Како да се биде позитивен?

Што значи да се биде позитивен? Одговарам веднаш: не значи ништо друго, освен да се биде реален, објективен, независен. Едноставно, оној што не е таков и да сака не може да биде сето тоа. Пред сѐ и над сѐ поради тоа што е „врзан“. Најдете таков-„врзан“ и позитивен, па веднаш ќе се негирам себеси, ќе ви признаам дека сум грешен и затоа грешно одговорив.

Некој може да се посомнева во моето тврдење дека реалниот, објективниот, независниот е „нормално“ позитивен. Тој и таквиот треба да знае дека и сомничавите се позитивни. Да бидам поконкретен? Важи:

Реалниот, објективниот, независниот е едновремено позитивен затоа што ниту со преголем, нереален оптимизам, ниту со песимизам гледа на нештата, состојбите и проблемите со кои се соочува и го соочуваат. Точно знае, одамна го лоцирал „проблемот“, поточно оној што (му) ги прави нештата, состојбите и проблемите. Одамна му е познат, па кога ќе дојде време брзо ќе го реши, односно ќе се реши од него. Кога-тогаш, што е апсолутно оптимистичка констатација.

Од друга страна, бидејќи го знае „проблематичниот“, одамна го препознал, многу му е полесно отколку на „оние другите“, што е уште една позитивна состојба на духот и/ или телото. Во тој контекст, особено се позитивни објективните односно неззависните односно неутралните. Што, инаку, е позиција за која мораш да се избориш, а потоа да се бориш да се одржиш како таков. За таа и таква жестока, „крвава“ борба во нашево партизирано и финансиско-олигархиско општество е потребна огромна позитивна енергија.

За сомничавите реков дека се, исто така, позитивни. Не знам колку ви е познато, ама јас добро знам дека сомнежот во филозофско- психолошка, а особено творечка смисла е поттикнувачка категорија. Прашајте кој било творецот и гарант ќе ви рече:

„Во ова наше транзиционо, максимално политизирано и максимално нетворечко време, само сомнежот дали го создадов или создавам вистинското ме тера и натаму да бидам творец, да продолжам да создавам, без оглед на сѐ“.

Да бидам и натаму, каков што сум и каков што морам да останам- позитивен, и да прашам, а потоа да (си) дадам дефинитвен одговор:

Дали знаете кои се најпозитивните граѓани во Република Македонија? Одговарам:

Сиромашните!

Меѓу другото, затоа што сиромаштијата не (си) ја третираат според етнички критериуми.

Потврдено:

Едно истражување објавено во European Heart Journalu, а спроведено помеѓу 1.739- мина здрави возрасни лица (помеѓу нив имало 877 жени), набљудувани во период од 10 години, покажало дека кај учесниците кои немале позитивни емоции постои 22% поголем ризик од срцеви болести (инфаркт и ангина пекторис), отколку кај оние кои ги имале малку. Помеѓу нив, пак, ризикот бил 22% поголем кај испитаниците со умерено позитивни чувства.

Резултатите наведуваат на заклучок дека срцевите болести можат донекаде да се спречат со јакнење на позитивните емоции.

Како што истакнува Карина Давидсон од Медицинскиот центар на универзитетот Колумбија во Њујорк, која го водела истражувањето, се уште е прерано за клинички препораки. Меѓутоа, студијата сугерира дека „добродушните карактери“ подобро се опоравуваат од стрес и имаат поцврст сон.

„Маѓепсаниот круг“ помеѓу срцевите болести и големата депресија заслужува поголемо внимание на кардиолозите и психијатрите.

Ја знаете ли најпозитивната народна изрека, сте го чуле ли најпозитивниот слоган на македонскиот позитивиец?

Не ќе е лошо да го запомните:

„Добро е,молчи, има и бетер”.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *