Потребно време за читање: 5 минути

Се почесто македонската парламентарна и вонпарламентарна опозиција бара да се седне за маса и да се утврди „национална стратегија“ за решавање на проблемот што го има Грција со името на Република Македонија, „каква што има јужниот сосед“. Настрана фактот дека неговата „црвена линија“ не е „консенсуална стратегија“, особено не поставена- формулирана низ „политички дијалог“ ( една од многуте опозиционерски ступидарии, според последиците еднаква на „антиквизацијата“), а имајќи предвид неразбирливи, пред се сомнителни ставови (како што е „договор по секоја цена“, предизборното ветување за решение за 6 месеци), крајно е време таа- македонската опозиција јасно и гласно, се разбира јавно, да се изјасни:

Која е нејзината „црвена линија“ преку која не би минала, макар земјава да добие уште едно вето односно да не добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ?

Изјаснувањето е нужно, меѓу другото, за да не се губи време и залудно да не се троши енергија. Зашто, доколку е иста со онаа на власта ( добро позната- иденттитетот во сета негова комплексност, особено името на народот и неговиот јазик), тогаш чуму „нов договор“?

Меѓутоа, доколку смета дека може да се отстапи и од нив (да не е тоа „по секоја цена“?), тогаш…никакво договарање! Подобро да замолчи, да се „покрие“ за да не биде не само извикана, туку и исплукана.

Токму „црвените линии“ се главниот проблем во „спорот“, а од кој е јасно дека воопшто не е „под прашање“ името на државава (нагласувам по којзнае кој пат: не уставното, туку името Македонија), туку фашизоидното барање за самоукинување, бришење- исчезнување на македонската нација.

Тоа го потврдуваат информациите и реакциите по синоќешната средба на посредникот Метју Нимиц со грчкиот преговарач Василакис во Њујорк, а по која се видливи неговото разочарување и загриженост. Следствено, не треба да се очекува којзнае што од денешната средба со македонскиот преговарач Јолевски, освен постојано повторуваната заложба на Република Македонија за продолжување на преговорите („некој“ одамна прифати да се „надминат“ разговорите).

Не е нова ниту „јасната позиција“ на грчката Влада- без решение за спорот нема датум за почеток на преговорите за прием на Македонија во ЕУ, а решението мора да биде сложено име со географска одредница за севкупна употреба-erga omnes. Таа им е одамна позната на „сојузниците“ во ЕУ и НАТО, па затоа и притисокот на водечките личности во унијата „билатералниот проблем“ (што не е тоа, ама на политичари со насочена или помрачена свест не може да им се докаже) да се реши до состанокот на Советот за безбедност на 6. и 7. декември. Уште едно вето, по она во Букурешт против приемот на Република Македонија во НАТО, би претставувало голема бламажа за Грција, но и „непријатност“ за сите членки на ЕУ во однос на нивната доследност и принципиелност.

Прочитај и за ... >>  Завршна фаза на решавање на ступидниот проблем на Грција

Го имам предвид барањето на Оли Рен „испорачано“ пред два дена од Брисел: дека ќе бил среќен само кога ќе се реши „спорот“, па бара „од сите инволвирани страни“ да го искористат овој „позитивен моментум“ (мисли на позитивниот извештај на ЕК за исполнување на Република Македонија на дадените одредници- заб. м.) за да навлезат сериозно во преговорите и да му стават крај на „спорот“. Тој смета дека двете страни сега имаат извонредна прилика да го решат проблемот, бидејќи во Македонија и Грција владите имаат релативно свеж и силен мандат кој ќе им овозможи да го тргнат прашањето од дневен ред еднаш засекогаш.

Премиерот Груевски и денеска, по којзнае кој пат, и даде „на знаење“ на македонската опозиција дека проблемот е токму македонската „црвена линија“:

„До ден- денеска, независно кој е на власт, по прашањето на идентитетот, Грција не покажува подготвеност воопшто да разговара, и тоа е еден од сериозните проблеми коишто ги имаме. Иако на домашен план постојано ни се сугерира дека само тоа ако се обезбеди другото не е важно. Но и за тоа до ден- денеска нема согласност од страна на Грција. И тоа треба да го знаеме, да не ни се случува да ни го соопшти некој, па да се изненадиме“.

