Потребно време за читање: 4 минути

Беше 2009., па 2010., па 2011, а сега јануари 2012. е „најверојатно“ датумот кога Хрватска ќе стане членка на Европпската унија. Меѓутоа, веќе се јавија анализи и проценки дека е се понереално таа да ги заклучи преговорите до крајот на годинава, а што е услов за да се „достигне“ тој датум.

Како и да е, Хрватска го привршува чекорењето кон членство во ЕУ, а веќе е позната и финансиската „добивка“ по влегувањето, во првите две години: повеќе од 3,5 милијарди евра! Синоќешната изјава на францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер е само „уверување“ и ништо друго. Не поради изразената „резерва“ во врска со потпишувањето на Лисабонскиот договор од страна на чешкиот претседател Вацлав Клаус (се е поизвесно дека ќе го стори тоа), туку затоа што се одолговлекува, се потешко оди заклучувањето на завршните преговори. А и „префрлувањето“ на граничниот пероблем со Словенија значи негово одложување, не и решавање.

Кушнер во Дубровник го прими највисокото хрватско одликување поради помошта што му ја дал на градот на почетокот од војната во поранешна Југославија. Тој му изрази благодарност на хрватскиот претседател Стипе Месиќ поради доделувањето на орденот „Редот на кнезот Трпимир“.

Францускиот министер беше во куса посета на Дубровник по повод 18-годишнината од хуманитарниот конвој „Либертас“, кој ја проби блокадата на градот од југословенската армија кон крајот на 1991. година. Во тоа време тој беше секретар за хуманитарни прашања, а замина во Дубровник во ноември 1991. каде што остана неколку недели за да го обезбеди доставувањето на помош и храна за населението.

Хрватскиот премиер Јадранка Косор изјави (28.10.) дека Словенија повторно би можела да ја блокира Хрватска на патот кон членство во ЕУ, но овој пат поради „домашната“ Социјалдемократска партија. Имено, таа партија го одби предлогот на арбитражниот договор помеѓу Хрватска и Словенија поради што ден подоцна не можеше да се парафира документот на конгресот на Европската народна партија, а потоа да се испрати на усвојување во Саборот.

Прочитај и за ... >>  Без оглед на пресудата, Македонија веќе ја доби „битката“ во Хаг

Не само СДП, туку и други опозициони партии одбиле да дадат поддршка се додека не се разјасни што значи „допир на словенечките територијални води со отвореното море“. Според некои интерпретации значи дека Хрватска и подарува на Словенија дел од својата акваторија. За договорот да биде прифатен во Саборот потребно е двотретинско мнозинство, па Косор мора да ја обезбеди поддршката од опозицијата, а што засега не и успева.

Интересно, како што пренесе загрепски „Вечерњи лист“, арбитражата помеѓу Словенија и Хрватска двете држави би можела да ги чини 5 милиони евра. Во словенечкиот превод на договорот се наведува посочената сума, но се уште не се знае дали е тоа вкупна проценка или годишни трошоци. Во текстот стои трошок од еден милион за арбитрите, а 4 милиони за трошоци на словенечката делегација од 20- тина лица. Се спомнуваат и трошоци за посебна компјутерска опрема и софтвери (за картографија).

Состаноците со арбитрите ќе се одвиваат во Брисел, а ЕУ дава техничка помош, простор. Двете земји ќе ангажираат арбитри по потреба, платени по час, но постои можност тие да се плаќаат и за полно работно време.

Сртучњаци од американската фирма „Briscoe Ivester&Bazel LLP”, од Сан Франциско, кои се занимаваат со гранични спорови на море, наведуваат дека арбитрите ќе чинат најмалку 500 евра по час, Само 5- мина арбитри ќе чинат најмалку милион до милион ипол евра.

Освен меѓународни и судови на ОН, во Хаг постои веќе 100 години и Постојан арбитражен суд кој има и ценовник за „наем“ на своите стручњаци. Главниот секретар и заменикот чинат 250 евра по час, а останатите од 50 за пониските секретарки до 175 евра за искусните советници. Просториите за преговори чинат од 1.000 до 1.750 евра по „сеанса“.

