Потребно време за читање: 6 минути

Со потпишување на изјава во Собранието, Ѓорге Иванов ја презеде функцијата Претседател. На свечената инаугуративна седница на која, освен премиерот Никола Груевски и владиниот кабинет, претставници на други државни институции, на дипломатскиот кор, на судството, на верските заедници , присуствуваа досегашниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски и првиот на независна Македонија Киро Глигоров, како и претседателите на Хрватска, Србија, Албанија и Црна Гора, Иванов вети дека во наредните пет години совесно и одговорно ќе ја води земјата и ќе биде претседател на сите граѓани. Во кусиот, но мошне експлицитен и прецизен говор, тој уште еднаш ги потенцира главните заложби од политичката агенда што ја промовираше во предизборната кампања- внатрешна стабилност на државата, здрави меѓуетнички односи, економско закрепнување на земјата, влез во ЕУ и НАТО и тесна соработка со сите соседи, особено со Грција.

„Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на ЕУ, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни. За таа цел, Македонија продолжува да чекори без запирање на патот на евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и внатрешна политика, посветено спроведувајќи ги највисоките стандарди. Сакам јасно да порачам: јас сум претседател, еден и еднаков за сите граѓани.

Функцијата Претседател за мене е пред се должност која ја презедов пред граѓаните на Македонија. Оваа голема должност не познава политички опции, етнички или религиозни, културни или локални разлики“.

Истакнувајќи го значењето на Македонија „како срце на Балканот, алка која ги обединува световите и треба да претставува најважна европска точка која ќе произведе не само балканско, туку и европско помирување на Истокот и Западот, на Христијанството и Исламот, на сите разновидни култури што ги чинат Балканот и Европа побогати“, тој потенцира дека особено внимание ќе посвети на односите со Република Грција:

„Ќе сторам се односите помеѓу двете земји да се развиваат во духот на добрососедството и заемната доверба. Несомнено е дека споделуваме заеднички европски вредности, го сонуваме истиот европски сон, го разбираме Балканот како колевка на европската култура“.

Иванов е длабоко убеден оти дел од прашањата што ги обременуваат односите помеѓу двете соседни држави, а особено културата и традициите, имаат капацитет да бидат мост на соработка и промотор на нов циклус на просперитет во регионот.

Тој ќе продолжи да работи на јакнењето и продлабочувањето на заемната доверба и пријателство со пријателите и сојузниците – САД, земјите на Европската унија, Турција, но и Русија, Кина, Индија:

Прочитај и за ... >>  Се демократизираат (европеизираат?) албанските политичари

„Како Претседател на Република Македонија и на сите нејзини граѓани должен сум да потсетам и нагласам: наспроти сите напори на нашата надворешна политика, мора да знаеме дека почитта во странство најлесно се печали дома. Затоа сме должни да опстанеме на патот на реформите и на изградбата на модерно, силно, здраво, конкурентно и просперитетно општество. Основа на тоа се функционалната пазарна економија и демократијата.

Првото го градиме и мораме да продолжиме да го градиме преку сериозни и стратешки инвестиции во образованието и науката, во развој и примена на современите технологии и натпреварувачкиот и претприемачкиот дух на младите генерации.

Второто и најсуштественото за нашиот просперитет е демократијата. Неа мора љубоморно и будно да ја чуваме. Како Претседател силно ќе се залагам и ќе го поттикнувам развојот на демократијата и ќе ги поддржувам сите иницијативи што ја приближуваат нашата држава до нејзината суштина – интересот на македонскиот граѓанин.

Ќе се залагам за остварување и почитување на културните, образовните, религиозните и другите права на македонските граѓани. Истовремено, преку владеењето на правото и поддршката на анти- корупциските закони и политики сите мора да придонесуваме кон зајакнување на иституционалниот капацитет.

И како професор и како граѓанин бев уверен дека цврстата волја на нашиот народ е она што не водеше низ сите предизвици. Како претседател ми претставува чест да водам еден народ со толкава морална и духовна сила. Македонија со целата своја разноликост, со богатството на култури, политички идеи, на силни поединци и независни институции треба да вообличи и испрати единствена порака во светот. Таа порака е оптимизам и успех.

Македонија се издигна во светол пример на отворено и мултикултурно општество, им остана достојна на своите традиции и вредности споделени од сите македонски граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци. Затоа единството и виталноста на македонското општество не се потпираат врз владеење на посилниот или побројниот, туку на учеството на сите заедници и сите граѓани во функционирањето на државата и во развојот на општеството.

Како Претседател ќе се залагам за градење на доверба и пријателство помеѓу сите граѓани и ќе ги поттикнувам и поддржувам сите политички лидери, но и независните интелектуалци, бизнисмените и сите луѓе да се однесуваат одговорно кон добрите односи помеѓу заедниците и меѓу граѓаните.

Ќе соработувам со сите институции, со Собранието, со Владата, со општините, но исто така и со интелектуалците, бизнисмените и пред се со младите луѓе, за да одговориме соодветно на големината на нашиот национален предизвик.

Прочитај и за ... >>  Невешта замка: едно име за севкупна употреба

Во овие осумнаесет години имавме многу предизвици и со надминувањето на секој од нив докажавме дека ја заслужуваме својата слобода и слободата на нашата Македонија. Република Македонија секогаш ја следи онаа принципиелна логика искажана од Бетовен: ‘Не знам за други видови на надмоќ, освен добрината’“.

