Потребно време за читање: 3 минути

Не знам зошто градоначалникот на Софија Бојко Борисов е моментно најпопуларен политичар во Бугарија (си знаат Бугарите), ама знам дека воопшто не е оригинален или „свеж“ кога се работи за неговите погледи и ставови спрема Македонија. Без оглед што тоа самиот го признава. И знам дека таквите политичари не се и не можат да бидат ниту „маалски“, а камо ли „европски“.

Се разбира, не мислам на „европските ставови“ на Бугарија спрема „македонското прашање“ (во „пакет“ со данајските односно грчките), што уште сега тој ги повторува како папагал, туку на веќе видената и, за среќа, се уште делумно реализираната освојувачка- агресивна стратегија и тактика на Атина.

Имено, како што јавија бугарските агенции БГ НЕТ и „Сега“, веројатно новиот бугарски премиер веќе се „пофалил“ дека има стратегија со која Македонија ќе ја врати под бугарска контрола. На средба со бугарската емиграција во Америка, што се одржала во црквата „Иван Рилски“ во Чикаго, Борисов рекол дека ќе го користи грчкиот рецепт – силно присуство на бугарскиот капитал во македонската економија.

Прочитај и за ... >>  Сомневање: не свинскиот грип, туку вакцината против него опасна по здравјето!

На прашањето на Бугарите кои живеат во Америка како да се подобрат односите со Скопје, Борисов одговорил:

„Ние можеме да ги оствариме своите цели во врска со Македонија со економски инструменти. Затоа треба да ги натераме да ја признаат нивната вистинска историја. Тогаш ќе немаме подобар пријател и подобар сосед од Македонија, тогаш тие ќе не сакаат“.

Преку преземање на економијата ќе се обезбедело потребното политичко влијание врз македонските надежи за приклучување во НАТО и Европската унија.

Софискиот градоначалник, кој е неформален лидер на партијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“, планира, кога ќе дојде на власт, да купува фирми во Македонија.

Точно, политичкото влијание односно освојување најлесно и најбрзо се остварува преку пенетрација во економијата. Во изминативе години тоа делумно и успеа на Данајската република (Грција), но очигледно нешто згрешила во „пресметката“, па се потешко и оди данајството и кај нејзините сојузници во ЕУ и НАТО за проблемот што го има со името Република Македонија. А и данајските (грчките) бизнисмени се почесто се жалат на не баш „благопријатна клима“ во ПЈРМ за своите бизниси. Па уште и светската економска криза…

Прочитај и за ... >>  „Меѓународната“ знае дека Атина не е подготвена на разумен компромис!

Не ми е јасно со што дотичниот Борисов мисли да купува фирми во Македонија кога неговата земја е насиромашна членка на ЕУ? И како тоа да не е информиран дека веќе „практично“ нема што да се купи, дека е одамна продадено се што можеше и вредеше да се продаде. Ако се изразил погрешно, мислејќи на инвестирање…е, тоа е нешто друго. И во Македонија, како во сите земји во регионот и пошироко (и во Бугарија) постои „глад“ за странски инвестиции. Ама не би било лошо претходно да проучи некои „подрастични“ примери.

Јас лично таман почнав да се надевам дека преку „Сведмилк“ ќе ни се „пенетрираат“ Швеѓаните, па Шведска ќе ја засакаме еднакво, ако не и многу повеќе од соседите, кога…

Вистинскиот одговор на амбицијата на Борисов е реакцијата на ОМД со седиште во Вашингтон. Оценувајќи дека таква изјава на еден водечки политичар на членка на ЕУ и НАТО е опасна и злобна и открива фундаментално игнорирање на принципите врз кои се основани двете организации, ОМД соопшти:

Прочитај и за ... >>  Музички не селски, туку малограѓански панаѓур на глупоста и суетноста

„Бугарија би требало да го признае бројното македонско малцинство во таа земја и наместо да ги игнорира основачките принципи на ЕУ и НАТО, би можела формално да се извини за депортацијата на речиси 9.000 македонски Евреи во логорите на смртта на Хитлер. Како последен гест на вистинско пријателство спрема македонските граѓани, ОМД ја повикува Бугарија да стави крај на нејзината поддршка на субверзивни елементи во македонското општество, кои се залагаат за негирање на македонскиот ентитет, јазик и нација“.

Се потенцира: признавањето на ОМО Илинден Пирин и прекинот на поддршката на негаторите на македонскиот идентитет и нација се гестови со кои Бугарија ќе покаже дека искрено сака пријателство со Македонија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here