Потребно време за читање: 6 минути

Дали зад последните убиства односно терористички акти стои организирана политичко- олигархиско- криминогена група со цел дестабилизација на Хрватска што ќе ја оддалечи од евро- интергацијата? Ако се имаат предвид не само тие, туку и мафијашкиот бизнис кој е навлезен и во најниските структури на власта и политиката, како и оценките и жестоката реакција на претседателот Месиќ и премиерот Санадер, состојбата се драматизира и се чини дека ја достаса кулминативната точка.

Засега не се воведува вонредна состојба во државата, но, како што потенцира премиерот, се воведува во органите директно задолжени за внатрешната безбедност.

Хрватска е се уште во шок по злосторството на улиците на главниот град, во кое се убиени сопственикот на хвратскиот неделник „Национал“ Иво Пуканиќ и шефот на маркетингот Нико Фрањиќ.

Изјава на претседателот Стјепан Месиќ:

„Криминалното подземје се соочи со правната држава и целиот систем со предизвикот со каков што досега не сме се сретнале. Секој граѓанин на Хрватска со право вечерва се прашува: „Кој е следниот?“ На теророт и тероризмот државата и системот мораат да одговорат моментно, енергично и со сите расположливи мерки.

…Ова е момент кога нашето општество мора да биде единствено. Прашањето со кое се соочуваме е: „Или ние, или тие“, при што „ние“ значи правната држава, функционирањето на институциите на системот и сигурноста на граѓаните, а „тие“- криминалците, терористите и мафијашите. Ако досега се чекаше, времиња за чекање сега веќе нема. Очекувам и барам од сите релевантни институции и челници со крајна одговорност да ги исполнуваат своите должности, свесни за фактот дека внатрешниот мир и сигурноста на сите граѓани е нивната најважна цел“.

Премиерот Иво Санадер рече дека не сака Хрватска да стане Бејрут, не сака хрватските улици да станат бојно поле:

„Владата го осудува тоа злосторство и најавува дека таа и сите институции на Република Хрватска уште порешително и поостро ќе се пресмета со криминалот на хрватските улици. На овој случај работат најдобрите хрватски полицајци. Ова е нешто против што ќе застанеме сите заедно“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ова убиство, што се случи 16 дена по свирепото убиство на младата правничка Ивана Ходак, исто така во центарот на Загреб среде ден, значи дека подземјето не се плаши од најавите на државниот врв за поостри мерки против организираниот криминал, Санадер одговори дека му се чини оти во овој случај е збор за многу поголема од обична пресметка со подземјето.

Хрватскиот премиер повтори дека сите државни институции прават се граѓаните на улиците на хрватските градови да бидат сигурни, а на прашањето дали Владата размислува за воведување на вонредна состојба одговори негативно.

Прочитај и за ... >>  НЛБ Тутунска добитник на престижна награда

Началникот на кабинетот на шефот на полицијата Крунослав Боровец на вонредна конференијца за новинарите соопшти дека бомбата била поставена покрај автомобилот на Пуканиќ, а не под него и оти е активирана во моментот кога Пуканиќ и Фрањиќ му се доближиле на возилото. Испитани се околу 1.500 луѓе и продолжува интензивната истрага. Полицијата веќе има некои корисни информации, но наведува дека во интерес на истрагата засега нема да и се предочат на јавноста.

Тој додаде дека конечната квалификација на тоа злосторство ќе зависи од полициската истрага и резултатите до кои ќе дојде полицијата во наредните денови.

За Хрватското радио Боровец изјави дека Пуканиќ го убиле професионалци, со оглед на потребното знаење и вештините.

Од загребската полиција потсетуваат дека пред 6 месеци беше направен обид за убиство на сопственикот на „Национал“, но тој во меѓувреме не пријавувал никакви закани, нитu можело да се насети дека би можел да се случи нешто слично, поради што пред два месеца му е укината полициската заштита.

Меѓутоа, „Нови лист“ објави дека убиениот хрватски новинар само ден пред убиството му се доверил на претседателот Месиќ дека има чувство оти некој ќе го убие, но оти повеќе ништо освен тоа не рекол. Весникот потсетува дека, според информациите кои дошле во медиумите, на минатата седница на Советот за национална безбедност по ликвидацијата на Ивана Ходак Месиќ предупредил дека требало да се разреши обидот за атентат врз Пуканиќ.

Редакцијата на хрватскиот неделник „Национал“ ја обвинува полицијата за убиството затоа што му ја укинала заштитата иако тој на тоа изрично се спротивставил.

„Бидејќи му е одземена физичката заштита, и покрај опасноста што и натаму му се закануваше, на што тој предупредуваше, оние кои така одлучија се директно одговорни за неговата смрт“, пишува во соопштението објавено на сајтот на „Национал“. Редакцијата смета дека за убиството на Пуканиќ се виновни и, како што наведува, „оние во државното обвинителство и полицијата кои ја опструирале истрагата за првиот обид за негово убиство“. „Национал“ исто така тврди дека Пуканиќ лично пред неколку месеци прибавил повеќе докази за можната личност која се обидела да го убие, дека ги проследил на полицијата, но таа не презела ништо.

Некои податоци и интересни и контроверзни моменти од биографијата на убиениот хрватски новинар:

48- годишниот Иво Пуканиќ дипломирал на Факултетот за политички науки, работел во изданијата на „Вјесник“, а од 1991-ва година во неделникот „Глобус“ како уредник. Кон крајот на 1995-та со група новинари го основа „Национал“ во кој е главен уредник до 2000-та, а потоа и еден од сопствениците.