Иванов им се заблагодари на поранешните македонски претседатели Киро Глигоров, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски за нивните напори, подвизи и за нивното водство.

На доаѓање во Собранието тој беше пречекан од досегашниот претседател Црвенковски и Гардата на Армијата. Претходно пристигнаа гостите и бројните делегации, а настанот го следеа голем број на граѓани кои во американски стил беа поздравени од Иванов и Црвенковски.

Првите честитки за изборот Иванов ги доби на коктелот по свечената седница, а потоа следуваше и претседателското кафе помеѓу Црвенковски и Иванов со кое практично се изврши и примопредавањето на должноста.

Ѓорге Иванов е четврти Претседател на Република Македонија. За разлика од неговите претходници Киро Глигоров, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, петгодишниот мандат го почна во новите работни простории што се наоѓаат во вилата „Анекс“ на Водно.

Очекувано, нормално, пред се поради присуството на високите домашни и странски гости, целиот церемонијал се одвиваше под највисоко ниво на безбедност. Околу аеродромот „Александар Велики“ беше направен обрач, на местото каде што пристигнуваат и заминуваат странските државни делегации двајца снајперисти уште утрото беа на својата позиција, а се набљудуваше секое движење од небо и од земја. Кучиња трагачи ги душкаа автомобилите.

Првите реакции на инаугуративниот говор на новиот Претседател на Република Македонија беа на ниво на впечаток (позитивен), но на дел од опозицијата (член на СДСМ) и негативни без никакви аргументи, што ќе рече крајно тенденциозни, па и несериозни односно дилетантски: за партиите од власта тој беше говор на обединување на сите граѓани, а за опозицијата празен и без политичка порака.

ДУИ очекува Иванов да биде претседател на сите, без разлика на етничките и културните разлики:

„Се надевам дека сите културни и национални различности во Република Македонија ќе бидат помеѓу главните основи на Претседателот, за тој да биде претседател на сите граѓани, да се испочитува Уставот и сите елементи кои не зближуваат како граѓани“, изјави Сафет Незири.Шефот на државата да биде навистина Претседател на сите националности кои живеат во Република Македонија“.

За ВМРО-ДПМНЕ говорот на Иванов е охрабрувачки и ги обединува граѓаните:

„Огромно е задоволството што можевме да слушнеме дека основна цел на идниот наш претседател Иванов ќе бидат градењето на добри меѓуетнички односи, а врвни приоритети НАТО и ЕУ“, потенцира Силвана Бонева.

Прочитај и за ... >>  На 5. јуни предвремени избори во Македонија

Новиот претседател да ги реализира силните пораки кажани во неговиот говор, очекува Нова Демократија. Лидерот Селмани инсистира на јакнење на меѓуетничките и добрососедските односи:

„Испушти голема шанса, една златна шанса, уште на првиот чекор да демонстрира дека не само кон надвор, туку и кон внатре капацитет да ги сплоти луѓето, особено различните сфаќања или перцепции помеѓу етничките заедници“.

Социјалдемократите не очекуваат дека Иванов може да ги реши горливите прашања на државата:

„Слушнавме само еден празен говор, без политичка порака, со една единствена цел – да се додворува на граѓаните (зарем му треба тоа?-заб.м.), а ништо од стратегијата како ќе се решаваат клучните проблеми на Република Македонија. Особено проблемот околу името, проблемот со светската финансиска криза којашто се повеќе ја зафаќа Република Македонија“, забележа Цветанка Иванова.

ДПА веќе зазеде задоцнет (во балканки и европски рамки) деструктивен „радикален гард“ кој сигурно нема да ја одбрани од „ударите“ на граѓаните на Македонија (не само албанските): Иванов не е легитимен претседател (единствено за оваа партија), а говорот бил со националистички јазик. Лидерот Мендух Тачи се обиде тоа да го „илустрира“ со иронија и цинизам кои од него направија карикатура:

„Тука беше прво малку смешно, а мислам дека господата Албанци што беа внатре беа во трагична ситуација. Стануваа мирно кога се пееше за Јане Сандански. Тежок националистички говор, со формулации ’македонска нација‘, ’македонски татковци‘, ’македонски херои‘, ’македонски прес‘ и мислам дека е тотална погрешна политика“. („Пеењето за Јане Сандански“ е всушност државната химна!)

ДПА беше единствената партија која не присуствуваше на инаугуратицајата, а Тачи одамна најави дека нема што да си кажат со Иванов. Не оти нема што „да си кажат“, туку веројатно засега нема што „да му каже“ тој на новиот Претседател. Иванов во говорот јасно порача дека има што „да си кажат“ сите со него- индивидуално и колективно, институционално и вонинституционално).

Познавајќи го Иванов како интелектуалец, несомнен авторитет и коректен, почитуван соговорник, многумина во меѓупериодот од победата на претседателските избори до официјалното преземање на функцијата го забележаа она што за него одамна се знае: во говорот директен, јасен и прецизен, без одвишни зборови и непотребни елаборации, во работата и дејствувањето прагматичен и делотворен, а пред се скогаш со позитивна енергија кон другите. Таков „печат“ сигурно ќе му даде и на своето претседателствување со Република Македонија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here