Потребно време за читање: 5 минути

Харолд Кемпинг не е кој било. Тој има 89 години, пензониран инженер е и има изградено мултимилионско медиумско царство.

Во изминатите неколку месеци испраќаше свои следбеници да ја обиколуваат Земјата, да ја делат Библијата и да закачуваат билборди со предупредување за „судниот ден“, емитирајќи ја својата порака дури на 71 јазик!

Да не го „предадоа“ годините?

Пораката за судниот ден беше испратена од Калифорнија на време во сите делови на светот, со користење на разни медиуми, но вчерашниот ден- 21. мај помина без вести за каква било катастрофа, а камо ли за катаклизма.

Малку познато: Кемпинг има неколку медиуми- радио станица, кабловски и сателитски ТВ канал, веб сајт, и сите се контролираат од една скромна зграда помеѓу продавница на автомобили и деловен простор за читање од дланка, во калифорнискиот град Оукленд.

Неговото Семејно радио, кое објавува апокалиптични предвидувања, најави дека в сабота, на 21. мај во 18 часот ќе дојде до пропаст на светот, точно 7000 години од библискиот потоп во кој преживеале само патниците на Ноевиот кораб. Според Кемпинг, овојпат ќе се спасат 200 милиони луѓе кои ќе бидат однесени на небото, а сите други ќе умрат во земјотреси, епидемии и други несреќи, додека планетата Земја дефинитивно не согори на 21. октомври.

Во веста, што ја пренесоа сите светски агенции, големи и мали електронски и печатени медиуми, се вели дека христијанските лидери ширум светот го отфрлиле ова пророштво, потенцирајќи оти пораката на христијанството не е порака на суден ден, туку на спасение и надеж. Некои локални цркви изразиле загриженост дека на 21. мај следбениците на Кемпинг би можеле да бидат зафатени од депресија.

Дека секогаш ќе се најдат некои што веруваат во „црни“ пророштва и се плашат, се покажа и докажа во „случајот“ на проповедникот Кемпинг: ја зеле Библијата в раце и „последните моменти“ ги минале со најблиските. Меѓутоа, како што минувал денот без катастрофални вести, на многумина негови следбеници им станувало се понепријатно. Некои до последен момент го очекувале крајот на светот, верувајќи дека Бог само ги искусува одлагајќи ја апокалипсата за последните моменти од денот. Некои на крајот, сепак, се досетиле дека одлуката за толку крупна работа, како што е пропаст на светот, сепак не е на Кемпинг, туку е божја волја.

Прочитај и за ... >>  За можните „чудни“ коалиции

Како што се ближела саботата, растеле прилозите кои Семејното радио штедро ги трошело за Кемпинговата порака да допре што пошироко. Таа фирма уште во 2009. година пријавила дека добила 18, 3 милиони долари прилози донации и оти поседува имот вреден 104 милиони долари, вклучувајќи 34 милиони во акции.

Кемпинговите катстрофични пророштва очигледно се добродојдени за бизнисот на Семејното радио, така што не изненадува дека решил да ги повтори. Неговото прво пророштво за крајот на светот е дадено во 1994. година, а откако не се остварило Кемпинг тоа мирно и го припишал на математичка грешка. Во интервју минатиот месец изјави дека не му е непријатно поради претходното погрешно предвидување, зашто работата е само во тоа дека е дадено прерано. Овојпат, тврдеше, нема шанси да се повтори таква грешка.

Што сега? „Вашингтон пост“ објави некои искуства на оние што поверуваа и продадоа се што имаат:

Роберт Патрик изјавил дека бил многу изненаден кога дошол 18 часот, но ништо не се случило. Тој ја потрошил сета своја заштеда да објави реклама за крајот на светот.

„Не можам да објаснам што чувствувам сега. Изгледа не сум разбрал се најдобро бидејќи уште сме сите тука“ изјавил тој опкружен со туристи.

Кит Бауер, кој возел од Мериленд до Калифорнија за таму да го дочека крајот на светот, вели дека на почетокот малку се сомневал,но потоа престанал со скептицизмот зашто верува во Господ.

„Се надевав дека ќе се случи бидејќи мислам дека небото е многу подобро од оваа земја“ вели Кит кој работи како возач на камион.

