Потребно време за читање: 3 минути

Собранието се распушти, утре претседателот Трајко Вељановски ќе го потпише Решението за распишување избори.

Не беше неочекувано, но пратениците како да заборавија дека се собраа последен пат ЗА ДА ГО ВРАТАТ ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ добиен од граѓаните на Република Македонија на избори!

Наместо макар „најопшт“ јавен отчет, макар „пратеничко групен“ со кој ќе се обидат да го прикажат како одработен пратеничкиот мандат, слушавме жестоки препукувања и (само)обвинувања дека овој собраниски состав бил најлошиот во сиот изминат 20-годишен демократски плурален живот на земјава. Како тие да не беа дел од него!

А неприсуството на пратениците од СДСМ или „доследниот бојкот“ („до последен здив“) не само што е проблематичен, туку е и катастрофален за партијата, а што ќе се покаже на изборите.

Тоа најнапред значи дека тие НЕ ГО ВРАТИЛЕ СВОЈОТ ПРАТЕНИЧКИ МАНДАТ! Бидејќи не присуствуваа, значи не учествуваа во распуштањето на Парламентот, за нив ТОЈ НЕ Е РАСПУШТЕН. (Без оглед што одлуката за распуштање се носи со двотретинско мнозинство, а ја потпишаа сите присутни 79-мина пратеници.) Од друга страна, СДСМ ќе учествува на вонредните избори и ќе бара нови пратенички мандати. Доколку не понуди список со НОВИ КАНДИДАТИ, доколку на изборните листи во сите изборни единици се појави КОЈ БИЛО од досегашните пратеници, ќе биде во најмала „рака“ проблематично: ДА СЕ БАРА НОВ ПРАТЕНИЧКИ МАНДАТ, А ПОСТОЈНИОТ НЕ Е ВРАТЕН. Не се работи за некаква симболика, туку пред се и над се за почит на избирачите и лично и партиско достоинство.

Прочитај и за ... >>  Го даваат ли победникот на предвремените избори (евентуални) моментните рејтинзи?

Следевме жестока расправа помеѓу пратениците на ДУ и ДПА (чии пратеници исто така ја бојкотираа работата на Парламентот повеќе од една година, но дојдоа ДА ГИ ВРАТАТ ПРАТЕНИЧКИТЕ МАНДАТИ), на моменти и со речник кој не му доликува ниту на просечно култивирана личност („да ви ја скинеме главата“). Веројатно во предизборната кампања ДПА ќе оди (главно) токму со барањата поради кои бојкотираа: нов политички договор, автентично толкување на Законот за амнестија и нов Закон за службена употреба на албанскиот јазик.

Жестока дебата имаше и помеѓу македонските пратеници- од ВМРО-ДПМНЕ и опозиционата ЛДП. Ќе останат запаметени, а можеби и со „соодветна реакција“ во предизборната кампања зборовите на Јован Манасиевски (од СДСМ и лично „мртвиот Индијанец“ Бранко Црвенковски):
„40 пратеници ќе имате, со тоа не се прави влада. И ве молам, оставете го Бранко Црвенковски. Што трошите муниција на мртов Индијанец? Што зборувате за Црвенковски? Тој е минато, тој тоа го знае. Тој нема да се кандидира на ниедна листа. Што го мачите човекот? Во потрага е по премиер, зашто никој не прифаќа да влезе во пораз“.
Претседателот на Собранието Трајко Вељановски со право поентираше во своето обраќање:

Прочитај и за ... >>  Од што и/или од кого треба да се плаши Груевски

„Мора да разбереме дека пратениците во делот на обврските не се и не треба да бидат различни од сите други граѓани во државава кои работат макотрпно и кои секојдневно мора да ги исполнуваат своите обврски. Од друга страна, не знам дали некој друг претседател на Собранието бил толку активен да ја врати опозицијата во парламентот. Трпеливо чекор по чекор разрешивме повеќе спорни прашања во текот на овој мандат. Доколку парламентарниот политички дијалог се одвиваше во континуитет, без оглед колку беа големи недоразбирањата, ќе дојдевме до заеднички решенија во интерес на граѓаните“.

Што се однесува на изборните калкулации, нормално е да ги држат во строга тајност оние партии кои се во „грч“, кои или не се сигурни во изборна победа или знаат дека ќе изгубат, па со „правилен“ избор на кандидати ќе се обидат колку- толку да го ублажат поразот. Во најтешка и најнезавидна ситуација е СДСМ. Оваа главна опозициона партија за првпат ќе мора да „работи“ за свој нелидерски кандидат- за премиер кој нема да биде едновремено и партиски лидер. Бранко Црвенковски треба сиот свој лидерски авторитет да го вложи во некој што ќе биде „негов“ (послушен) премиер. Ќе најде ли таков- доброволно инфериорен и однапред етикетиран како „Бранков послушник“? И како тој ќе се брани дека нема да биде тоа, односно дека граѓаните не гласаат за Бранко, туку за него?

Прочитај и за ... >>  Се повеќе „европски аграр“ во Македонија

Адутот на Црвенковски во најголема тајност? Не, туку во најпроблематична! Се разбира, не помала грижа е и изборот на кандидати за пратеници. Очигледно, тој не е „доволно голем“, особено ако се „избришат“ досегашните (штотуку „распуштени“) како прилично негативно „прокажани“.

Потврда на ова е поместувањето на датумот на одржување на партискиот конгрес на кој треба се да биде „расчистено“ (наместо околу 20. овој месец, на почетокот од идниот).

На владејачката партија и е многу полесно, зашто може да настапи со сегашниот пратенички и владин состав, со неколку „освежувања“, па полесно и посигурно може да се шпекулира кои ќе се најдат на изборните листи и во кои изборни единици. Разбиурливо, и од ВМРО- ДПМНЕ се инсистира на законски утврдениот датум за тоа.

Како и да е, она што е најважно е неспорно: што се однесува на победникот- победниците и поразениот- поразените, претстојните вонредните парламентарни избори се едни од најизвесните досега. Сигурно победува ВМРО- ДПМНЕ, само со помал број на пратеници од досегашниот, но доволно за формирање на нова влада со сегашни и идни коалициони партнери. Последните релевантни истражувања и анкети на јавното мислење (деновиве) го потврдуваат тоа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here