Потребно време за читање: 5 минути

Вознемирувачка- загрижувачка изјава на Дмитриј Медведев за оние што внимателно ги следат и анализираат геостратешките придвижувања, поместувања, преместувања, прераспоредувања итн., а кои со светската економската криза добиваат и се повеќе ќе добиваат на интензитет:

Рускиот претседател им наредил на своите службеници да подготват нацрт- закон со кој би се одредиле границите на Арктикот. Притоа не навел каде точно би требало да се наоѓаат тие, но е веќе познато дека Русија смета оти полага право на голем дел од неговата територија.Треба да се знае дека секоја еднострана акција би го прекршила договорот помеѓу 5- те држави кои излегуваат на Арктичкото море, со кој нивните побарувања на територии ќе ги решат Обединетите нации. Меѓународниот закон одредува Канада, Русија, САД, Норвешка и Данска, дека имаат право на 320 километри долгата економска зона северно од своите граници.

„Арктикот за Русија има големо стратешко значење. Тој регион е директно поврзан со исполнувањето на долгорочните предизвици на Русија и нејзината компетитивност на глобалните пазари“, истакна Медведев.

Еве во што е големото стратешко значење на Арктикот (не само за Русија): околу 13% неоткриена нафта и 30% неоткриен гас во светот се наоѓаат под арктичкото дно, е проценето во најновата студија на Геолошкиот институт на САД.

ОН од државите кои излегуваат на Арктикот веќе побара да ги изнесат своите територијални побарувања за да ги разгледа до мај 2009-та. Медведев сака нацрт- законот за границата да биде подготвен до декември годинава.

Русија бара јурисдикција над поголемиот дел на Арктикот, наведувајќи дека подморска планинска верига го поврзува Сибир со неговото морско дно. Меѓутоа, на состанокот одржан во мај на Гренланд Русија и другите држави се согласија ОН да одредат како да се решат побарувањата на териториите во тоа подрачје.

Да потсетам: Русија спрроведе необична акција со која го прободе своето знаме на длабочина од околу 4.000 метри под морето на Северниот пол и на тој начин го обележа суверенитетот на својата земја. Меѓутоа, постојните меѓународни документи велат дека арктичкото дно не му припаѓа никому, односно дека е сопственот на човечката заедница. Многумина беа изненадени од ваквиот руски потег и го прогласија за обид за експанзија непримерена за современите политички односи во светот.

Прочитај и за ... >>  Реално: предвремени парламентарни избори во Македонија пред почетокот на годинашново лето

Од друга страна, подобрите познавачи на руската историја не беа изненадени, тврдејќи дека се работи за продолжение на експанзионистичката политика која е главно обележје на руските меѓународни односи уште од 15- от век. Па потсетуваат дека московскиот кнез Иван 3- ти во освојувачките војни што траеле кратко ја проширил територијата на тогашното московско кнежевество, а неговиот наследник Иван Грозни се прогласил за цар на Русија. Исто така спомнуваат дека од 1676- та до 1878- ма година руските владетели воделе 10 војни со Турција, секогаш откинувајќи дел од подрачјето кое дотогаш било во составот на Отоманската империја. 20- от век Русија го започна со војна со Јапонија. Во февруари 1904- та година двете земји завојуваа поради желбата Манџурија и денешна Кореја да ги вклучат во границите на своите територии. Војната заврши со пораз на Русија, но со Мировната спогодба од 1906- та таа успеа да задржи дел од Манџурија и дел од островот Сахалин кој беше во составот на Курилските острови, односно дел од јапонското царство. Во годините од половината на 18- от век, па се до почетокот на Првата светска војна, Русија успеа во своите граници да ги вклучи Белорусија, голем дел од Полска, голем дел од Финска, речиси цела Украина, Закавказјето, се до Северна Ерменија и средноазиските подрачја. Во 1867- ма година Алјаска Русија им ја продаде на САД, но останатите подрачја во поголема или помала мера се задржани во нејзините граници.

Ескапнзионизмот на Русија е продолжен и по Првата светска војна, со формирањето на Советскиот сојуз во кој таа беше најголема држава. Во 1969- та година таа речиси почна војна со соседна Кина поради малиот остров во пограничната река Усура. Островот Зенбао, со површина од 0,75 квадратни километри, бил предмет и на долги политички разговори помеѓу Москва и Пекинг. Сепак, по распаѓањето на Советскиот сојуз Русија и Кина потпишаа договор (во 1991- ва) со кој спорниот остров и припадна на Кина.

Аналитичарите потсетуваат и дека од сите држави кои активно учествуваа во Втората светска војна единствено Русија односно Советскиот Сојуз излезе од неа територијално поголем. Во неговите граници останаа Курилските острови, кои дотогаш беа составен дел на Јапонија, делови од Полска и Финска. Треба да се додадат и териториите на трите балтички земји Литванија, Латвија и Естонија.

Прочитај и за ... >>  НАТО И ЕУ заложници на смрдена Грција!

Документот кој го регулира статусот на Северниот пол и неговото дно е Декларација на ОН што ја имаат ратификувано сите земји, вклучувајќи ги и Советскиот Сојуз, чиј правен наследник е Русија, САД, Канада, Норвешка и Dанска.

И пак за геостратешките и посебно економските интереси:

Во последниве неколку години Русија интензивно го истражуваше арктичкото дно. Поотврдено е дека резервите на гас и нафта се големи. Бидејќи енергенсите сега, а во наредниот период уште повеќе ќе претставуваат силно оружје во политичкото одмерување на силите со ЕУ и САД, Москва настојува да осигура додатни залихи на двата енергенса.

Она што го загрижува целиот свет, не само „посебно заинтересираните“ за Арктикот, е како технолошки да се обезбеди вадењето на нафта и гас, доколку Москва има право, бидејќи над нив се креваат големи наслаги на лед. Поконкретно: како да се обезбеди еколошка заштита на тоа подрачје, зашто секој еколошки инцидент би можел да има несогледливи последици.

Од друга страна, пак, другите земји, чии територијални мориња го допираат арктичкиот круг, сигурно нема да се помират со еднострано руско прогласување на морското дно за руска сопственост. Канадскиот министер за надворешни работи веќе го педупреди својот руски колега дека ова не е 15- ти век, кога големите сили испраќаа низ светот конквистадори кои забодуваа знамиња на своите царства каде што сакаа и тоа го прогласуваа за освоена територија.

Загриженоста на светот доаѓа пред се од остварувањето на руските планови (изјавата односно барањето на Медведев е уште една „фаза“), што би претставувало опасен преседан во меѓународните односи, кој би ја отворил Пандорината кутија од која би излегле аспирациите за морските дна, сливовите на реките и планинските врвови во многу делови на светот.

Посебно значајна е мошне аргументираната анализа, односно оценка на некои западни воени аналитичари, на изјавата на адмиралот Владимир Масорин, заповедник на руската морнарица, дадена во исто време додека светот беше затечен од полагањето на руското знаме под Северниот пол: дека неговата земја страсно сака да формира средоземна флота која оперативно би дејствувала на широко подрачје.

Прочитај и за ... >>  А што беше тоа небулоза?

Тие потсетија дека Русија во составот на својата воена морнарица има северна флота која плови по Северното и Балтичкото море, далекуисточна флота со седиште во Владивосток, како и црноморска флота, чие дејствување е стеснето по распадот на Советскиот Сојуз и стекнувањето на украинската независност.

Од царска Русија се до Советскиот Сојуз, Москва се стремела кон излез на топло море, но тоа не можела да го оствари зашто од Црното море до Средоземјето мора да мине низ два теснеца- Босфорот и Дарданелите, кои биле и останаа во составот на турската држава. Сепак, во времето на Советскиот Сојуз Русија имаше средоземна флота или барем дел од таа флота која пловеше по Средоземјето, а оперативното средиште и командниот центар се наоѓаа во сириското воено пристаниште Тартус. Со распаѓањето на Советскиот Сојуз исчезна и средоземната флота, а политичките промени што се случија во Средоземјето и даваат малку изгледи на Русија да најде нов сојузник во чие пристаниште би го сместила оперативното заповедништво на некоја нова средоземна флота. Сирија во овој момент има други грижи и тешко дека повторно би се согласила на такво сојузништво со Русија, без оглед што од неа добива значителна воена помош. Останатите средоземни земји сигурно не сакаат постојана присутност на руски бродови во своите територијални води, ниту можност да се поврзат со евентуални руски планови на проширување на своето влијане врз тој дел од Европа.

Меѓутоа, адмиралот Масорин сигурно не зборуваше за желбата за формирање на средоземна флота сам, без одобрение на политичкиот врв во Москва.

Заклучокот е:

Како што сега стојат работите, Русија сака да ги прошири своето влијание и границите од Арктикот до Средоземјето. Прашање е како на тоа ќе одговорат другите велесили и европските земји.

А Република Македонија во геостратешките придвижувања, поместувања, преместувања, прераспоредувања?

Свршена работа со скорешно членство во НАТО? Да беше блиску до Арктикот или во Средоземјето…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here