Прочитај и за ... >>  Опасна закана со војна

„Ќе се случи 21. мај“ рекол Мајкл Гарсија, специјален координатор на Семејното радио. Тој се молел и ги пиел последните две кафиња со својата сопруга, а денеска вели:

„Кога ќе речеш нешто и тоа нема да се случи те боли гордоста. Но,кому му треба гордост? Нели Господ вели „Оставете ја гордоста, бидете скромни и достоинствени“?

Така е! Кому му треба гордоста…особено кога се работи за прилози, донации, имот и акции во вредност од стотици милионин долари.
Најновата вест е дека Харолд Кемпинг ги собрал парите што ги собрал од верниците за спас при апокалипсата и го нема никаде! Да не паднал во депресија оти пак погреши?

Неговата семејна куќа во Калифорнија е замрачена со ролетни, а на неговата фирма, како и на вратата на црквата што ја основал, само стои натписот „Канцеларијата е затворена“.

Илјадници следбеници се собрале пред неговата радио- станица зашто лековерните му дале чекови и животна заштеда за да се спасат.

А да пробам и јас, макар „само“ за некое „евро- илјадарче“? Ќе ми успее?

Пророкувам: СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ ТРГНА НА СПЕЦИЈАЛНА МИСИЈА ИСПРАТЕН ЛИЧНО ОД ГОСПОД И ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА ЌЕ МУ СЕ ОБРНЕ НА СВЕТОТ СО ВАЖНА ПОРАКА!
Доколку сакате лично да ви се обрати, примам донација, чек или дел од животна заштеда на домашна адреса!

Ова мое пророштво не е поврзано со Владимир Путин! Што? Не ја прочитавте веста од пред десетина дена?

Владимир Путин стана симбол на стравопочит на бизарна женска секта, чии следбеници веруваат дека рускиот премиер е реинкарнација на раниот христијански мисионер апостолот Павле.

Како што пренесе дописникот на британскиот весник „Телеграф“, членовите на сектата која се раширила во едно руско село на околу 300 километри југоисточно од Москва, веруваат дека 58- годишниот лидер се наоѓа на специјална мисија на која го испратил лично Господ.

Прочитај и за ... >>  Ако не е се исто, се е ептен слично

„Според Библијата, апостолот Павле бил прво воен командант и зол прогонител на христијаните, пред да почне да го шири христијанското учење“, вели соосновачкта на оваа православна секта, кој себе си се нарекува Мајка Фотина. „Во деновите на КГБ Путин исто така направи некои погрешни работи. Но кога стана претседател, тој е проникнат со Светиот дух и како апостол почна да мисли помудро, предводувајќи го така своето стадо. Сега му е тешко, но тој и натаму ја исполнува својата должност на апостол“.

Извештаите од седиштето на сектата, кое се наоѓа близу до рускиот град Нижњи Новгород, велат дека членството се состои исклучиво од жени облечени како калуѓерки, а кои по цел ден се молат за успех на Путин пред традиционална икона на Руската православна црква, покрај која е поставен портрет на рускиот премиер.

Како што им доликува на следбеници на секта на човек кој ја осудил декаденцијата на олигарсите, членките на сектата велат дека преживуваат само на спартанска диета од морков, грашок и хелда.

Локални медиуми објавија дека вистинското име на Мајка Фотина е Светлана Фролова. Отец Алексеј, свештеник во локалната црква, го осудил постоењето на православната секта која го слави аристократскиот премиер на Русија:

„Нејзините таканаречени учења се бесмислена мешавина на православјето, католицизмот, окултизмот, будизмот и политички информации“, рекол тој. „Но (Мајка) Фотина не е луда“, додава тој.

Портпаролот на Путин вели дека е збунет од постоењето на сектата која го велича актуелниот руски премиер:

„Ова е првпат да слушнам за таква религиозна група“, рекол Дмитриј Песков. „Импресивно е што тие имаат толку високо мислење за работата на премиерот, но јас би сакал да ги потсетам на уште една заповед: Немој да им се клањаш на лажни идоли“.

Уште едно предупредување од мене: моето пророштво нема врска со (се уште) актуелниот македонски премиер Никола Груевски.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here