Делничните гајлиња

Тие се повеќе или помалку на број, поголеми или помали, а зависат најнапред од тоа кој си, што си, каков ти е животот.

Тие се твои, но можат да им бидат и на сите други. Твои се кога самиот си ги носиш и се обидуваш да ги совладаш, да ги победиш, да бидеш над нив. Никој не може да ти помогне ако сам не си помогнеш.

Можеш да ги споделиш со други, ама другите не ги прифаќаат како свои. Ако ги прифатат, тогаш стануваат гајлиња и на сите други. Таквите се поднесуваат полесно и не траат долго време. Многу полесно се победуваат.

Делничните гајлиња се различни. Различни времиња различни гајлиња носат. А има и слични. Ретки се, но има и исти.

Кој, на пример, не си го носи делничното гајле како да живее со помалку гајлиња? Точно, не се може без нив, но барем да се помалку на број. И помали, ако може најмали. Да не те товарат премногу. Уште ако не ги совладуваш, ако не ги победуваш, ако само ти се множат, тешко тебе. Снагата ќе ти ја испијат, ќе те испразнат, ни сенка ќе нема од тебе.

Делничните гајлиња ги има секој ден и многу и малку. Полесно е сами да ги узнаваме, да ги научуваме, да ги споделуваме за да ни биде полесно. Доволно е само со збор-два да си ги кажеме, да си ги преслушаме-и голем ниет сме сториле. Уште ако ги премислиме и домислиме, барем малку со ум да ги докажеме и со излез и спас од нив да ги откриеме-благодарни ќе сме си едни на други.

Тој што не ги разбира своите делнични гајлиња не ги разбира ниту оние на сите. Не верувам дека има таков меѓу нас. Кој нема барем едно дневно, тој настојува да не ги чуе нашиве. Сеедно му е дали сме ги имале, дали ќе си ги прекажеме, дали ќе ги научиме и преслушаме, дали ќе си ги пренесеме едни на други или не, дали ќе ни биде полесно. Може и тој да си има гајле, ама никому ништо и да го нема.

Блазе си му кога може така. Тој бега од нив, не ги мисли, оти е немоќен ни да ги домисли, ни да ги прекаже, ни да ги сподели со други. Слабак е, за никаков живот не е. Само за живуркање.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *