Потребно време за читање: 2 минути

Колку инфериорни, а колку супериорни луѓе ви се пред очи, околу вас, со вас, пред вас или зад вас? Кои се повеќе на број?

Ова е мошне важно за вашиот личен статус во општеството, во државата, за вашата лична афирмација и кариера, за вашата егзистенција воопшто.

Во однос на инфериорните и супериорните е сѐ јасно, нема ништо непознато. Јас сум инфериорен само пред оние што знаат и умеат повеќе од мене, па и во областите кои ги сметам за свои. И таквата инфериорност (доколку ја сметате за тоа; јас повеќе преферирам да ја наречам почит на другиот оти се почитувам себеси) воопшто не е проблематична, односно воопшто не ѝ штети на мојата перспектива. Напротив, ме поттикнува не да станам еднаков со таквите (во временски контекст тоа не е можно оти таквите-супериорните никогаш не стојат в место), туку колку што можам повеќе да разберам, да научам, да преземам-позајмам од нив. (Но никако да украдам оти како супериорен на „своето“ тоа, едноставно, не ми доликува.)

Прочитај и за ... >>  Заврши судењето во Хаг

Реков веќе, јас сум супериорен на „своето“, на своја „територија“. Неретко ми се случува други (единствено) инфериорни да ми ја омаловажуваат-потценуваат, унижуваат, да се обидуваат да ми ја обезвреднат или едноставно да ме тргнат настрана, да ме остават што подалеку од нив, да не ме „познаваат“. За да не им пречам, да не ги попречам, да не се најдат пред мене во „незгодна“ ситуација. Притоа, не се работи за некаква надменост или слично („со кренат нос до небо“), туку единствено за самосвест и самопочитание. Доколку ги немате, вие сте инфериорни во однос на другите во вашите „редови“.

Проблемот на инфериорноста и супериорноста е всушност проблем на индивидуалноста, на личниот идентитет и интегритет. Претставува проблем кај нас бидејќи токму тој е потиснат, оневозможен до степен на целосна негација, деградација, деструкција, а во името на колективната-колективистичката загроза и опстојба.

Затоа што е така, многу повеќе се на број инфериорните со кои „колективните“ лесно и вешто манипулираат, шпекулираат, си играат, ги местат, сместуваат, преместуваат, а најнапред ги прават зависни, да не смеат ниту да помислат на каква било независност (во мислењето и дејствувањето). Тие-инфериорните самите се покажуваат и потврдуваат како медиокритети, полтрони, „долни кариеристи“ (народецов наш ги нарекува посоодветно: подопашкари, подлизурковци, лигавци). Тоа е единствената причина зошто „индивидуалците“ ги нема во редовите на „колективците“. (Или се толку малку на број што „позиционо“ се апсолутно инфериорни.) Бидејќи се супериорни во однос на нив. И тоа не само во своите области, туку воопшто во општествениот статус, личниот јавен авторитет.

Прочитај и за ... >>  Почина Гари Мур

Каде ги има инфериорните во најголем број? Да, се разбира, не треба погодување: во политиката. Не, грешите: во политичките партии. Ни најмалку да не грешите: во нашите политички партии. Сите постојни, без исклучок. Кои постојни? Оние „старите“, и од позицијата и од опозицијата, кои со своето политичко дејствување, со својата досегашна политика се ептен афирмирани како инфериорни, маргинални, минорни, безначајни, што ќе рече и медиокритетски, полтронски, „долнокариеристички“ (подпопашкарски, лигавечки). А новите? Засега да се воздржиме во однос на нив, да имаме уште малку трпение. Да видиме кого се ќе „привлечат“ во своите редови. (Тоа е клучниот збор во однос на политичката инфериорност и супериорност.)

А може ли наскоро да се формира партија на супериорни луѓе-политичари? Сигурно. Токму поради „колективистите“ односно постојните партии на инфериорни, тоа-нејзиното формирање ќе оди со судни маки. Затоа што нивните членови се посилни? Па, да!

Верувам дека ви е познато оти една од главните карактерни (психолошки, психопатски) особини на инфериорните е агресивноста.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here