Потребно време за читање: 8 минути

Што се не се изнаслушавме и не се изначитавме деновиве во врска со проблемот на Грција со македонскиот идентитет, а кој и го наметнува не само на Република Македонија и нејзиниот народ (според Уставот, мнозинскиата и немнозинските заедници; значи и на нивниуот идентитет!), туку мошне вешто и на „меѓународниот фактор“, пред се на членките на ЕУ и НАТО: нонсенси и небулози, недоветности, неукости, наивности, експертизи со и без наводници, политикантства, „прагматичности“, „отворени“ и „затворени“ лични сметки и пресметки…

Од тоа дека како последица веќе имаме „две Македонии“(?!); одамна прифатеното „здраво за готово“ дека станува збор за „билатерален проблем“ (иако Македонија нема ист или сличен со името на Грција односно идентитетот на нејзиниот народ); дека треба да се водат „суштински“ преговори (без објаснение- конкретизација на „суштинското“ и одговор зошто и како досега биле „несуштински“); да се биде флексибилен (во однос на што?; на идентитетот?); па се до срамното сведување (од страна на новинарски „аналитичари“ и политички медиокритети) на негирањето комплексноста на македонскиот идентитет на „обичпната“ придавка „македонски“.

Оние што воошто не се „оптоварени“ со „врзаноста“ на иднината- судбината на Република Македонија со членството во ЕУ, пред се затоа што ги знаат вредностите на нејзината независност и сувереност, добро знаат дека тоа е неминовен, незапирлив процес чие траење зависи исклучиво од геостратешките интереси на големите, на „клучните играчи“ во европската заедница. Како што е неминовно нејзиното распаѓање во „догледно“ време, како сите „заедници“ во блиското и далечното минато кои биле создадени исклучиво од „прагматични“ причини. Бидејќи Западниот Балкан е и допрва може да стане невралгична точка за „старата дама“ Европа, а во кој ја „сместија“ и Република Македонија како „остаток“ од Балканот (заедно со уште неколку „најпроблематични“), се брза и тој да се „внесе“, и тоа „топтан“, но со претходни „интересовни“ решенија на „европските“ околу него.

Република Македонија е „посебен“ и без двојба најтежок „случај“. За да се задоволат нејзините „главни“ соседи Грција и Бугарија, кои го имаат „европскиот“ проблем на подарени делови од неа што кога- тогаш мора да се „проблематизираат“, во „актуелното“ подрачје именувано како бившо југословенско „мора“ да се измислат нова држава и нов народ (се мисли на мнозинската, но и на немнозинските заедници кои како да не се „свесни“ што им се готви), па како „такви“ со „широко раширени раце“ да се примат во ЕУ (се подразбира и во НАТО). Секому му е јасно дека таа „операција“ воопшто не е лесна, особено затоа што е нужно „мемориско бришење“, но кога нешто мора…

А впрочем, и не треба многу да се брза. И онака земјата е FYROM, оние што живеат во неа се „жители на таа земја“, а „европеизацијата“ се одвива „очекувано макотрпно“.

Ново разочарување на недоветните, ступидните, небулозните, неуките, наивните, квазиекспертите, политикантите, „прагматичните“, сметкаџиите и пресметкаџиите: не е постигнат никаков напредок по денешната средба на Груевски и Папандреу во грчкиот дел на Мала Преспа; останале битните „разлики“ во „спорот“.

Всушност, се работи за она за што тие „разлики“ не можат да се надминат се додека „проблемот“ не се сведе на „минималистичкото барање“,однсно на апсурдноста и ступидноста, по што ќе биде лесно решлив: преименување на Република Македонија со географска одредница (како што бара Грција), па дури и за единствена меѓународна употреба. И точка! Ниту запирка, ниту цртичка, ниту каков било друг „интерпункциски знак“ потоа.

Како што известија македонските медиуми, премиерот Никола Груевски по разговорите со Папандреу рекол дека од грчкиот колега ги слушнал максималистичките позиции на грчката страна (има ли уште нешто што би можело да се бара?), кои неодамна во Њујорк ги соопшти преговарачот Василакис. Според него, методот на уцени и блокади не е добар за граѓани во добрососедски односи, па побарал од Грција уште еднаш да размисли околу евентуалната употреба на вето и блокадата на стартот на македонските пристапни преговори за членство во ЕУ:

Прочитај и за ... >>  Киднапирање на „извалкан“ политичар

„Во однос на позицијата поврзана со нашето уставно име, морам да ви кажам дека практично денес ми беше соопштено дека грчката страна останува на позициите коишто ги презентираше нивниот преговарач во Њујорк, како поврзано со името, така и со идентитетот, и во тој поглед не можам да кажам дека имаме некаков прогрес. Но, ќе продолжиме со разговори, ќе продолжиме со дијалог, а преговарачите ќе продолжат и со нивниот дел, односно разговорите што ги имаат во Њујорк. Мислам дека што почесто се среќаваме и што почесто имаме средби ќе биде подобро, и така се поголеми шансите да се дојде до решение.

Она што исто така го побарав од Господинот Папандреу е уште еднаш да размислат за она што треба да се случи во декември, односно за неставање на блокада на РМ и добивање на датум за почеток на преговорите. Укажав дека искуствата од минатото, особено од Букурешт, покажуваат дека тоа не е начинот да се принуди некој да направи нешто што не може да го направи. Напротив, букурешкото искуство, блокадата што беше ставена тогаш, дополнително ги влоши односите, дополнително не оддалечи и, како што гледате, во оваа 1,5 година имавме пооддалечени позиции отколку што имавме во Букурешт. Доколку некој смета дека со блокада, веднаш, уште наредниот месец ќе го реши проблемот, тоа се покажа како неточно и ја влошува атмосферата, а се надевам дека и Грција тоа не го сака“.

А за кого беа очекувањата пред средбата „големи“? За македонската политичка опозиција (и парламентарна и вонпарламентарна), која деновиве „на сет глас“ предупредуваше дека „сега му е мајката“ и мора да се биде „суштински и флексибилен“, дека периодот до самиот на Европскиот совет на 7- ми и 8- ми декември во Брисел е „судбински“ за земјата и „забрзано истекува“. Не и на целата македонска јавност! Напротив, „целата“ (без наведените) беше и е рамнодушна затоа што е одамна јасно што е што во „збиднувањата“ во изминатиов период, од прогласувањето на независноста и сувереноста на Република Македонија до денес. Па и предупедувањето на Груевски дека не треба многу да се очекува од денешната средба беше недоветно наречено скептицизам.

А да, како што веќе потенцирав, „големи очекувања“ имаа и „клучните“ евродипломати во Брисел („очекувања“ кои, кога би навлегувале во „детали“, лесно би се докажало дека се обични новинарски шпекулации). Затоа е нејасно „формулирањето“ на очекувањето: двајцата премиери да направат „доволно голем исчекор“ во преговарачкиот процес (што значи тоа конкретно?) и „практично“ да ја отворат вратата за старт на македонските преговори за членство во Унијата.

По средбата и грчкиот премиер Андреас Папандреу имал одвоена изјава за грчките новинари, а во која бил дециден: спор што трае 18 години не може да се очекува да биде решен за 10-тина дена. Временската рамка која тој ја оставил како можна за решавање е од неколку месеци до една година. Не затоа што на Грците „не им се брза“, туку поради фактот што за „единственото решение“ е нужно „темелно“ да се подготви „теренот“ (со помош на надворешни, но и на „силни“ внатрешни „сили“).

Во наредниот период може да се очекува „конкретизација“ на барањето за „суштински“ преговори: најнапред релативизација на „тврдоста“ на македонскиот идентитет (веќе почната), па маргинализација на „локалпатриотизмот“ на сметка на „пошироките интереси“ на земјата (само како членка на ЕУ Македонија ќе „процвета“, а во спротивно гарант ќе „свене“), па заплашувања на народот со внатрешни меѓуетнички судири (нема проблем да се најдат повод и причина), па „шатл дипломатија“…

Прочитај и за ... >>  „Бомбата“ на Заев-вежбовна!

