоволен од Саакашвили, па посакува друг лидер кој би ја спроведувал сегашната политика на потиснување на Русија од црноморскиот регион. Особено е интересно мошне сериозното (аргументирано) укажување дека постојат врски помеѓу светската финансиска односно економска криза и „новото будење“ на опозицијата. Имено, кризата му дава динамика на преструктуирањето на економијата и развојот воопшто, а во овие моменти е најважно одржувањето на политичката стабилност (висок рејтинг на доверба на народот спрема своите лидери). Економииите на новите држави од бившосоветските се покажаа слаби во кризни услови, луѓето се повеќе осиромашуваат, па нестабилноста на власта во нив неминовно ќе предивика нејзина смена, но и ново „приближување“ до неспорно стабилната Русија.

Наредните денови и недели, можеби и неколку месеци, ќе покажат дали „доброволното“ заминување на Саакашвили од претседателската функција (со „препорака“ на неговите западни „пријатели“) ќе значи „доведување“ на нов лидер во Грузија кој ќе биде поуспешен во „потиснувањето“ на Русија или, пак, продлабочување на соработката помеѓу неа и НАТО. Да потсетам, на почетокот од минатиот месец Алијансата постигна договор за продолжение на формалните односи со Москва кои беа замрзнати откако Русија испрати свои трупи во Грузија во август минатата година. Неформалните контакти продолжија во декември.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here