Потребно време за читање: 3 минути

Еден од најпопуларните сервиси на глобално ниво- „Скајп“ (Skype) премина во рацете на еден од првите играчи во информатичкиот бизнис во светот.

Меѓутоа, за оние што го следат неговиот развој и случувањата во последниве години тоа не е никакво изненадување.

Имено, во 2005. година имаше сличен „експеримент“ со компанијата „Ибеј“ (eBay), кога таа го купи за 2,6 милијарди долари, а во 2009. мнозинскиот пакет на акции (70%) и ги препродаде на група инвестициони фондови која ја предводи фондот Silver Lake. „Ибеј“ задржа извесен број на акции, а е интересно дека помеѓу акционерите на компанијата Skype Technologies се наоѓаат и нејзините основачи, иако ја напуштија уште во 2007. година.

Зошто „Мајкрософт“ (Microsoft), се реши да „истури“ толку пари (најмногу во изминатите 36 години постоење на компанијата)?

Прашањево добива уште повеќе на тежина ако се има предвид дека компанијата Skype Technologies во последниве години се бори (се бореше до денеска) со големи тешкотии во своето работење. Порано беше на мета на други големи IT компании, пред се на Google, Cisco и Facebook, кои го разгледуваа нејзиното купување, било самостојно или во некој вид на здружување.

Прочитај и за ... >>  Новата војна на Израел против Хамас- почеток без крај

Минатата година забележа приход од 860 милиони долари, но и загуба од 7 милиони. Според списанието Wall Street Journal, долгорочните долгови на компанијата изнесуваат околу 700 милиони долари. Во август минатата година компанијата поднесе предлог до американската Комисија за хартии од вредност и берзански работи (Securities and Exchange Commission, SEC) нејзините обични акции да се појават на берзата. Меѓутоа, два месеца подоцна тој предлог беше повлечен.

Причините можат лесно да се согледаат, а и првите луѓе на „Мајкрософт“ воопшто не ги кријат, туку, напротив, ги потенцираат.

Изјава на извршниот директор Стив Балмер:

„Скајп е феноменален сервис што го обожуваат милиони луѓе во светот. Заедно ќе ја креираме иднината на компанијата во реално време за луѓето да можат лесно да се поврзат со семејствата, пријателите и клиентите каде било во светот“.

Купувањето на „Скајп“ на „Мајкрософт“ ќе му донесе голема предност на пазарот на Интернет комуникациите и на тн. паметни телефони. Со силен маркетинг ќе се настојува да се зголеми и учеството на „Бинг“ на пазарот на Интернет пребарувачите, каде што „Гугл“ (Google) и натаму е неприкосновен со повеќе од 65% учество само на американскиот пазар.

Прочитај и за ... >>  ОКТА: загадувач со кого наместо да се казнува- се договара!

„Мајкрософт“, чии приходи и профит главно потекнуваат од продажбата на „виндоуз“ оперативниот систем и „офис“ пакетот на програми за канцелариско работење, на овој начин сака да го одржи чекорот во областа во која прилично заостанува зад ривалите- во Интернет комуникациите. Во последниве години многу пари вложи во „Бинг“, својот портал за пребарување на Интернет, но не успеа ниту да му се доближи на „Гугл“.

Сепак, можеби најважното е тоа дека „Скајп“ е мошне популарен сервис кој на крајот од минатата година имаше 663 милиони регистрирани корисници, исто колку и „Фејсбук“- најпопуларната социјална мрежа. Само минатата година (2010.) корисниците на овој сервис остварија вкупно 207 милијарди минути аудио и видео повици.

Станува збор за практичен и главно бесплатен сервис кој на корисниците им овозможува видео- комуницирање онлајн, како и евтини локални и меѓународни телефонски разговори.
Компанијата Skype Technologies во 2003. година ја основаа Никлас Зенструм и Јанус Фрис, двајца млади компјутерски генијалци од Естонија. Во рамките на „Мајкрософт“ ќе биде ново одделение, а досегашниот директор Тони Бејтс ќе биде претседател на „Microsoft-Skype“.

Прочитај и за ... >>  Отстапките се неопходни од двете страни

Информатичкиот пазар секаде во светот се развива со неверојатно темпо, во него се „вртат“ повеќе пари од во кој било друг бизнис, заработките се огромни, а кај нас е се уште „срамежлив“ Интернет маркетингот. Имено, интересот на фирмите и компаниите за рекламирање и спонзорство на најавторитетните и најпопуларните спортали е безначаен или подобро речено никаков. Иако е одамна докажано дека е најефикасен и најисплатлив!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here