ЕУ проект: катастар на лозови насади

Европската Унија обезбеди дополнителни 475.000 евра за да и помогне на Македонија во воспоставувањето на систем за мониторинг и управување со лозови насади. Во рамките на првата фаза на проектот, раководена од страна на Европската aгенција за реконструкција, што заврши во октомври 2006-та, ЕУ помогна во изготвување на законодавството, зајакнување на капацитетите на Владата за мониторинг и управување со производството на грозје и вино, и воспостави пилот катастар на лозови насади поради обезбедување на следливост на виното произведено во земјата.

Во текот на идните 20 месеци, втората фаза на проектот ќе го прошири катастарот на лозови насади на целата територија на земјата и ќе го зајакне институционалниот капацитет на Министерството заж земјоделство, шумарство и водостопанство (Одделение за лозарство и винарство) и Државниот инспекторат за земјоделство.

Луиџи Сандрин, шеф на канцеларијата на Европската aгенција за реконструкција во Скопје, рече дека проектот ќе ја доближи винската индустрија на земјата поблиску до стандардите на ЕУ:

„Катастарот на лозови насади ќе овозможи мониторинг и управување со лозарството и винарството“, рече Сандрин, и посочи дека издавањето на гаранција за потеклото на виното ќе обезбеди осигурување на квалитетот. „Ова ќе го поттикне производството на вино во шишиња и ќе го зголеми нивниот потенцијал за извоз“, додаде тој.

Проектниот тим, Agriconsulting од Белгија, ќе работи на проширување на катастарот на лозови насади во сите производни области, со цел обезбедување на следливост на производството на грозје. 6 регионални канцеларии на Министерството за земјоделство- во Скопје, Охрид, Кавадарци, Неготино, Гевгелија и Штип, ќе бидат носители на системот. Канцелариите ќе бидат опремени со GIS и GPS опрема за теренска контрола, a ќе бидат поврзани со база на податоци во централниот регистар со кој ќе управува администратор на катастарот преку веб програма. Собраните информации ќе вклучуваат производствен потенцијал, годишно производство, производство на вино според категорија и количина на залихи.

Катастарот ќе биде редовно ажуриран врз основа на систем на декларирање кој е задолжителен за сите производители. Целокупната берба на грозје треба да се декларира во регионалните канцеларии до 30-ти ноември. Винариите треба да го објават своето годишно производство и своите залихи од претходните години пред 31-ви декември. Винариите и трговците се должни да водат внатрешна евиденција за секоја енолошка операција, и за секое движење на виното и производите од вино во и надвор од нивните објекти. Исто така, секоја пратка на вино ќе мора да биде проследена со сертификат.

Внесувањето на податоците ќе се врши во винариите и регионалните канцеларии на Министерството. Потоа тие ќе бидат собрани и процесирани во централен регистар и проверени од корисниците.

Инспектори за вино од 6-те регионални канцеларии ќе го контролираат регистрирањето на производителите и нивните декларации. Тие ќе го ажурираат катастарот на лозови насади и ќе вршат агрономски контроли и мерења со помош на GPS.

Проектот финансиран од ЕУ ќе помогне во подготовка на подзаконски акти и дополнителни правни акти за регистрирање и следливост на виното. Исто така, ќе се развие и стратегија за подобрување на меѓународниот маркетинг на домашни вина.

Лозарството е важен извор на приход и вработување во руралните средини, а виното е значаен извозен производ за земјата. Производството на грозје и вино заедно претставува околу 17%-20% од земјоделскиот БДП. Виното претставува најизвезуван домашен пијалок и втор најзначаен земјоделски извозен производ после тутунот.

Од 2003-та година ЕУ обезбеди околу 1,5 милиони евра како поддршка на секторот на вино во земјата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *