Потребно време за читање: 4 минути

Иако дочекани со не мала доза на изненадување, па и шокантност, оставката на Иво Санадер од функциите премиер на Хрватска и лидер на владејачката ХДЗ воопшто не е неочекувана. Напротив, кога ќе се склопат сите „камчиња“ на „актуелниот мозаик“ може да се заклучи дека неговото доброволно повлекување е всушност изнудено.

Сосема неубедлива беше „првичната“ изјава на Санадер на вонредна конференција за новинарите на почетокот од месецов:

„Се повлекувам од лични причини“.

Особено ако се има предвид нејзиното „продолжение“:

„Не можам да кажам дека моето заминување нема врска со проблемите во преговорите со ЕУ“.

Санадер објави целосно повлекување од политиката и оти нема да се кандидира за претседател на Република Хрватска.

И првите- првичните оценки и проценки на аналитичарите на хрватските состојби упатуваат на „глобалната“- дека оставките се изнудени. Имено, се шпекулира (но се наведуваат и бројни аргументи) дека во владејачката ХДЗ постојат големи поделби, фракционерски судири. Се наведува фракцијата на Андрија Хебранг, која веќе подолго време предупредува оти Санадер ја носи партијата во пропаст. Наводно, незадоволството кулминирало по расправиите околу државните пресметки и неодамнешниот ребаланс на државниот Буџет.

Меѓутоа, не е мал бројот и на оние кои „соодветни“ заклучоци изведуваат од „искреноста“ на Санадер дека неговото заминување има врска и со проблемите во преговорите со ЕУ- дека се работи и за сериозни, големи притисоци и уцени на Унијата по неуспешните преговори за граничниот спор со Словенија.

Некои, пак, сметаат дека пресудно за одлуката била здравствената состојба на некој од потесното семејство, односно дека некој од неговото семејство пати од тешка, прогресивна и неизлечива болест.

Прочитај и за ... >>  Хрватска од јануари 2012. членка на ЕУ

Најсериозни и со „најсилни“ аргументи се тврдењата дека се работи за смислен план на Санадер и ХДЗ. Со не мала доза на иронија, па и цинизам, се коментира дека тој со „големи зборови“ ја отстапува должноста, предизвикува шок и ги остава соработниците сами да ги држат работите под контрола, за наесен, кога работите ќе тргнат на подобро, да се врати „како витез спасител“ и кандидат за претседател на Хрватска.

Деновиве со свое „откритие“ тоа го потврди водечкиот хрватски портал index.hr: актуелните случувања во Хрватска се мошне слични на оние во Аргентина од пред неколку години, кога таа држава прогласи банкрот. Насловот на коментарот: „Хрватска-последни денови во рајот пред аргентинско сценарио“.

Се потсетува дека Аргентина своевремено важеше за една од најбогатите држави, но се доведе во ситуација да доживее целосен економски колапс. Кризата во Аргентина беше увезена од страна, долговите се решаваа со продажба на семејното богатство, потоа се повикуваше на зголемување на потрошувачката во обид да се спаси она што може да се спаси. Државата се обиде проблемите со ликвидноста да ги надмине преку издавање на државни обврзници, со што јавниот долг достигна 132 милијарди долари. Ситуацијата кулминира во 2001- ва година: граѓаните излегоа на улица, синдикатите организираа масовни штрајкови, а сиромашните ги нападнаа и опустошија самопослугите. Владата одби да даде оставка, по што гневниот народ влезе во домот на министерот за финансии Доминго Каваљо. Тој поднесе оставка, а таа, пак, предизвика бран оставки во целата Влада. Во немирите животите ги загубија 35 лица, а околу 5.000 демонстранти беа уапсени.

Прочитај и за ... >>  И Македонија со нуклеарна централа

Објавено е дека хрватскиот долг деновиве достигна 40 милијарди евра.

По консултациите со партиите, претседателот на Хрватска Стипе Месиќ и го додели мандатот за состав на новата Влада на Јадранка Косор, досегашна вицепремиерка за семејство и бранители.

Интересно е да се одбележи дека, освен поддршката од својата партија- десничарската ХДЗ и нејзината коалиција, таа нема поддршка од неколку опозициони партии, па се реални се очекувањата дека „нејзината“ Влада ќе биде техничка, а може да падне само по 6 месеци, со новиот ребаланс на Буџетот.

Зоран Милановиќ, претседател на најсилната опозициона Социјалдемократска партија, смета дека новата Влада на владејачката ХДЗ нема политички легитимитет и оти мора да се одржат предвремени избори, но аналитичарите предупредуваат дека тие сигурно ќе ја одложат интеграцијата во ЕУ.

Забележано е дека оставката на Санадер не предизвика „пожешки“ реакции во партијата ХДЗ. Прилично „рамнодушно“ бил проследен и неговиот последен говор како претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на партискиот конгрес што се одржа во саботата во Загреб. Осврнувајќи се на дејствувањето во изминатите 20 години, тој го повика членството да продолжи понатаму, потенцирајќи дека партијата никогаш не се повлекувала и нема да се повлече пред предизвиците и уцените (како онаа за отстапување на територија за влегување во ЕУ).

Прочитај и за ... >>  ЕУ не ја користи историската шанса да го одложи сопственото пропаѓање

Хрватскиот Парламент – Саборот вечерва ја одобри кандидатурата на Јадранка Косор за нов премиер. Косор е прва жена на оваа функција во досегашната историја на Хрватска.

Акценти од нејзиното инаугуративно излагање:

„Главна задача е да се справиме со економската криза и да ја зачуваме макроекономската стабилност, со што би можеле да ја обновиме економијата. Времињата се тешки, но со голема самодоверба ја преземам должноста. Ситуацијата е тешка, но не и безизлезна, а за кризата е потребно поголемо заедништво.

Мораме да го зачуваме секое работно место и да им помогнеме на оние кои се најзагрозени. Еден од приоритетите ќе бидат сите реформи и борбата против корупцијата“.

Косор изрази уверување дека Хрватска наскоро ќе излезе од слепата улица во преговорите за членство во Европската унија, во која западна поради граничниот спор со Словенија. Според неа, постои можност преговорите да завршат до крајот на годината, како што беше планирано:

„На нашите европски пријатели им порачувам дека сме подготвени, дека Хрватска ги исполнува своите задолженија, а тие треба да ги исполнат своите“.

Косор пред пратениците го претстави и составот на новиот кабинет.

Со оглед на „стресната состојба“ во која се наоѓа Хрватска, ефикасноста на новата Влада и, се разбира, успешноста на новиот премиер Јадранка Косор ќе се мерат и бројат не во „рамките“ на месеци и недели, туку на денови, па и часови.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here