Прогласен е за новинар на годината во 1999-та година. Потоа ја добил и наградата на Хрватското новинарско друштво за истражувачко новинарство во 2000-та година и награда за интервју на годината со генералот Анте Готовина во 2003-та година.

Прочитај и за ... >>  Предупредување и оправдување

Од Хрватското новинарско друштво е исклучен во летото на 2008-ма година кога објави медицинска документација и историја на болеста на својата сопруга Мириана, со што повреди поовеќе законски одредби и етиката на новинарската професија.

Набрзо по таа афера врз Пуканиќ е извршен обид за атентат. Првиот е извршен на 9-ти април годинава пред влезот во неговиот стан во Загреб. Непознат атентатор од непосредна близина пукал во неговата глава, но Пуканиќ успеал да го избегне куршумот.

„Национал“ стана познат во Србија во 2001-ва година кога почна да објавува серија на текстови за тоа дека тогашниот премиер на Србија Зоран Ѓинѓиќ е вмешан во шверц на цигари. Се установило дека тоа била обична кампања чија цел била да се спречи намерата на тутунската индустерија БАТ да изгради фабрика за цигари во Србија.

Помеѓу контроверзите на Пуканиќ е и серијата на текстови во „Национал“ од 2001-ва година во кои го обвини српскиот деловен човек со швајцарски пасош Станко Суботиќ Цане за наводен шверц на цигари во Србија и Црна Гора.

Пуканиќ слично пишуваше и за црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, тврдејќи дека тој и Суботиќ се поврзани.

Српскиот таблоид „Press“ објави дека наводно 10-тина дена пред убиството Пуканиќ на полицијата и пријавил дека непознати лица му се закануваат со смрт и оти го најмиле бруталниот „леворак убиец“, припадник на Земунскиот клан, Сретко Калиниќ да го убие. Напиша и дека Калиниќ (со прекар Бели) е еден од најбараните криминалци во Србија кој во отсуство е осуден на 40 години затвор поради учество во убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.

Наводно, Калиниќ е виден и во Хрватска, а на српските специјалци досега постојано успевал да им избега. Иако е виден во прошетка низ трговскиот центар „Меркатор“ во Нов Белград, не е уапсен. Тој монструозен припадник на Земунскиот клан своевремено од водачот на својата банда Душан Спасоевиќ барал дозвола да го убие целото семејство на својата сопруга зашто „му било важно само да убива“.

34- годишниот Калиниќ во Србија е попознат како „леворак убиец“ зашто наводно повеќето од своите егзекуции ги сторил со левата рака. Се раскажува, наведуваат српски медиуми, дека во 1999-та година на Косово без причина убил муслиман кој поминувал покрај него со велосипед, а на една своја жртва по убиството коските и ги смачкал со чекан и ги втопувал во киселина.

Српските медиуми го препознаа Калиниќ според објавениот фоторобот. Според нив, тој необично потсетува на Сретко Калиниќ. Неименуван извор од загребската полиција за „ Press“ потврди дека во атентатот на Иво Пуканиќ е користен експлозив „PEP 500“ кој исто така го користел и во мафијашките пресметки во Србија.

Прочитај и за ... >>  Владата незаинтересирана или...

Полицијата го открила бројот на шасијата на моторот во кој била подметната бомбата, а кој се наоѓал пред автомобилот на Иво Пуканиќ во моментот на експлозијата, тврдат хрватските медиуми. Не е познато името на последниот сопственик на уништениот мотор, а според некои извори можно е моторот да е украден. Сигурносните камери наводно снимиле машко лице како го паркирал моторот на тоа место.

Полицијата исто така се сомнева дека атентаторот веднаш по убиството избегал во Босна или Србија.

Некои медиуми тврдат дека последните денови од животот Купаниќ ги минал во страв од Калиниќ.

Сретко Калиниќ, наречен „Бели“, е роден во Задар на 25-ти февруари 1972-ра, неосудуван (!), познат е како ладнокрвен и пред се ефикасен професионален убиец кој минува низ разни казнени евиденции, но никогаш, ништо не му е докажано- се до акцијата „Сабја“, по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, кога повеќемина осомничени, обвинети и сведоци (како соработници- покајници, така и обични) го означија како таков.

Докажани му се неколку свирепи убиства и е осуден првостепено во отсуство на 40 години; законската пресуда се очекува овие денови. Се работи за човек пред се ладнокрвен, кому да се убие некој му е како да кивнува, поради што воЗемунскиот клан котирал високо. По пет години во бег и без трага, Бели Калиниќ мора себе си навреме многу добро финансиски да се осигурал.

Меѓутоа, како што велат полициски извори во Белград, речиси е сосема извесно дека тој ќе се варди од потфати од ваков тип како што е бомбата во Влашка. Тоа е опасно, несигурно и надвор од неговата специјалност, која е огнено оружје од блиску. Накратко, не е негов ракопис. Освен тоа, нема никакви индиции, дури ни оддалеку, дека овие загребски убиства се во некоја врска со Белград. Конечно, лицето од фотороботот кој хрватската полиција го пушти во јавност според ништо не потсетува на Калиниќ.

Значи, треба да се гледа малку поблиску: хрватскиот организиран криминал има и луѓе и стручност и ресурси ваквите убиства да се изведат без помош од страна, иако, за волја на вистината, размена на услуги, како што е познато, не може да се исклучи.

Со очекува брза акција на хрватската полиција и другите органи одговорни за борба против тероризмот- фаќање не само на убиецот на Пуканиќ, туку и разбивање на мрежата на подземјето и апсење на главните водачи и членови на хрватската мафија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here