Клевета и лага

Дали грешам ако помеѓу клеветата и лагата ставам знак на равенство? Барем кога сме ние во прашање, односно кога се во прашање „македонцките работи“?

Можеби само малку. Затоа што обично клеветата се „реализира“ најчесто со лага, поретко со манипулација и шпекулација, а најретко со вистина.

Каква ли би била таа клевета ако некој се напаѓа-клевети со вистина?! Апсурдно, нели? Не е, ако вистината е всушност „полувистина“ или „недокажана“ вистина-лага за оние што се придружуваат на клеветата. (Треба ли вистината да се докажува? Нели е докажана со тоа што веќе се потврдила како таква?)

Се разбира, отсекогаш било и е лесно да оклеветиш некого за нешто. Лесно е затоа што немаш потреба од докажување или самоодбрана при нападот. Клеветата сама по себе е напад предизвикан или поттикнат од самоодбрана. („Си ја има мувата на капа…“)

Значи, немаш потреба од вистина бидејќи вистината открива, а не етикетира, не манипулира, шпекулира, не оцрнува. Тоа и е својствено на лагата. Притоа, да клеветиш лажејќи доаѓа некако полесно и поподносливо, отколку да лажеш клеветејќи. А уште понеподносливо е и да клеветиш и да лажеш во исто време. Сепак, да повторам, клеветел и/или лажел, му доаѓа на исто. Многу повеќе му доаѓа на оклеветениот и излажаниот, отколку на клеветникот и лажгото.

Кој помеѓу нас, во ова наше време и во оваа наша жална и (без)надежна Македонија најмногу има потреба од клеветење и/или лажење?

Веднаш помисливте на политичарите? А не помисливте попрво на бизнисмените, на оние од врвот наречен бизнис-олигархија?

Лично јас помислувам, всушност подолго размислувам едновремено и на едините и на другите. Едноставно затоа што можам да ги видам сѐ поретко, да ги сретнам едни спроти, едни наспроти, едни против или барем едни покрај други. Сѐ почесто ги гледам и ги среќавам едни со други, заедно, рака под рака. Неретко и прегрнати, како браќа и сестри кои одамна не се виделе и не се сретнале-живи радосни оти направиле уште еден во низата дилови „во четири очи“.

Дури ми станува сѐ потешко да ги разликувам! Не во нивното дејствување и работење „за доброто на Македонија“, туку во клеветењето и лажењето.

Не ме загрижува нивното меѓусебно, туку клеветењето на народот и лажењето на светот!

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *