Меѓународен ден против злоупотреба на детскиот труд

Над 18.000 деца не се вклучени во системот на образование, а најмалку 1.000 деца го поминуваат своето детство на улица.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, по повод 12-ти јуни, Меѓународниот ден против зллупотреба на детскиот труд, потсетува дека, и покрај тоа што Република Македонија пред 6 години ја ратификуваше Конвенцијата против злоупотреба на детскиот труд, состојбата останува алармантна.

Според Заводот за социјални дејности во Скопје, децата кои се на улица се поделени во неколку групи: деца без родители, деца со еден родител, деца на разведени родители, деца во нарушени семејни односи. Околу 30% од децата на улица се деца без родители. Децата на улица во Република Македонија ги има од сите возрасти и националности, но најмногубројни- 58%  се Роми.

„Меѓаши“ укажува и дека 15,5% од децата на улица се од предучилишна возраст, 64% на возраст од 7 до 14 години, 88,5% манифестираат социјално неприфатливо однесување, а 11,5% имаат толерантно социјално однесување.

Од Детската амбасада напомнуваат дека злоупотреба на детскиот труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална сексуална злоупотреба, детска проституција и порнографија, трговија со деца, деца војници.

„Министерството за образование му овозможува на секое дете да оди на училиште, Министерството за труд и социјална политика отвора дневни центри- постои еден дневен центар во Кисела Вода што работи активно, a постои уште еден во рамките на една невладина организација. Потребно е да се отворат други такви центри, бидејќи на овие деца им треба секојдневна грижа, затоа што повеќето од нив се улични деца кои немаат ни хигиенски навики, ниту, пак, имаат обезбедено егзистенцијална поддршка“, изјави Гордана Змијанац од „Меѓаши“.

Во светот има приближно 246 милиони деца на возраст од 5 до 17 години, чиј труд се злоупотребува. Од таа бројка околу 186 милиони се деца под 15 години. Поразувачки е дека мнозинството, односно 110 милиони се деца под 12 години.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *