Потребно време за читање: 3 минути

Недвојбено е дека уште многу години на ред нашиот јужен сосед ќе биде во агонична битка за сопствен општествено- економски опстанок. Во рамките на постојниот политичко- економски систем, а потоа како европска држава- рамноправна членка на ЕУ.

Што и да се случи вечерва со новата Влада на Папандреу- дали ќе и биде изгласана доверба или не, ништо драматично од утре нема да се случува. Зашто е се драматично веќе со месеци наназад, денес, а се чини дека кулминативната точка, по која се случува радикален пресврт, е се уште далеку.

Папандреу како да е сигурен дека неговиот нов или поточно подновен тим ќе добие доверба- најави дека идната недела ќе биде усвоен нов пакет на економски мерки. Во право е кога тоа го поткрепува со неопходното национално единство без кое надминувањето на кризата и стабилизација што ќе значи почеток на прогрес едноставно не е можно.

Меѓутоа, од друга страна граѓаните на Грција, од сите слоеви и професии, новиот пакет мерки, што е услов за добивање на европската помош, не им е прифатлив. Сметаат дека со дополонително зголемување на даноците и намалување на буџетската потрошувачка ќе тонат уште повеќе, без оптимизам дека брзо ќе го допрат дното по што ќе „запливаат“ кон површината. Огорченоста е веќе неизмерна.

Прочитај и за ... >>  ЕУ не ја користи историската шанса да го одложи сопственото пропаѓање

Тоа го потврдуваат вечерашниот протестен собир против рестриктивните владини мерки пред парламентарната зграда и 48-часовниот штрајк на вработените во државната грчка електроенергетска компанија.

Папандреу е очигледно притиснат, и од опозицијата и од јавноста. Има се помал простор за маневрирање, па објавата за референдум во септември за новите големи промени на Грција е изнудена.

Тој доби нова „шлаканица“ од своите европски пријатели и партнери: за да ја добие 5-тата рата од кредитот, Парламентот на Грција треба да го изгласа среднорочниот план. Но она што има посебна тежина е условот на министрите за финансии во ЕУ, во соопштението на Еурогруп- да се постигне целосен консензус или согласност за новите мерки од сите партии. Опозицијата најави дека тоа не е можно (Самарас од Неа Димократија).

Доколку се изгласаат новите мерки на крајот од месецов, 12-те милијарди евра Грција ќе ги добие во јули. Веднаш потоа ќе се разговара и за условите за новиот заем за Грција.

Прочитај и за ... >>  „Бомбата“ на Заев-вежбовна!

Среднорочниот план на Владата на Папандреу предвидува отпуштања, намалувања на платите и пензиите, зголемување на ДДВ-то и даноците и итна приватизација на државни компании, се со цел обезбедувања на 6,4 милијарди евра.

Стравот дека кризата во Грција неминовно ќе се рефлектира и врз останатите членки на ЕУ е се поголем и поевидентен. Најмногу кај оние што се „носители“ на помошта за нејзин спас.

Резултати од најново истражување: Институтот „Форца“ покажа дека 44% Германци стравуваат дека ќе дојде до влошување на стопанската ситуација. Тоа е најверојатната причина поради која само околу половина од граѓаните го поддржуваат планот Грција да добие нов пакет економска помош од околу 110 милијарди евра. Околу 45% се изрично против (резултати од истражувањето на Институтот „Инфратест Димап“). Околу 50% сметаат дека грчкиот државен банкрот би бил радикално, но најдобро решение.

Врз основа на резултатите од најновите анкети, аналитичарите оценуваат дека германската влада не успеала да ги убеди граѓаните во правилноста на новата помош на Грција. Тоа значи дека грчката должничка криза и за Германија станува политички ризик, што подразбира не само страв од инфлација, туку и од политичка нестабилност во Европа.

Прочитај и за ... >>  Хрватска во „стресна состојба“

Се упатуваат остри критики за противречните пораки и нерешителноста на Германија, со што ситуацијата во Грција уште повеќе се влошила. Министерот за финансии Волфганг Шојбле неодамна побара банките да понесат дел од грчкиот товар во Грција, но тој предлог во меѓувреме е повлечен поради гласното противење, меѓу другите и на Европската централна банка и на француската влада. Донесено е решение учеството на приватни кредитори да биде исклучиво на доброволна основа.

Откако кон крајот на 2009. година изби кризата во Грција, одговорот на Европа беше обележан со нерешителност и одолговлекување, било да се работи за самиот износ на заемот, улогата на приватниот сектор или за издавање на еврообврзници.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here