Прочитај и за ... >>  Нема скорешно и брзо решение на проблемот на Данајската република (Грција) со името Македонија

Изјавата на македонскиот министер за надворешни работи Атнонио Милошовски е одмерена, „дипломатска“, но јасна, со одамна потврдени ставови:

„Сметам дека е добра прилика разговорите да продолжат, да се искористи моментумот на важноста на ова прашање и уште повеќе важноста да се оствари напредок во однос на билатералниот спор. Ние имаме принципиелен став, дека на ваквите средби и дијалози што ги водиме со Грција би требало што повеќе да се трудиме да ја размениме силата на аргументите, а да се напушти аргументот на силата што досега, во изминатите 15 години не вроди со плод. Секое ново блокирање или демонстрирање на аргументот на силата не носи подобри услови за разговори за остварување напредок во македонско- грчкиот билатерален спор.

Нам ни е особено важно да укажеме на значајноста на почитувањето на духот на времената Спогодба склучена со Грција во 1995. година и врз основа на која не само што се нормализираа односите, туку и се унапредија и се создадоа одредени поволности, обврски и механизми за меѓусебна комуникација, но и за разговори на билатерален план и за начинот на кој Македонија може да напредува во своите аспирации за меѓународно етаблирање“.

Нема никакво значење ниту изјавата односно надежта на амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, искажана на денешната научна трибина „Предизвиците и перспективите на земјите од Западен Балкан кон европските интеграции“, што се одржа во Тетово- дека секое задоцнување во решавањето на „спорот“ за името нема да и помогне на ниту една страна. Македонија и Грција треба да ги искористат овие неколку недели што преостануваат за да го решат проблемот:

„Уверен сум дека компромис ќе се изнајде, така што верувам дека македонските власти заедно со Владата на Грција ќе се сретнат се со цел да се изнајде некое решение. Сепак, верувам дека треба да се направат огромни напори од страна на двете влади затоа што е тоа од огромен интерес на Република Македонија“

А прашањето како наслов на овој текст посебно е „инспирирано“ од најавите на СДСМ (лидерот Црвенковски) дека партијата ќе излегла со порадикална стратегија по 7. декември, доколку тогаш земјава не добие датум за преговори со ЕУ. Имено, повикувајќи се на висок извор од СДСМ денешен „Дневник“ објави дека опозицијата подготвува бунт идниот месец, доколку земјава остане без датум. Целта била опозицијата, со помош на ДУИ, да и изгласа недоверба на Владата, а што автоматски не би значело и предвремени избори, туку формирање на преодна Влада со мандат да го затвори прашањето за името. Наводно, Ахмети ќе останел во неа со што не би ги изневерил ниту гласачите на кои им вети дека Македонија ќе ја внесе во евроатлантските структури. Весникот нагласува дека ДУИ засега молчи во врска со најавите на СДСМ, а потсетува на средбата Ахмети- Црвенковски, по која лидерот на ДУИ јасно порача дека неговата партија е против идејата за предвремени избори.

Прочитај и за ... >>  Критизерството не помага за подобар рејтинг

Коментар на Груевски:

„Јас се надевам дека нема да организира работи (мисли на Црвенковски- заб.м.) како што беше конфликтот, бидејќи постојано го ставаат многу аналитичари во контекст на организација и подбуцнување на конфликтот во 2001. Се надевам дека не мисли на такво нешто. Други бунтови какви сака нека организира“.

„Погодена во центарот“, СДСМ реагираше со „оправдание“, но и со повторување на засега „пустата желба“: никогаш не ги подгревала меѓуетничките односи. Во 2001. на власт била ВМРО-ДПМНЕ, а Груевски министер во Владата „која заговарала поделба на државата“ (што, за волја на вистината, воопшто не е точно; ставот на Љ. Георгиевски и др., како и на академикот Ефремов, кој поради тоа поднесе оставка, не беше и став на Владата!):

„Ако опозицијата е помоќна од целата власт што ја има ВМРО-ДПМНЕ во своите раце, тогаш Груевски нека си поднесе оставка и нека си оди“.

Бунт и против Грција доколку биде единствено виновна за нерешавање на „спорот“ за името (бидејќи ќе биде отфрлено барањето за „отстапка“ од македонскиот идентитет- културата, историјата, традицијата, јазикот, цивилизациските дострели)? На кој начин?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here