Укажувам на една опасна теза која се почесто се пласира преку „трабантските“ медиуми: дека и Македонија и Грција имаат тврди позиции. Би било добро „пласирачите“ навреме да објаснат во што се „тврди“ ставовите на Република Македонија. Колку да знаеме како со заеднички сили сами да ги „омекнеме“ или да очекуваме дека ќе ни ги „омекнат“. Кога во тоа не „помогнала“ ниту синоќешната „полутајна“ посета на Карл Билд, шефот на шведската дипломатија, претседавач со Советот на министри…

А човекот дошол само да поразговара за изгледите за евроинтеграција на целиот регион. Притисок? Ма ајде, ве молам! Вчера бил во Истанбул, па „природно е“ што наминал и во Скопје.

Имено, во интервју за А1 ТВ во врска со средбата во Мала Преспа, решението на проблемот и вентуалното ново вето на Грција, тој изјави:

„Мислам дека е добро тоа што се среќаваат. Таму ќе биде и претседателот Бериша(се мисли на премиерот на Албанија Сали Бериша-заб.м.) . Ќе разговараат за прашања за животната средина, а на масата ќе има и други. Мислам дека е добро што се создава поголема регионална соработка…зависи директно од премиерите Папандреу и Груевски да видат дали постои можност за напредок. Јас мислам дека има, но ова е билатерално прашање помеѓу нив двајцата, па не е моја работа да имам мислење за тоа како ќе напредуваат…Не. Не верувам дека одиме во таа насока (вето на Грција-заб.м.)“.

Многу е јасна и пораката на високиот претставник за безбедност и надворешни работи на ЕУ, Хавиер Солана, и еврокомесарот за проширување Оли Рен, во заедничката колумна објавена во денешниот број на македонскиот дневен весник „Дневник“: условите што Република Македонија ги исполни (одредниците) поради што и доби позитивна оценка од страна на Европската комисија, беа само „приказна за мали деца“, мимикрија, лицемерие; тие немаат никаква врска со датумот за почеток на преговори за членство во ЕУ (помеѓу „новопримените“ има и земји кои се далеку од исполнување на макар еден „бенџмарк“). Едноставно, повеќе не можеше да се измислува, па мораше да се излезе со „суштинското“-промена на името, а всушност промена на идентитетот на македонскиот народ во сета негова комплексност (јазик, историја, традиција, култура, цивилизациски придобивки…). Во спротивно, кога не би било така, двајцата не би напишале или потпишале ваков став:

„Може да очекуваме напредокот околу прашањето за името да игра круцијална улога во отворањето на патот за позитивен исход од декемврискиот совет. И обратно, ако шансата не се искористи, не можеме да бидеме сигурни кога или како пристапниот процес на вашата земја ќе се врати назад на агендата“.

Впрочем, и самите се „разголуваат“ со едно дилетантско „мудрување“:

„Додека посредниците можат да посредуваат, а преговарачите да преговараат, само лидерите можат да одлучуваат. Во меѓународните работи има моменти кога, со одлучна акција базирана на јасна визија, курсот на историјата може да се смени“.

Никој, а најмалку лидери на држави можат да одлучуваат за колективниот идентитет и достоинството на еден народ. Курсот на историјата го менувале многумина, но токму поради тоа се фрлени- заборавени на нејзиното буниште. Македонецот многупати досега, во своето неколкуилјадно постоење на овие простори (и надвор од него- дијаспората сосе нејзините корени), го негирале, унижувале, преименувале- прекрстувале, измамувале, предавале (и од надвор и од внатре), а сепак опстојал и опстојува. Никогаш не се случило, не се случува и не може да се случува во еден „историски момент“ со „акт на државништво“ да се постигне токму спротивното (кое?) и да се биде „пример за целиот регион“ (за што?; за негирање на народ со сите негови „елементи и специфики“?; за менување на идентитетот?).

