Нова македонска Влада

Собранието на Македонија ја избра новата Влада, шеста на ред од осамостојувањето на Република Македонија.

„Старо- новиот“ премиер Никола Груевски изјави дека во наредните 4 години во Република Македонија ќе има политичка стабилност, економски раст и економски развој, инвестиции во образованието, земјоделието и во многу други области.

Она што непромислено, недостоинствено, па и незрело го направи опозицијата- бојкот на изборот на новата Владата (коментар подолу), Груевски го оцени како погрешен чекор:

„Кога се обидувате да се спротивставите на борбата против криминалот и корупцијата со уцени во Парламентот, тоа не е баш добар избор за да се отсуствува или да се бојкотира избор на Влада или Собрание. Мислам од една дистанца од година, две, три или повеќе ќе сфатат дека погрешиле“.

Во рамките на „редот и обичајот“, првите честитки до Груевски и Владата од собраниската говорница, на македонски, ги упати коалицискиот партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети. Како што нагласи, од почит спрема сограѓаните Македонци.

И тој со реакција- одговор на обвинување на лидерот на ДПА, Тачи- дека „војводата“ ги предал интересите на Албанците. Ахмети е задоволен:

„Му порачувам на Господин Тачи, тој ја имаше шансата да направи едно такво нешто, да донесе закон, а тоа не го направи“.

Први министерски изјави, заложби, ветувања:
Министерот за одбрана вети дека негов приоритет ќе биде силна и цврста армија, вицепремиерот Адеми дека Рамковниот договор е не само значаен за внатрешната кохезија на земјата, туку и за македонските евроинтеграции, а Министерот Милошоски токму нив ги посочи како врвни надворешно- политички приоритети. За Јанкуловска борбата против корупцијата и криминалот продолжува со несмалено темпо, „независно кој ќе се најде на патот на таа борба“. Фатмир Бесими, министерот за економија, ја истакна заложбата за поголеми инвестиции, повеќе работни места и поконкурентна економија, како и тоа што е многу значајно во енергетскиот сектор- да се обезбеди постабилен енергетски систем за РМ.

За Владата гласаа 78-мина пратеници.

Новиот владин кабинет брои 21 министер. Најмногу нови членови, 6-мина, има од Демократската унија за интеграција. Новиот коалиционен партнер во власта ќе раководи со министерствата за здравство, на чие чело е избран Бујар Османи, Министерството за економија му е доверено на Фатмир Бесими, локалната самоуправа на Муса Џафери, министер за животна средина и просторно планирање е Неџати Јакупи, Џелал Бајрами е новиот министер за труд и социјална политика, а вицепремиер одговорен за имплементација на Рамковниот договор е Абдулаким Адеми.

Нови министри се и Зоран Коњановски, во ресорот одбрана, Елизабета Канческа- Милевска, министер за култура, Перо Стојановски за образование, а на чело на новото Министерство за информатика е Игор Ивановски.
Нов вицепремиер задолжен за евроинтеграции е Ивица Боцевски.

Од поранешниот владин состав, Антонио Милошоски останува министер за надворешни работи, за внатрешни Гордана Јанкулоска, за финансии Трајко Славески, за земјоделство Ацо Спасеновски, а Михајло Маневски и Миле Јанакиески министри за правда и за транспорт и врски.

Министри без ресор се Зоран Ставрески, Абдулаким Адеми, Веле Самак, Неждет Мустафа и Хади Незири.
За бојкотот на опозицијата:
Веќе изразив сомнеж во достоинството, стабилноста, мудроста на опозицијата на чело со партијата СДСМ и нејзината лидерка во оставка Радмила Шеќеринска. Се разбира, мислам на потезите што ги направи и продолжува да ги прави откако жестоко беше поразена на предвремените парламентарни избори.

Шеќеринска со нејзините емотивни и инфантилни настапи и реакции веќе никого не изненадува (би било добро да размисли самата, дури уште има време, да се повлече од политичката сцена пред да биде маргинализирана, па и уште повеќе- „мајтапизирана“). Но на ист начин, „во ист рог да дуваат“ и другите, веќе обелени или оќелавени „политички глави“, без оглед на коалицирањето и личните амбиции, единствено значи дека чувствуваат голема лична загроза, дека многу брзо и нив ќе ги зафати „бранот“ на прочистување на македонската политичка сцена.

Особено две работи, два потега на опозицијата се „непопуларни“ и спротивни на интересите на своите гласачи (оние што ги „испратија“ во Парламентот да ги претстравуваат), но пред се на угледот, позицијата и перспективата на Република Македонија: напуштањето на Парламентот (како протест поради приведувањето на Заев, а „пошироко“ во „одбрана на демократијата“ која ја „уништи“ или „уништува“ Никола Груевски- зарем е можно тој да има толку голема моќ и зошто опозицијата му ја „дозволила“?) и неприсуството на гласањето за новата Влада на Република Македонија (не на Груевски!). Не поради „свечениот чин“, туку затоа што е тоа директно, непосредно, отворено непочитување на инсистуциите на системот на државата, на власта на сите нивоа (тоа и јавно го искажа „емотивната“ Шеќеринска). Тоа не значи ништо друго, туку непријателско (пасивно) дејствување против државата.

Дали воопшто опозицијата го слушна повикот на евроамбасадорот Ерван Фуере?
Тој ги повика политичките партии кои ја бојкотираат работата на Парламентот што е можно побрзо да се вратат и да започнат да ја вршат работата, за којашто се избрани од македонските граѓани. Зарем на ова требаше да бидат потсетени?

(Да не мислат дека ги избрале за нешто друго, за бојкотирање и непријателско дејствување?)
Фуере посочи дека бојкотот ја подрива работата на институциите во Македонија, а од друга страна и ги одвраќа странските инвестиции од земјата.

„Ова е болест која што мора да биде искоренета од Македонија и не смее повеќе да имаме бојкотирање на државните институции“, рече евроамбасадорот.

Според Фуере „промовирањето на инклузивен политички дијалог, во кој ќе бидат вклучени сите страни, е еден од најдобрите показатели дека постои здрава демократија и добро поставени институции на системот“.
Постојат реални шанси (има и неофицијални најави), според бројот на членството и најавените активности на политичката сцена, „лидерската позиција“ на Опозицијата- на коалицијата „Сонце“ да ја преземат (постојат „конкретни индиции“ дека веќе ја преземаат) некои други партии формирани во меѓувреме.

Добро е што Груевски и „неговите“ министри не посветуваат „поголемо“ внимание на однесувањето на опозицијата, туку веднаш се зафатија со работа, ги направија првите чекори кои сигурно опозицијата ќе ги оцени како „популистички“ (што, пак, ќе противречи на авторитарноста и „диктаторското“ владеење оти, како што е добро познато од минатото, верувам дека им е познато и на Шеќеринска и нејзините “колеги“, тоа не е, ниту може да биде „додворување на народот“-како што сосема погрешно го симплифицираат „негативниот“ популизмот (измислица на СДСМ), без барем малку да го „комплицираат“ „позитивниот“- што е тоа?).

Првата одлука на Владата на Република Македонија, што ја донесе на својата прва седница во новиот состав, е зголемување на пензиите од јули од 5% до 8%.

Како што изјави премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Владата, ваквото зголемување е поголемо во однос на пресметаните 4,3% според законските одредби и се должи на заложбите за подобрување на животниот стандард на пензионерите во Македонија.

Зголемувањето за првата група пензионери, кои имаат најниски примања, ќе изнесува 8%, за втората 7%, за третата 6% и за четвртата категорија на највисоки пензии зголемувањето изнесува 5% проценти.

„Ако пред Нова година некој примаше пензија од 4.000 денари, сега таа ќе изнесува 5.200. Заедно со зголемувањето во јануари, практично за првата категорија пензии зголемувањето кумулативно ќе изнесува 28,3%“, појасни Груевски.
Соодветно, за втората категорија пензии зголемувањето изнесува 21%, 16,6% за третата категорија и 13,4% за четврта категорија.

Парите ќе бидат обезбедени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој што во последниве години работи успешно и има средства да ги покрие овие вишоци. До крајот на годината за зголемување на пензиите ќе бидат исплатени дополнителни 366 милиони денари.

Уште една „популистичка најава“: од учебната 2009-та/ 2010-та година сите учебници од прво одделение до четврта година ќе бидат бесплатни за сите ученици, предвидува новиот Закон за учебници во основното и средното образование.
Новиот министер за образование и наука Перо Стојановски на прес-конференција информираше дека комплет учебници во одделенската настава (од прво до четврто одделение) ќе бидат користени од две генерации ученици, а во предметната настава (петто- осмо одделение) и во средното образование учебниците ќе им се менуваат на три години. Во бесплатниот комплет, како што е најавено, спаѓа и помошниот материјал и прирачниците.

И натаму се почитува либерализацијата во оваа дејност односно постојното правило училиштата да може да избираат учебник од најмногу 3 понудени по кој наставникот ќе работи.

„Првпат се носи Законот за учебници во основното и средното образование, со што во целост се регулира процедурата и постапката за издавање на учебникот, од моментот на конкурирање до моментот на неговото користење“, рече Стојановски.

Законот предвидува Владата да формира Национална комисија за учебници, составена од 21 член, која ќе формира рецензентски комисии за наставните предмети.

Новина е што со Законот им се дава можност на авторите директно да конкурираат со свои ракописи. Досега тоа го правеа издавачките куќи, но сега секој кој смета дека има квалитетен ракопис може да аплицира без да се врзува за некој издавач.

Целата техничка поддршка и процедура за реализација на конкурсот и изборот на ракопис ќе го прави Педагошката служба, како орган на Министерството. Министерството за образование и наука ќе ги откупува авторските права за ракописите кои ќе бидат избрани и ќе ги преземе издавачките права и грижата за тиражот и трошокот за печатење.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *