Потребно време за читање: 3 минути

Можна ли е некоја област од нашето севкупно живеење и дејствување без политика, кај нас и во светот? Не е ли самата одбрана од политиката политика? Постои една област која, ако не повеќе, барем го релативизра одговорот на овие и вакви прашања: спортот.

Не постои влијание на политиката во спортот? Тој е недопирлив за неа? Таман работа! Па уште од античко, да не речам „првобитно време“, е познато дека токму тој на најдиректен, наједнoставен, најбрз, најотворен, најтранспарентен начин афирмира држави, нивни политики, политика на владејачка партија, интерес на владејачка (бизнис) групација. Како што е познато дека во нашиве „модерни“ времиња на тој и секаков друг план најисплатлива инвестиција е токму во спортот, почнувајќи од купување на тимови (особено во фудбалот), финансирање- спонзорирање на одделни спортови и спортисти, спонзорствo- покровителство на значајни меѓународни манифестации (ефикасен маркетинг).

Имајќи ја предвид токму невозможноста од одбрана на спортот, конкретно на фудбалот од влијанието на политиката, мислам пред се на националните федерации и/или сојузи, санкциите на ФИФА не се тоа, туку исто така „диригирана“ политика. Можеби и одбрана на интереси (дури финансиски) на личностите од нејзиното врвно раководство.

Иако актуелнтото раководство на ФФМ не така одамна беше „на работ“ на смена, токму ФИФА застана во негова одбрана, буквално го спаси, а македонскиот фудбал продолжува да тоне. Политика на ФИФА? Се разбира. А што друго?

Прочитај и за ... >>  Браво за „Воинот на коњ“!

Последен пример на политика против влијанието на политиката во фудбалот е строгото санкционирање на Перу.

Имено, поради несогласувања околу изборот на претседател на Фудбалскиот сојуз (значи истото што се случуваше кај нас), на перуанските клубови, како и на репрезентацијата, им е забранет настап на меѓународни натпревари. До кога? Засега не се знае.

Откако претседателот на Светската фудбалска федерација Сеп Блатер ги предупреди одговорните дека е крајно време за окончување на долготрајниот судир помеѓу Фудбалскиот сојуз и Владата, на што главните актери не обрнуваа внимание, ФИФА донесе одлука за забрана на настап на перуанските претставници во меѓународните натпревари.

Семето на раздорот лежи во ликот на претседателот на Перуанскиот фудбалски сојуз, Мануел Бурга, кого поради наводни неправилни избори не го признава Институтот за спорт на перуанската Влада. Претседателот на Институтот, Артуро Вудман, изјави:

„Доколку Бургановата позиција остане иста, дијалогот нема смисла. Не постои никаква владина интервенција, освен почитување на законот. Бурга не може да биде претседател“.

Познато е дека ФИФА во начело не толерира мешање на политиката во спортот (да, во начело!), па на Бурга му преостана само да се извини:

„Му се извинувам на перуанскиот народ поради ситуацијата во која се наоѓаме. Главен проблем е фактот дека законот на нашата земја не е во согласност со статутите на ФИФА. Секој на мое место би постапил исто“.

Прочитај и за ... >>  Грабежот

На Перу претходно му беше одземена организацијата на првенството на Јужна Америка за репрезентации до 20 години, а по оваа одлука во прашање е продолжението на учеството на перуанската селекција во квалификацииите за Светското првенство во Јужна Африка во 2010- та година. Тимот кој последен пат играше на светската смотра во 1982- ра година моментно се наоѓа на последното место во квалификационата група со 7 бодови од 10 средби. Освен тоа, неизвесен е и настапот на перуански претставници во јужноамериканската Лига на прваците, „Copi Libertadores“. Засега трите места на Перу ќе останат празни, но за нив веќе започнало натпреварувањето: се јавиле бразилските клубови Флуминенсе и Интернационал, барајќи автоматски да ги вклучат во извлекувањето, бидејќи немаат шанси да се изборат за пласман во најголемото јужноамериканско клупско натпреварување.

Репрезентацијата на Перу веќе подолго време ја мачи и недисциплината на оддели играчи. Минатата година од неа, меѓу другите, беа исфрлени и најголемите ѕвезди, Клаудио Пизаро и Џеферсон Фарфан. Тие ги отфрлија обвинувањата, но селекторот Хозе Дел Солар повеќе не ги повикува во составот.

ФИФА дефинитивната одлука за Перу ќе ја донесе на 20- ти декември.

Претходно е суспендиран Кувајт бидејќи на собранието на својот сојуз не го потврди новото водство на организацијата. На првото предупредување на ФИФА Кувајќаните се оправдаа со верскиот празник Рамадан, но откако ниту по завршувањето на празникот не е избрано новото раководство во ФИФА одлучија да ги исфрлат сите репрезентации на таа држава од меѓународните натпреварувања.

Прочитај и за ... >>  Западна цивилизација- Западна декаденција*

И Самоа е казнета поради проблеми во организацијата на својот сојуз.

Многумина аналитичари и стручни луѓе во фудбалот сметаат дека светските фудбалски власти не можат директно да се вмешуваат во политиката на големите држави- фудбалските велесили, па удираат по фудбалските организации на оние што им се „достапни“.

На пример, ФИФА се откажа од казнување на Полска. Имено, таа и се закани на Полска со суспензија на националната селекција во квалификациите за Светското првенство во 2010- та година затоа што полската Влада го смени раководството на националниот фудбалски сојуз и на негово чело постави свој повереник. Со казна се закани и Европскиот фудбалски сојуз(УЕФА), и тоа со ригорозна- губење на соорганизацијата на Европското фудбалско првенство во 2012- та година.

Како што изјави Сеп Блатер, ФИФА се откажала од казнување бидејќи Владата на Полска изнашла решение за суспендираното водство на Полскиот фудбалски сојуз. Во седиштето на ФИФА стасале документи кои потврдуваат дека е постигнат договор помеѓу Фудбалскиот сојуз и Владата. Агенциите наведуваат дека ќе се формира посебна комисија во која ќе бидат претставници на УЕФА и ФИФА, а која ќе ги надгледува скорешните избори за претседател на Полскиот фудбалски сојуз (добар пример и за Македонија).

Спорт и политика или политика и спорт: исто е или не?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here