Потребно време за читање: 3 минути

(22.03.2007)
Несериозен, па и карикатурален беше настапот (15.03) пред јавноста на екс министерот за култура Благоја Стефановски. Сепак, незаслужено беше одмолчен. (Медиумите само „голо“ информираа.) Ако не поради друго, барем поводно уште еднаш да се (у)каже во што е, каде е проблемот на „незгодната“, најчесто лицемерна позиција на сегашната опозиција: во сопственото (не)чинење кога таа ја практицираше власта.

Тоа поинаку се нарекува: немање ниту морално, ниту какво било друго право да се посочува на работи кои самиот си ги правел. На пример, партизацијата на културата.

Излезе Стефановски пред новинарите и рече:

„Македонија не може на секои четири години да почнува од почеток во македонската култура. Македонија не може да ја поднесе оваа партизација во културата, овој тип на забрани што и поголемите култури не можат да ги направат“.

Циниците знаат да речат: „Тресна зелена и остана жив (па и здрав)“. Бидејќи ние не сме такви, не велиме така, туку само (се) прашуваме без да бараме одговори (оти ги знаеме):

Прочитај и за ... >>  Неприфатлива симплификација

Зошто „на секои четири години“? Зарем Македонија не поднесува партизација на културата цели 16 години? И тоа не „четири по четири“? Дали со тоа што го кажа мислеше и на партизирањето на стартот од сопственото министерување? Колку раководители смени тој кога стана министер?

Да, точно, проблематично е, па и неприфатливо да се сменат 7-мина стручни раководители кои биле блиски до СДСМ, а притоа да се вработат тројно повеќе луѓе. Ама пак, сами по себе се наметнуваат некои прашања:

Дали тие биле само блиски? Да не биле членови на неговата партија (макар некои од нив)? Зошто не биле во Министерството пред тој да влезе во него како министер?

Не е само Стефановски тој кој го крева гласот против она што на кадровски план е направено во Министерството за култура. Го кренаа и сменетите директори на Балетот, на Драмски, на Музејот на Скопје и на Турскиот театар (кој останал и без локација за своја зграда; тврдење кое нужно бара дообјаснување и аргументи- зошто, на пример, не била изградена?).

Прочитај и за ... >>  Невешта замка: едно име за севкупна употреба

Стефановски беше уште поконкретен, па посочи дека во филмската програма е направена партиска поделба на „наши“ и „ваши“, со што „и се нанесува долгорочна штета на државата и на културата“. Изнесе уште некои „скандалозни“ потези како „доказен материјал“: протерувањето на балетскиот уметник Чичијашвили, парализирањето на работата на културните центри во Софија и Њујорк, а поставувањето на скулптурите пред Владата односно вадењето од археолошките локалитети Климе Коробар, поранешен директор на Музејот на град Скопје, го окарактеризира како една од авантурите на Паско Кузман која „и нанесува штета на Република Македонија“. Притоа не објасни каква и колкава. (Патем, токму пред влезот на Музејот одамна се поставени археолошки споменици и, колку што може да се види, се уште ништо не им фали: башка што поставувањето пред Владата е привремено.)

Стефановски и соработниците најавија јавни трибини за состојбите во културата.

Да, постои и станува неподнослива партизацијата во културата, но и во сите други области на нашето севкупно живеење (на пример, партизацијата на бизнисот). Меѓутоа, таа не е ниту од вчера, ниту од завчера. Трае цели 16 години, па и пред тоа, одамна. Меѓу другото, една од главните „домашни задачи“ на СДСМ (партијата на Стефановски) на патот кон Европската унија, која не ја исполни, па и ја остави во аманет на новата власт, беше токму таа- департизацијата. Зошто им беше поставена ако не го правела тоа како што, според „обелоденувањето“, го прави сегашнава? И што ако третина од „тројно повеќето“ вработени (другите две третини треба да се анализираат од други аспекти, а пред се од економски и функционален) се исто така стручни, а само блиски до ВМРО-ДПМНЕ или ДПА?

Прочитај и за ... >>  „Незгодна“ ситуација

Конечно: зошто Стефановски како министер не се опкружи со „чисти“ (ниту блиски) односно независни, авторитетни, почитувани творци, личности, и со меѓународно потврдени вредности? Се разбира и стручни?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here