Потребно време за читање: 4 минути

Не мислам на односите спрема стварите, нивната употреба и злоупотреба од страна на човекот-човештвото, туку на дневен ред ги ставам односите помеѓу луѓето. Поточно, нашиот-личниот и колективниот однос спрема човечката средина и околина.На ова ме поттикна една стамена домаќинка со која случајно се запознав на комунистичко- социјалистичкиот плоштад “Македонија на Пенов”, во еден почетен, првофазен постизборен парламентарен период. (Да си немаме недоразбиање: така не го нарекувам јас, туку чув како така го нарече некој во група на млади безделници седнати на една „негова“ клупа во едно сончево „работно“ претпладне. Ми се допадна, ми се виде „адекватно“ тоа именување, го запомнив, па еве го искористив.

Стамената домаќинка прво ме збуни, просто ме вчудовиде, но само некоја минута потоа убаво се разбравме.

Ми се пожали:

„Јас сум имала многу односи со луѓе, ама вакви помеѓу политичариве, овие што се договараат за новата Влада, никогаш не сум доживеала. Па како само можат толку отворено, дрско и безобазно? Имале право Швајцарцине што му дале инвалидска пензија. Море, кога би ми паднал в раце, би видел тој каков однос би имала со него“.

Се разбира, како културен и пристоен, не и поставив непристојно прашање какво што можете да претпоставите. Особено затоа што знам на кого мислеше во однос на она со швајцарската инвалидска пензија. Сигурен сум дека и вие знаете. Си го продолжив патот, а во меѓувреме брзо ми стана јасно што рече и што сакаше да докаже стамената домаќинка: имала многу меѓучовечки односи, од роднинско-пријателски до работно-неработни. Веројатно најмалку мислеше, може и воопшто не помисли на сексуалните. А „инвалидот“, ај сепак да не бидам „баш“ културен и пристоен оти можеби некому и не му текнува, е лидерот на партијата ДУИ, Али Ахмети, кој ја налутил (како и мнозина други) со неговата изјава дека ако неговата партија не влезе во Владата на Груевски, тој- Груевски како премиер ќе си имал „проблеми“ со „албанскиот народ“.

Прочитај и за ... >>  Бескрајно реформирање на образованието

Она што е можеби најбитно за односите од каков било вид, е дека нивниот квалитет најмногу зависи од однесувањето. Со други зборови, во прво лице еднина: какво ќе ти е однесувањето спрема оној со кого имаш односно посакуваш однос, таков и ќе ти биде. А од сите односи, најзависен од однесувањето е политичкиот. Од него произлегуваат најголемиот број други, а можеби, во најширока смисла, и сите. Па и сексуалниот.

Каква е состојбата кај нашиве ново- стари политичари на тој план? На прв поглед портокалова. Ама само на прв!

Лично мислам дека и овојпат (како и многупати досега, меѓу другото и поради недоволното познавање на „вториот јазик“ во Македонија) стамената домаќинка, но и многумина други, на многу повисоки „позиции“, погрешно го разбрала Господинот Али Ахмети. Токму поради незнаењето дека квалитетот на односите најмногу зависи од однесувањето.

Имено, тој сакаше да рече дека ако ДУИ не биде во власта, тогаш заедно со досегашниот и идниот коалиционен партнер СДСМ опозиционерски „жестоко“, како што се изрази Бучковски, ќе дејствува во новиот Парламент. И сигурен сум дека не мислеше на албанскиот народ (го има, засега нели, само во Албанија), туку на најголемата „немнозинска заедница“ во Република Македонија. Поточно, на оној дел од неа што гласаше за неговата партија (другите делови, нели, гласаа за други, особено за ДПА).

Прочитај и за ... >>  На 5. јуни предвремени избори во Македонија

И таа негова изјава не е никаква закана, како што ја оценуваат и коментираат, туку станува збор за однос спрема една власт (новата извршна, на Груевски). Јас сум 110% сигурен (ова колку малку да се поднасмеете) дека Ахмети, како досегашен учесник во неа, добро знае односно научи оти двете други власти (законодавната и судската), според „природата“ на нештата (ќе) ги решаваат „проблемите“, па и оние што ги предвидува, од ден на ден се понезависно.

Стамената домаќинка очигледно, како и сите обични луѓе, политичките односи ги разбира онака- домаќински.

Да, токму од политичките односи кај нас, за жал, зависи се или речиси се. Дури, да се повторам, се осмелувам да тврдам (немам време овде да образложувам и аргументирам) дека и сексуалните зависат од нив. Само да потсетам на брачниот однос во кој партнерите припаѓаат на различни политички опции. А тие, сексуалните, слушам одвреме- навреме (како „случаи“), биле присутни и во политичките.

Ќе си земам малку слобода, па во тој „контекст“ ќе оставам можност за нивна се поголема присутност паралелно со зреењеето на демократијата во земјава, а особено на демократскиот политички плурализам. Ако не поради друго, тогаш барем поради фактот што процентот на новите пратеници од понежниот пол никогаш не бил поголем од сегашниов. Се разбира, во прв план го имам односот во рамките на половата односно родовата рамноправност.

Прочитај и за ... >>  На македонскиот политички „фронт“ ништо ново

Е, токму таа- рамноправноста ми е поентата на ова мое промислување за односите. Имено, убеден сум , сигурен сум дека најстабилни, најдолготрајни, најквалитетни, најпросперитетни и најплодни се односите што се воспоставени на рамноправна основа. Особено кога станува збор за политичките, па и позиционерско-опозиционерските. И личните и колективните. Сигурен сум дека само со и во такви односи можат да имаат успех сите оние што имаат „нешто портокалово“ на себе.

Јас веќ си купив портокалова вратоврска. Дење не ја носам оти без неа сум некако покомотен. Само навечер, и тоа кога излегувам во центарот на градот без некоја цел. Сакам да речам, да се прошетам, да се видам со пријатели и познајници, да ме види народот, особено оној дел од него што имал и се уште не ја изгубил довербата во мене. Можеби токму затоа (дека не ја носам дење) се уште не сте ми ја забележале.

А прашувате какви ми се односите со досегашните и сегашниве политичари? Исти како и вашите: рамноправни односно зависно-независни.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here