Диригентот и оркестарот

Чудно и интересно: за разлика од други прашања, проблеми, теми и дилеми, состојбата и перспективата на односот помеѓу диригентот и оркестарот кај нас ниту им е чудна на оние што ни се чудат, ниту им е интересна на оние што се малку или многу заинтересирани за нас.

Состојбата и особено перспективата се прилично, ако не и многу прашални, проблематични, „затемени“ и „задилемени“. Тргнувајќи од нивната поединечна ситуираност, па сѐ  до меѓусебната зависност и независност.

Од друга, па и трета страна, свирењето од ден на ден станува сѐ понепријатно, дисхармонично, дисонантно, неусогласено, „протестно“ (во одделни периоди на свирење одделни свирачи и цели групи на инструменти замолчуваат, а во одделни се наметливи и прегласни). Поради диригирањето деловите на почетокот и крајот многу често не се тактични, речиси воопшто не тактизираат, па средината не се ни препознава.

Како што е познато, оркестарот е мошне познат, афирмиран на Балканот, потесно на Западниот, а пошироко во Југоисточна Европа. Пред сѐ со своето „славно“ минато, со изведби на многу „големи“ и „славни“ дела, а најмногу со многубројните диригенти кои диригирале и диригираат со него. Ако се навлезе во неговиот репертоар и во неговите настапи на меѓународната сцена, лесно може да се забележи една континуирана, консеквентна и конзистентна линија на опстојување, без оглед на сѐ.

Искуството од поблиското и подалечното минато ни дава за право да бидеме реални оптимисти во однос на дискутабилноста на неговата сегашна состојба и позитивниот исход во решавањето на актуелново прашање. Бидејќи оркестарот е составен од мошне опитни, искус(е)ни, вешти, итри и стручни индивидуалци, тие нема уште долго да ја поднесуваат меѓусебната разединетост. Уште побрзо ќе го решат и проблемот со диригентот. Својата индивидуалност ќе ја насочат кон колективните, заедничките интереси, а проблемот со диригентот ќе го решат без проблеми, што се вели „преку ноќ“.

Во овој момент проблемот не е толку голем со, колку што е голем на дигирентот. Повеќе од очигледно е дека тој или во текот на учењето добро не ја научил вештината, поточно уметноста на диригирањето, или во меѓувреме, поради бројни лични фрустрации и притисоци на личен план од многу надворешни фактори (според нас, подеднакво двете), едноставно не е во состојба да се концентрира на делото, оркестарот и дигирањето, за сѐ да реализира од почеток до крај во утврдените рамки, и тоа во еден здив. Во ваква ситуација, колку да се обидува да ја поврати довербата на свирачите и  целиот оркестар во него, тој во тоа не може да успее. Едно поради тоа што неповратно е загубено драгоцено време кое не може да се надомести, а е  загубено само поради нереалните ветувања за „турнеи“ и макар повремени настапи на „меѓународната сцена“. Особено во однос на афирмацијата на домашното музичко творештво за кое, сосема нормално, тој-оркестарот е посебно верзиран и квалификуван односно талентиран.

На крајот од оваа моја критичка елаборација на можеби најгорливото егзистенцијално прашање на идентитетот, ќе констатирам дека сѐ повеќе сигнали, знаци и контексти говорат оти наскоро ќе дојде до дефинитивно разијдување помеѓу диригентот и оркестарот. Поточно, окрестарот ќе ангажира друг домашен диригент кој со својата способност, умешност и потврден професионализам ќе биде во ситуација барем одвреме-навреме да диригира и со оркестри во странство.

 

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *