Потребно време за читање: 6 минути

Да, рецесијата се посилно тропа и на нашата врата, го „слушаме“ односно чувствуваме тоа од ден на ден се повеќе. Се уште не ја отвора, но повеќе од сигурно е дека ќе влезе, и тоа без употреба на поголем напор односно „туркање“. Треба ли да се плашиме од неа?

Оние што ја знаат суштината на рецесијата одговараат негативно, потсетувајќи дека депресијата е многу полоша и поопасна. Впрочем, и во нејзиното дефинирање постојат прашања и дилеми. Не постои најпрецизна дефиниција, па дури се наметнува потреба од редефинирање.

Главно, рецесијата се дефинира како пад на БДП два квартала последователно. Меѓутоа, тоа мошне лесно се доведува во прашање доколку се имаат предвид некои проблеми воочени токму во оваа економска криза: БДП може да флуктуира квартално, на пример во првиот и третиот квартал 4%, а во вториот и чевртиот 1% , што по дефиниција не би било рецесија иако доаѓа до негов релативно долгорочен пад; или дирекната и индиректната поврзаност на БДП со порастот на населението.

Се чини дека имаат полно право некои еминентни економски стручњаци кога инсистираат на поголемо значење на невработеноста. Имено, таа се мери полесно и бројките не се менуваат подоцна, а порастот на невработеноста досега се покажа како добар индикатор на рецесијата. Како пример се наведуваат САД бидејќи тамошниот пазар на трудот е прилично либерален, па промените во економијата релативно брзо се одразуваат на бројот на вработените.

Она што во овој момент претставува сериозна опасност за Македонија е задоцнетото откривање на рецесијата, односно обидите за нејзино „одложување“ токму поради евидентниот страв од нејзините последици. Тоа едновремено ќе значи одлагање на примена на решенија. На пример, во текот на рецесијата се намалуваат каматните стапки зашто не постои можност од предизвикување на инфлација. Се приведува примерот на Јапонија во периодот 1997-1999- та година, кога доцното откривање на рецесијата доведе до пролонгирање и нејзино и на дефлацијата.

Депресијата, пак, е сериозна рецесија, при што се случува пад на реалниот БДП во два последователни квартала од над 10%. Познато е дека се до големата криза во 30- тите години на минатиот век сите рецесии се нарекувани депресија, а подоцна е измислен новиот термин.

Решенија за надминување на рецесијата? Ги има повеќе: со зголемување на државната потрошувачка (кензијанците), со монетарната политика (доволно кредитна инфлација спречува натамошна дефлација и контракција) и сл., но заедничко е тоа што таа се дефинира како проблем кој треба да се реши.

Прочитај и за ... >>  Помеѓу „ќе“ и „можам“ (нема и „морам“)

А еден од најголемите економисти на 20- от век, Австриецот Лудвиг фон Мизес, смета дека депресијата не е проблем кој чека да биде решен, туку решение на проблемот. Таа е само соочување со реалноста, ликвидирање на неодржливите инвестиции создадени со погрешно пренасочување на капиталот во капитално поинтензивни проекти по пат на вештачко снижување на каматните стапки. Борбата против рецесијата е всушност борба против природниот процес на самокорегирање на стопанството. Државата не треба да интервенира во текот на рецесијата, и тоа не зашто „фискалниот стимулус не функционира“ или оти „монетарната политика е неефикасна поради замките на ликвидноста“, туку затоа што рецесијата/депресијата е всушност позитивна фаза на економско заздравување, период на елиминирање на лоши инвестиции.

Во согледувањето и анализата на моментната состојба на македонската економија, односно обидот за одговор на прашањето дали и кога ќе се случи „влегувањето“ во рецесија, треба да се има предвид ставот на Извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Доминик Штраус- Кан, изнесен во март годинава- дека ситуацијата во светската економија е „стуштена“ и ќе дојде до „пустош на невработеноста“ доколку не се преземат поголеми напори.

Во говорот пред Меѓународната организација на трудот во Женева тој рече дека кризата се заканува со фрлање на милиони луѓе назад во сиромаштија и оти би можело да дојде до немири, па дури и до војни. Некои земји се соочени со „фискален колапс“ и е мошне изгледно повлекување на пари од новите економии. Земјите во развој страдаат додека вложувачите бегаат од ризичните пазари за време на глобална финансиска криза. ММФ им дал на економиите, помеѓу кои се Унгарија, Украина, Пакистан и Латвија, 55 милијарди долари во изминатите 6 мсеци (до крајот на март годинава) за да ја спречи неликвидноста и со тоа исцрпувајќи ги своите средства

„ММФ е подготвен да направи повеќе. Но тоа не е доволно, зашто креаторите на политиката мораат одново да ги проектираат своите модели за да бидат во состојба да дејствуваат со помал доток на пари. Пари без промени на политиката се бескорисни“, потенцира тој.

Повикувајќи ги владите да ги намалат даноците и трошоците, Штраус Кан рече дека монетарната политика „го достигна својот лимит“ и оти опоравувањето е можно во 2010- та година во зависност од тоа „каква политика ќе биде спроведена“.

Прочитај и за ... >>  И македонскиот клупски ракомет на европската сцена

Дека станува неминово скорешно влегување на македонската економија во рецесија (прашање на денови и недели), потврдува и Нардоната банка на Македонија со ревидирањето на проекцијата за економскиот раст на земјава годинава. Предвидува негативна стапка од 0,4%, што ќе рече дека „не е, ама е“ влегување во рецесија (очекување на значително забавување на домашната побарувачка во вториот квартал). Се предвидува и исклучително ниска стапка на инфлација-0,6%, поради намалените притисоци на побарувачката и понудата и повисока споредбена основа.

Меѓутоа, од друга страна токму НБРМ најавува можно затегнување на монетарната политика, а што ќе зависи од кондицијата на девизните резерви чие салдо сега изнесува 1 милијарда и 200 милиони евра. Мошне силна и упорна е одбраната на курсот на денарот. Банката само во последните 4 месеци потроши околу 300 милиони евра од девизните резерви. Се очекува зајакнување на салдото со 50 милиони евра што треба да ги обезбеди Владата од надворешно задолжување (преку издавање на евро- обврзница, ММФ и заем од Светска банка).

Значајни се и 38- те милиони евра дивиденда од „Телеком“. (Владата со нив ќе покрие дел од дефицитот во Буџетот.)
Имено, денеска е договорено акционерите да почнат со делба на вкупно100 милиони евра кон крајот на мај, а за една акција ќе се добива дивиденда од 71 денар.

Мошне конкретен став на министерот за финансии Трајко Славевски:

„Цениме дека 200 милиони евра се минимални од аспект на пазарот. Количеството на средства кои би требало да се емитираат, околу 200 милиони евра, би отишле како депозит на Владата во девизните резерви. Сметаме и на стабилизирање на девизниот пазар“.

Колку Владата на РМ, а особено стопанските субјекти се подготвени за природен процес на самокорегирање? Прифаќајќи го ставот дека државата не треба да интервенира во текот на рецесијата оти е таа позитивна фаза на економско заздравување, период на елиминирање на лоши инвестиции, од следењето на актуелното однесување на стопанските субјекти нема место за оптимизам. Тие засега објавуваат загуби во работењето, отпуштаат или најавуваат отпуштање на вработени и постојано бараат интервентни мерки од Владата (многу нивни се инкорпорирани во донесениот втор пакет), но често и нелогични.

Како што е, на пример, поттикнувањето на граѓаните повеќе да купуваат домашни наместо странски производи. (Треба ли да потсетувам на негативниот став на опозицијата и дел од стопанството во врска со кампањата пред кризата „Купувајте домашни производи“?). Од елиминирање на лошите инвестиции, односно преструктуирање во од засега нема ниту збор, особено кога се работи за големите претпријатија (кај средните, а особено малите тоа веќе се случува, пред се поради нивната флексибилност).

Прочитај и за ... >>  Продажба- консумирање на дрога- највносен бизнис во светска економска рецесија

А „такво нешто“ и беше порачано на македонската бизнис заедница на денешната средба со почесните конзули: големите можности на македонскиот туризам, во кој буквално секој може да го најде своето место (дури и големите извозни компании кои бараат помош о државата преку формирање на посебно тело- експорт биро).

Кнут Одегард, почесен конзул на РМ во Норвешка, не кажа ништо ново, но е добро што потсети:

„Вие имате многу можности како туристичка земја. Ова е нешто сосема различно од сите други туристички центри. Можете да понудите историја, вашите прекрасни манастири, природа, прекрасна храна“.

Во меѓувреме уште две „поплаки“ на големи компании:

Македонскиот производител на челик и топловалани челични производи “Макстил” соопшти дека глобалната економска криза и нејзините нагласени рефлексии врз светската челична индустрија имаат исклучително негативни реперкусии и кај националната челична индустрија, дополнително усложнета со прекинот на снабдување со природен гас. Компанијата во првото тримесечје очекува да искаже негативен финансиски резултат од 1,7 милиони евра. Раководството информира дека е забележано намалено производство на финални челични производи од 40% и на сопствен челичен полуфабрикат од 22,7%.

Сепак не недостасува оптимизмот: доколку не дојде до некое непредвидено нарушување на условите на стопанисување, моменталните прилики на пазарот и сегашните ценовни односи на влезната и излезната страна даваат надеж негативниот резултат да биде елиминиран до крајот на деловната година.

Во координација со централата во Атина е донесена одлука скопската цементарница “Усје“ да отпушти 180 –мина работници. Раководството ваквиот потег го правда со ефектите од глобалната криза. Економските услови за работа на домашниот и извозните пазари биле влошени, што предизвикало значителен пад во производството и продажбата.

„Цементарница УСЈЕ е принудена, без какво било натамошно одложување, да бара решенија кои ќе обезбедат долгорочно опстојување на фабриката и продолжување со работа на долг рок“, се вели во соопштението испратено од менаџментот.

Вчера започнаа преговорите помеѓу раководството и синдикалците за дефинирање на условите и пакетите кои ќе ги добијат оние што ќе ја напуштат компанијата. Списокот на луѓе кои ќе останат без работа ќе биде утврден во рок од еден месец. Во УСЈЕ моментно работат 500 луѓе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here