Прочитај и за ... >>  Очекувана, а сепак топ вест: уапсен Ратко Младиќ

И нешто за финансиските придобивки, но и обврските на Хрватска по зачленувањето во ЕУ:

Европската комисија ги подготви главните елементи на финансискиот пакет, според кој земјата во првите две години од членството би добила нешто повеќе од 3,5 милијарди евра од европските фондови.

Се работи за предлог на Евроспката комисија за кој кон крајот на годинава ќе расправа Советот на ЕУ, односно државите членки. Во документот се тргнува од „работната претпоставка“ дека Хрватска ќе биде членка на ЕУ од јануари 2012., доколку бидат исполнети условите за членство. Предлогот ги покрива само првите 2 години од членство (2012. и 2013.), зашто Европската унија има долгорочна 7- годишна финансиска рамка, тн. „Финансиска перспектива“, а сегашната е за до крајот на 2013.

Во првата година од членството Хрватска од европската пресметка би можела да повлече 1,561 милијарди евра, а во втората 2,006 милијарди евра. Тоа се износи што се предвидуваат во пресметки на ЕУ за 2012. и 2013. година, но не значи дека тие средства ќе бидат исплатени во текот на тие две години. Имено, европската пресметка се искажува на два начина: издвоено се прикажуваат преземените обврски, односно расходите што се врзани за активностите подолго од една финансиска година, и расходите кои ги покриваат активностите од тековната и претходните финансиски години, а кои се исплатени во таа година.

Вкупниот износ за тие две години од 3,568 милијарди евра се однесува на проекти кои можат да се одвиваат низ повеќе години. Најголемиот дел отпаѓа на средства за поттикнување на економскиот раст и вработувањето- за 2012. се предвидени 1,005 милијарди, а за 2013. 1,386 милијарди- вкупно 2,392 милијарди евра. Потоа следат директните плаќања на земјоделците, средствата за рурален развој и рибарство- вкупно нешто над 750 милиони евра годишно. За финансирање на инвестиции за јакнење на контролата на надворешните граници на Европската унија, во рамките на подготовките за влегување во Шенгенскиот простор, се наменети 120 милиони евра, по 60 милиони во секоја од тие две години.

Прочитај и за ... >>  Хрватска во „стресна состојба“

Комисијата наведува дека финансискиот учинок на хрватското пристапување на пресметката на ЕУ ќе биде ублажен со уплатите на Хрватска во заедничката пресметка. Според проценките на Комисијата, Хрватска во првата година би требало во пресметката на ЕУ да уплати 609 милиони евра, а во 2013. 647 милиони. Како и за останатите нови земји членки, предвидено е постапно зголемување на средствата од Европската унија, во согласност со зголемувањето на хрватските апсорпциони капацитети за повлекување на тие средства. На пример, за директни плаќања на земјоделците се наменети 373 милиони евра годишно, но во првата година Хрватска ќе може да повлече 25% од тој износ. Потоа тоа се зголемува на 30%, па на 35% во третата година, а потоа сумата се зголемува за 10% годишно до полниот износ кој ќе биде достигнат за 10 години. Кога е збор за руралниот развој, предвидено е Хрватска веќе во 2014. година да го повлече полниот износ од 352 милиони евра годишно.

Европската комисија наведува хипотетичен износ колку членството на Хрватска годишно би ја чинело пресметката на Европската унија кога до 2013. би биле достигнати полните износи што се предвидени. Се работи за сума од 2,6 милијарди евра.

Наведеното за Хрватска е добар показател и за (не)реалните очекувања, односно надежи кај многумина во Република Македонија кои членството во ЕУ го гледаат како нејзин „спас“. Треба да се имаат предвид сите разлики помеѓу Хрватска и Македонија (во полза на Хрватска), па финансискиот пакет во првите 2-3 години веројатно треба да се „предвидува“ во милиони, а не во милијарди евра. Имено, од наредната „Финансиска перспектива“ на ЕУ (од 2014.) Република Македонија сигурно ќе „фати“ 2-3 години (според некои „надежни“ проценки, нејзино членство е можно „околу“ 2018. година).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here