Потребно време за читање: 3 минути

Нашиот јужен сосед веќе цела година се соочува со повремени штрајкови, откако Владата на Папандреу поради незапаметената економска и финансиска криза е принудена да воведува остри мерки на штедење.

Денешниот 24- часовен генерален штрајк, со засега 8-мина повредени, сигурно нема да биде последен. Реакциите и отпорот на народот од ден на ден се се поголеми.

Во целата земја се паралзиирани многу јавни и приватни служби, како и фирми, а се случија и судири на демонстрантите со полицијата во текот на маршот во Атина.

Штрајкот го организираат двете водечки синдикални конфедерации во грчкиот јавен и приватен сектор- ADEDY и GSEE , кои имаат околу 2 милина членови. И вработените во атинското метро одржаа повеќечасовен прекин на работата во знак на солидарност, а тоа го направи и синдикатот кој ги претставува вработените во банките- OTOE, притоа нагласувајќи дека одбива каква било дискусија за намалување на платите. Денеска штрајкуваа и грчките новинари кои се исто така незадоволни од својата ситуација поради острите мерки на штедење.
Штрајкот е еден од најголемите во оваа година, а е организиран како одговор на работниците, службениците и пензионерите на се поголемиот товар врз нив од економската стабилизација и мерките на штедење.

Судирот во Атина го предизвикаа млади кои учествуваа во демонстративниот марш низ Атина. Со камења ги гаѓаа полициските сили, а тие одговорија со солзавец и шок- бомби.
Владата на Папандреу е со став дека мерките се единствен пат да се намали дефицитот во државниот буџет и предуслов да се добијат кредитите кои на Атина и ги ветија Меѓународниот монетарен фонд и европските финансиски институции, во износ од 110 милијарди евра.
Според многумина, Владината политика е без излез, само создава сиромаштија и невработеност, па се бара нејзина оставка.

Прочитај и за ... >>  Заврши судењето во Хаг

Еве некои интересни согледби:

Државните службеници во Грција начелно можат да одат во пензија и пред да наполнат 50 години, а тоа предизвикува дефицитот на пензискиот фонд да расте побрзо одошто каде било во Европа. Реформите би требало да го отежнат заминувањето во предвремена пензија, но постојат и низа специфични правила. На пример, немажените или разведените ќерки на државни службеници, по смртта на двајцата родители, и натаму ја примаат нивната пензија. Таа повластица ја уживаат околу 40.00 Гркинки и само тоа ја чини државата 550 милиони евра годишно.

Вработените во Грција навикнале нивната плата да е само основа кон која се додаваат разни награди, па заработката на државен службеник може додатно да се зголеми дури и до 1.300 евра месечно. И тоа доколку знае да користи компјутер, знае странски јазик, но и ако не доцни на работа!

На другите Европјани особено им пречи навиката на Грците да делат не само 13-та, туку дури и 14-та плата. Половина месечна плата се добива за Велигден, втората половина за годишен одмор, а 14-та плата се дели за Божик. Со мерките на штедење Владата веќе ги намали повеќето награди за 12%, а додатните плати за цели 30%, со што се надева дека ќе заштеди 1,7 милијарди евра.

Прочитај и за ... >>  За можните „чудни“ коалиции

Уште еден грчки „специјалитет“:

Обичај е кога за некој проблем постојат различни мислења и интереси да се формира посебен совет кој го решава. Бидејќи проблеми има многу, и советите не можат да се избројат. Посебно се истакнува советот кој управува со езерото Копијас, кое пресушило уште во 30-тите години на минатиот век, а што, се разбира, не им пречи на членовите на тој совет за својот труд и работа и натаму да примаат плата. Впрочем, како и повеќето од 10.000 „стручњаци“ кои Владата во Атина ја чинат повеќе од 100 милиони евра годишно. Најавено е дека најмалку 200 комисии или ќе бидат укинати или повеќето од нив споени во една.

Од околу 11 милиони жители на Грција, државата е работодавач за над половина милион, и покрај тоа што некои државни претпријатија создаваат со години големи загуби. Посебно се истакнува авиокомпанијата „Олимпик ервејз“, која со години не била дури ни на нула, но на вработените воопшто не им е лошо- и тие и нивните семејства имаат право бесплатно да летаат каде што ќе посакаат.

Прочитај и за ... >>  Културниот провинцијализам

Државата е сопственик на 74 претпријатија и речиси во сите има многу повеќе вработени отколку што е потребно. На пример, во грчката државна железница има 9.000 вработени, а во 2008. имала 800 милиони евра загуба.

Освен САД, ретко која држава троши толку пари за одбрана како Грција. Во изминатите години беа издвојувани дури 6% од БДП, односно 14 милијарди евра годишно, од кои речиси 80% се трошок за персоналот и управата.

Меѓутоа, од друга страна некои државни службеници заработуваат многу помалку од нивните колеги во други земји на ЕУ. Така, учителите, пожарникарите или ѓубреџиите добиваат во просек 41% од она што за истата работа го добиваат нивните колеги во Германија.

Грчката влада во мај минатата година пропиша минимална плата од 740 евра, што е одвај доволно за живот. Платите надвор од Атина се уште помалку, а трошоците за живот се се повеќе слични на оние во Европа. Всушност, помеѓу „старите“ членки на ЕУ постои само една земја во која државните службеници добиваат помали плати- Португалија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here