Потребно време за читање: 2 минути

Ракометот како најтрофеен спорт во Македонија, еден од врвните спортови, на европската сцена се потврдува и на клупски план. Иако очекувани и реални, победите на „Металург“ и „Вардар Про“ се мошне значајни. Едно поради сигурноста и самоувереноста во играта, а друго и затоа што во европските натпреварувања е мошне важна стабилната, константната, а пред се континуираната игра. Почетните резултати најавуваат настап во Европа и во следната година.


Македонскиот ракометен шампион „Металург“ ги освои првите бодови во Лигата на европските шампиони. Со 37:30 го совлада „Драмен“, директниот конкурент за опстанок во Европа. „Вардар Про“, пак, пред домашната публика во „СРЦ Кале“ во Скопје се избори за триумф од 36:27 над естонскиот претставник „Чоколад Бојс“, а му требаше победа од 2 гола разлика за пласман во 3-тото коло од Купот на националните куп победници.

Без намера да ги обезвреднат победите, некои спортски коментатори сега велат дека бил непотребен стравот оти „Металург“ не ќе може од Лигата на шампионите да продолжи во Купот на куповите. „Драмен“ е првак на Норвешка, а тоа „автоматски“ значи тим за респект, но квалитетот е сепак на страната на македонскиот шампион. Тој став го аргументираат со оценката дека 7-те голови разлика се плод на најдоброто издание на „Металург“ во 9- те досегашни дуели во елитата, но сепак, второто полувреме треба да предизвика претпазливост за гостинскиот дуел на 23-ти ноември, иако и таму македонскиот тим треба да размислува за победа, а не како да го одбрани триумфот на домашен терен.

Прочитај и за ... >>  Неподнослива леснотија на живуркање

Не се во право. „Рецептот“ за успех во кој било спорт, не само во ракометот, е секогаш, секој натпревар, сеедно на домашен или туѓ терен, да се игра максимално ангажирано, со сиот квалитет што се поседува, сериозно, што ќе рече никако не со потценување на противникот или однапред „докажана“ инфериорност. Врвните македонски ракометари и во своите клубови и во репрезентативниот дрес тоа очигледно добро го научиле и затоа постигнуваат во континуитет одлични резултати кои дури креваат и „на нозе“.

„Вардар Про“ утре ќе го добие противникот во третото коло од Купот на куповите. „Црвено-црните“ не блескаа, одиграа колку што беше потребно да се мине естонскиот „Чоколат Бојс“. Сеедно е (би било добро да е) дали играта и резултатот се дел од стратегијата формата да расте со текот на сезоната.

Што се однесува на женскиот ракомет, тоа е во последно време сосема друга „приказна“. Нема ниту трага од поранешниот европски и светски „Кометал Ѓорче Петров“ (некогашен првак на стариот континент). Проблемите во клубот се големи, пред се од финансиска природа. Постои дисконтинуитет во работата на клубот и во самата игра на теренот. Ќе претставува голем успех ако на стартот во Лигата на шампионите, на 31-ви октомври, на домашен терен биде совладан унгарски „Ѓер“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here