И уште: во многу мои поранешни текстови укажував дека членството во евроатлантското семејство не е и не може да биде „крајна награда“. Оти кога би било така, паѓаат во вода и се потврдува дека биле само „приказна за мали деца“, мимикрија, лицемерие условите (одредниците- „бенчмарковите“) што Република Македонија ги исполнуваше во сиве изминати неколку години и ги исполни „задоволително“ (за конечно да добие позитивна оценка). Солана и Рен признаваат дека е „во прашање“ токму тоа?

Прочитај и за ... >>  Значењето на извештајот на ЕП за Македонија

Што се однесува на можното „сценарио“ (можеби „најсигурно“) на декемврискиот самит, тоа и досега можеше лесно да се „прочита“ (види неколку мои последни текстови на оваа тема на овој блог): Советот на министри на ЕУ прашањето за почеток на преговори за членство на Република Македонија или воопшто да не го постави на дневен ред (да се прави „на удрен“ до решението на „билатералниот спор“), датумот да го услови до некој нов, иден самит (во рок од една година, колку што смета Грција дека е „доволно“); или, пак, додека на вонредни парламентарни избори во Македонија не „победат“ односно наместат некои од подготвените за „суштински преговори“ и „флексибилност“. Најмалку веројатна „ваијанта“ е да се добие датум, значи Грција да не става вето (за да не се избламира и таа и нејзините сојузници во ЕУ), но да се блокира ( без „таламбаси“) самото преговарање (исполнување на првото преговарачко поглавје) се до решение на „спорот“.

Патем, македонската парламентарна опозиција, а пред се пратениците од СДСМ, уште еднаш вчера, по којзнае кој пат ја истурија својата веќе неконтролирана „нервозација“ (оти никако да им „тргне“ кон скорешно освојување на власта). Една од нив, помеѓу „најекспонираните“- Весна Бендевска од парламентарната говорница го праша премиерот Никола Груевски дали е „свесен за штетата направена со писмото“, а со кое „сее омраза и делби помеѓу луѓето“. Притоа обвини дека и Груевски како министер е дел од транзиционата приватизација, со продажбата на ОКТА и со Националната платежна картичка:

„Господине транзиционен политичар, вие сте автор на приватизацијата на Телеком, и конечно, токму Груевски беше министер за финансии во време на воен конфликт. После него станавте побогат за четири стана“.

Не му вреди на Груевски образложението (не им влегува во ушите поради „нервозацијата“) дека се работи за редовно писмо до сопартијците и не значи физички линч, туку конечно транзиционите политичари „кои се дел од ретроградните процеси да ја загубат довербата кај граѓаните и да заминат од политичката сцена“. (За него и да бил, најмалку може да се тврди дека е; доволно е да се спореди неговиот со рејтингот- довербата на народот на сите други (која на некои од „врвните“, според сопствено признание, не им значи ништо), и тоа во континуитет од неколку години!).

А на онакво „пелтечење“ на Ѓорѓи Оровчанец (да не е „случајно“ лидер на партијата ДА?; таа уште постои?), секој „просечен политичар“, камо ли премиер, би одговорил како што одговори Груевски.

Оровчанец побара писмен одговор односно писмена оставка, а причина е „државната хаварија, манипулациите, повиците за линч и пред се немањето концепција и одговор кое е името кое Груевски по утрешната средба со Папандреу ќе и го даде на државата“:

„Јас ве замолувам во мое име, во име на пратениците и во име на граѓаните на Македонија, да го спречите утре и на 7. декември ветото кое виси над Република Македонија“.

Одговорот на Груевски:

„Прашањето на крајот беше дали од морални причини чувствувам дека треба да си поднесам оставка. Поради што не знам, сешто изнакажа во неговото изјаснување, а одговорот е не“.

Идентитет и достоинство- можно ли е едното без другото? Прашајте ги оние што бараат „суштински преговори“ со Грција и „флексибилност“ во преговарачкиот процес.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here