Потребно време за читање: 5 минути

Евентуалноста поместена во заграда на насловот на овој текст е поради очигледното „дриблање“ на СДСМ со поставените услови, а моментно и со Државната изборна комисија (деновиве ќе го видиме „голот“ или „фаулот“).

Се разбира, ги имам предвид и условите што ги постави, од кои самиот знае дека еден, кој се покажува дека му е најважен (одмрзнување на сметките на А1 ТВи печатените медиуми на Велија Рамковски), е неостварлив. Затоа што станува збор за судска одлука која не може да се преиначи со политичка. Без оглед дали се употребувал и може да се употреби „телефонот“ кој го користел Црвенковски кога бил на власт при слични „деликатни проблеми“ ( според сопствено признание, нему му е познат, а како што изјави- тврди „го знае и Груевски“).

Лично, одамна не им верувам на моментните рејтинзи на партиите со кои одвреме- навреме, а во последно време ептен често не „бомбардираат“ разноразни „стари“ и штотуку формирани организации и агенции за испитување на јавното мислење(најчесто „анкетарски“). Токму затоа што тие се „кројат“ исклучиво со помош на анкета, и тоа телефонска, на „релевантна“ група на испитаници. Имено, оние што барем малку ја познаваат оваа проблематика знаат дека таквото испитување е најнесигурно и подложно на најгруба манипулација.

Во овој контекст го споделувам ставот на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, дека анкетите што се спроведуваат во Македонија се релевантни „колку што е судството во неа независно“.

Зошто тогаш упорното, секојдневното „релативизирање“ и тврдење дека високите рејтинзи на ВМРО- ДПМНЕ и Никола Груевски се „драстично намалени“, дури и со небулозни, па и крајно ступидни тврдења за „масовно напуштање на орото на Груевски“ (15.000 неделно или месечно- „сеедно“?!).

Затоа што анкетите за НЕСОМНЕНАТА голема предност на позицијата на власт се најголемата потврда на блеферството на опозицијата во врска со барањето за „итни“ предвремени парламентарни избори („Ако може денеска- денеска!“) Затоа што и на „жолтите канаринци“ (да, помеѓу нив и оние што неколку дена „седеа и летаа“ во македонскиот Парламент) им е совршено јасно дека ПОРАЗОТ не можат да го избегнат. Освен…бојкот кој не може да биде со „седење во папучи пред телевизорот на денот на изборите, туку…“ на улица…инцинденти и се на тоа слично.

Прочитај и за ... >>  Час поскоро вонредни парламентарни избори во Македонија!

Се разбира, и јас сум еден од оние кои сметаат дека е нормално, од низа објективни и субјективни причини, разликата помеѓу позицијата и опозицијата да се намалува. Дека веќе не е 1:3 и дека можеби до денот на изборите ќе биде и помала од 1:2. Меѓутоа, никој (и мојава дребност, вклучувајќи ги и аналитичарите и експертите на опозицијата (без и со наводници), НЕ СЕ СОМНЕВА во уште една победа на ВМРО- ДПМНЕ, односно Груевски и неговите коалициони партнери.

Експертите за политички маркетинг (не во наводници) знаат за тн. суптилен маркетинг кој дава многу поголеми и потрајни резултати од „грубиот“. Во рамките на првиот, на пример, спаѓа јавната искреност и објективност односно самокритичност, но исклучиво поткрепена со аргументи и факти, со јасно и прецизно диференцирање на „она што е и не е“. Или, пак, споредбените анализи на сегашни со резултати од минатото, а во корелација со реално остварливи во непосредна иднина. Наспроти тоа, „грубиот“ маркетинг (примитивизам, јасно изразен недостиг на политичка, но и основна култура во настапот пред јавноста, афективност, манипулација со случаи и „слуѕчаи“, негирање на какво било постигнување на власта, премолчување на реалните- објективните состојби кај нас и во светот и нивното влијание, постојан кампањски повик за „преселување“ на партиското членство итн.) воопшто не придонесува за растењето на партискиот рејтинг, туку напротив. Уште еднаш, по којзнае кој пат, тоа го потврдува моментната кампања (медиумски поддржана од А1 ТВ) на партиите на Бошковски и Селмани.

А рејтинзите? И во врска со нив нема ништо непознато, освен за оние кои не ја знаат ниту основната „азбука“ на политичкиот маркетинг. Најнапред дека тие не може да се менуваат „преку ноќ“, освен при некакви радикални пресврти кои исто така „не паѓаат од небо“ (на пример моментните случувања во арапскиот свет).

Став: анкетите за моментните рејтинзи на македонските политички партии и политичари не посочуваат на победникот на предвремените избори (евентуални) во Република Македонија, а уште помалку го докажуваат- потрдуваат.

Конкретно, тие воопшто не го покажуваат „трендот на паѓање“ на рејтингот на партиите на власт, ниту со која „вистинска“ разлика ќе победат. Поразот не го оспорува ниту опозицијата, бидејќи е јасно дека во меѓувреме (во наредните неколку месеци ) ништо „драстично“ во Македонија не може да се случи.

Прочитај и за ... >>  Сепак, само вербален напад

Прилично реален приказ (секогаш не апсолутно) давале и даваат единствено навистина независни, што ќе рече меѓународни организации- институции за испитување на јавното мислење (како што е, на пример, ИРИ). Или, пак, темелно и подолгорочно (на пример месечно) истражување кое би опфатило повеќе истражувачки форми и методи, а кое најмалку, дури воопшто нема да се потпира на анкетирање, особено не телефонско.

Дека не треба да им се верува на „моментните рејтинзи“, потврдува и од некои опзициони медиуми „одушевувачкото пречекување“ на резултатите од најновото истражување на „Брима Галуп“.

За неинформираните: не станува збор за странска агенција за истражување на јавното мислење и истражување на пазарот, туку за домашна, македонска, приватна „независна“ (наводите сугерираат само мој сомнеж), која своето реноме, несомнен респект го поткрепува со постојаното нагласување дека е членка на GALLUP INTERNATIONAL и во асоцијација со TNS (Taylor Nelson Sofres).

Што „одушеви“ од нејзините резултати? Дека „се топи разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – сега таа е 5 проценти наспроти високата над двојно поголема предност што ја имаше партијата на Груевски пред половина година“ (од вест на А1 ТВ). Конкретно: на прашањето која партија би било најдобро за Македонија да победи на следните избори, пред 6 месеци за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 28%, за СДСМ 13%, а сега 17% граѓани сметаат дека треба да победи СДСМ (22% одговориле ВМРО-ДПМНЕ).

Меѓутоа, споредбата се „премолчува“ кога се изнесува најважниот податок: 33,2% од испитаниците сметаат дека на изборите ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, 17,6 % СДСМ, 7,4% ДУИ, 1,7% ДПА, а 1% Обединети за Македонија. Овој резултат е одвај „голтнат“ (сепак е превисок и победата на предвремените избори е „запечатена“, без оглед со која разлика). Обид за „амортизација“ се прави со посочувањето на големиот број на оние кои не се изјаснуваат за кого ќе гласаат (дури третина од анкетираните), но со погрешен заклучок дека тие најчесто го одредуваат исходот на изборите. И „бабите“ знаат дека не се тие „факторот“, ниту неутралните, туку неопределените гласачи.

Мошне интересни (па и забавни) се споредбите помеѓу анкетата на „Брима Галуп“, спроведена во периодот од 26. јануари до 3. февруари (во која учествувале 1.158 полнолетни граѓани, а маргината на можна грешка е 2,89%) и онаа од пред 10 дена на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), спроведена телефонски во периодот од 25. до 28. февруари, на стратифициран примерок од 1.100 испитаници (без посочување на маргина на можна грешка).

Прочитај и за ... >>  Последна фаза од сценарио или последен очајнички обид за спас од дефинитивен пораз

Комплетно ги презентирам двете и ве оставам на личната „расположба“:

Истражување на „Брима Галуп“:

Доколку утре се одржат парламентарни избори 18 % од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ би гласале 11,2%, за ДУИ 8,6% и за ДПА 2,9% од македонските граѓани со право на глас. Сите останати политички партии би добиле под 1% од гласовите.

Од вкупниот број анкетирани, 55,3% изјавиле дека нема да гласаат, не знаат за кого ќе гласаат или одбиле да одговорат.

Од гласачите кои се произнеле дека ќе излезат на избори 24,5% својот глас ќе го дадат за ВМРО- ДПМНЕ, 15,2% за СДСМ, 11,6% за ДУИ, 3,9% за ДПА и 1,3% за Нова Демократија.

33,2% од испитаниците сметаат дека на изборите ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, 17,6 % СДСМ, 7,4% ДУИ, 1,7% ДПА, а 1 отсто Обединети за Македонија.

Истражување на ИПИС:

На прашањето за која партија би гласале ако утре се одржат избори, 23,5% се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, 13% за СДСМ, 7% за ДУИ, 3,2% за ДПА, за Нова Демократија 2%, додека ЛДП би освоила 1,1%. На изборите не би гласале 27,7% проценти, а 20,8% немале одговор на прашањето.

Премиерот Никола Груевски има најголем рејтинг кај македонските гласачи: 24,1%, Бранко Црвенковски 9,2%, Али Ахмети 6,9%, Мендух Тачи 2,9% и Имер Селмани 2,2%. На дното на листата се Руфи Османи со 1% доверба и Тито Петковски и Љубе Бошковски со по 0,5%. Вкупно 38,3% од испитаниците рекле немаат доверба во ниту еден политичар.

Најголем дел од граѓаните мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори:32,9%, а СДСМ 13,4%, ДУИ 5,6%, ДПА 1,7%, Нова Демократија 1%. Одговор немале 44,4%.

Вкупно 61,8% од испитаниците не го оправдуваат бојкот на собранието од страна на опозицијата, додека 26,4% го поддржуваат. Без став по ова прашање се 11,8%.

Над половина од испитаниците поддржуваат распишување предвремени парламентарни избори: 55,1% за, а против 36,5%.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here