Потребно време за читање: 5 минути

Се разбира, му пречи на оној за кого тој бил и е мислена именка. Имено, вистина е дека во сиот изминат период на плурално владеење со Република Македонија (не баш и демократско) ниедна власт својата одговорност и јавност пред граѓаните не ја оправда- потврди со извештај- отчет. Пред се како показ и доказ на сработеното, недоработеното и несработеното. Дури и кога за „грешките“ беше казнета (СДСМ на избори) не „чувствуваше“ потреба од такво нешто- макар „за миг“ да се биде искрен и да се образложи зошто е заслужена (според сопствено признание).

Жестоката реакција на опозиционата СДСМ не е предизвикана поради „фрлените пари“ за печатење на книгата- отчет (лично воопшто не ми изгледа дека е луксузно издание, та да чини „дури“ милион евра!; според моите скромни познавања на печатарските услуги, ќе да е грешка- додадена најмалку една нула), туку токму поради „отчетувањето“, односно резултатите.

Оние што се стручни за политички маркетинг знаат дека токму отчетот е најсигурна и најдобитна предизборна „карта“.

Само напишаното- отпечатеното е лесно проверливо, особено кога се тврди дека е лага. Ако се покаже и докаже дека не е?

Вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски на прес- конференција истакна дека „Отчетот за работењето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 2006-2011“, што излезе како прилог на дневни весници, е дел од заложбите на партијата за транспарентност и одговорност пред граѓаните:

-ВМРО-ДПМНЕ е прва политичка партија во Република Македонија која дава отчет пред граѓаните во многу прецизна и транспарентна форма како што е оваа. Кога ја добивме довербата од народот презедовме обврска да реферираме за она што сме го сработиле, за проектите кои сме ги спровеле, за реформите и за модернизацијата кои сме ги направиле. Обврска да истакнеме јавно дека ветувањата кои сме ги дале ги исполнуваме. Таа обврска денеска ја исполнуваме

Проектите што се реализирани во целост претставуваат 83% од вкупниот број, а проектите што се реализирани и што се во тек заедно сочинуваат 98% од она што го ветивме на изборите и за што јавно дадовме збор во текот на управувањето со државата дека ќе го оствариме.

Притоа посочи дека од 2006. година до првата половина на 2011. во целост се исполнети 1.185 од вкупно 1.428 ветувања и е започната или веќе тече реализацијата на дополнителни 216 проекти. Не се завршени 1,33% , а чија реализација ќе биде дел од новата програма на партијата и ќе бидат остварени по воспоставувањето на неопходните услови. 8 од вкупно 1.428. проекти нема да бидат спроведени во најголем дел поради изнаоѓање подобра алтернатива за нивна реализација. Реализирани и голем број проекти што не биле во програмата, а кои биле спроведени поради доброто работење и изнаоѓањето средства за нивна реализација или поради тоа што граѓаните или компаниите тоа го побарале.
Секој граѓанин може да ги прочита и ние апелираме да се издвои време да се прочита за секој да може да се увери дека гласот кој го дал за оваа политика на изградба на Татковината и за грижа за своите граѓани дала резултат, дека ветувањата кои сме ги дале се реализирани.

Прочитај и за ... >>  Возбудено за хаосот

Премиерот Никола Груевски изјави оти отчетот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ е прв таков гест од владејачка партија во досегашната историја на државата и воведува нов стандард во политичкото делување, а ќе создаде и големи очекувања кај граѓаните во иднина тоа да го прават сите политички партии.

-Ние сме партија која што на некој начин воведе не само давање на конкретна програма со рокови со конкретни проекти, со носители на тие рокови со датуми кога ќе бидат завршени, туку и отчет пред граѓаните. Такво нешто во минатото, ќе се потсетите, немаше. Ниту програма, ниту отчет имаше, особено кога доминираше на политичката сцена СДСМ некаде во 90-те а и потоа, до доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ во 2006. година. И да се правеа некакви програми, тие беа прилично општи, еднаш покажани на камера и никогаш видени од граѓаните. Овојпат имаме програма од 2006., 2008. исто така, која што е многу конкретна, која што е многу мерлива, која што секој може точно да пресмета што било ветено, до кога било ветено, која што цело време е на нашата веб страна, програма којашто беше дистрибуирана во стотици илјади примероци до граѓаните.

Ние не бегаме од тоа што сме го ветиле. Првпат во историјата на земјата имаме ситуација кога владејачката партија по 4,5 години од владеењето излегува пред граѓаните со исто така конкретен отчет како што беше конкретна и програмата, во кој што кажуваме што е завршено од програмата, што е во тек, а не е завршено, и што не е започнато што е сосема мал дел од нашите активности.

Прочитај и за ... >>  Познат новиот фудбалски шамипон на Македонија

Мислам дека веќе доаѓа период во Македонија кога ќе биде неизбежно партиите, наместо само со препукувања, пред граѓаните да излезат со многу конкретна програма која што граѓаните ќе ја прочитаат и ќе ја валоризираат преку нивното давање на глас, но и ќе ја оценат. Веќе нема да може да поминат во Македонија неразумни ветувања, неразумни напаѓања на противникот, без разлика дали тој бил добар или лош. Веќе работите се кристализираат, добиваат еден свој облик и граѓаните имаат изострено чувство за тоа што е можно да се направи во 4 години, што не е можно да се направи. Затоа што веќе имаат видено и конкретна програма и конкретен отчет.

СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ за „расипништво и безмилосно трошење на народните пари“ поради изданието „Отчет за работењето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 2006-2011 – Македонија не запира повеќе“ од 260 страници.

Јани Макрадули, член на Извршниот одбор:

-Ако до вчера за еден месец потрошија еден милион евра за реклами, сега само за еден ден успеаја за книга полна лаги да потрошат еден милион евра. Книгата е испечатена во услови на рекордна сиромаштија, не содржи одговори како и каде се трошат народните пари и се фрлени милион евра во бунар. Со овие пари можеше да се изгради едно училиште или, пак, еден студентски дом, дури да се реновира една болница. Доволни се и за отворање фабрика и нови работни места.

Вчера зборувавме за владините реклами, а денеска граѓаните се сведоци на уште едно ново расипништво на Груевски и ВМРО ДПМНЕ. За некои предмети учениците се уште не добиле книги, но затоа денеска експресно беше испечатена ВМРО-вската книга под мотото: лагите на Груевски не запираат повеќе! Таксиметарот на фамилијата забрзува“.

Интересна реакција на економистот Никола Узунов кој, патем, веќе јасно и „транспарентно“ се декларира како СДСМ-овски експерт: отчетот е дегутантна пропаганда на власта. Граѓаните во „партиската книга“ се информирани за сите проекти и за најситните – но нема отчет за парите што се вложени за се да се реализира.

Прочитај и за ... >>  Поизвесен победникот на вонредните парламентарни избори

-Во книгата нема финансиски отчет за најспорниот проект што го одбележува владеењето на ВМРО ДПМНЕ како симбол на нивниот мандат- „Скопје 2014“. Откако ги поставија Илинденците и лавовите, голем дел од бронзените статуи во кои ВМРО ДПМНЕ даде милиони евра лежат по хангари и чекаат погоден момент за да се постават со неизбежната црвена панделка. Камен – темелници, патриотски проекти, партиски реклами, дебели промотивни книги и реклами на одбрани медиуми – премиерот,како што и самиот рече, успеа да создаде нова култура на политичко работење.

Не е јасно во што е дегутантноста на отчетот. Во книгата нема финансиски отчет? А зошто да го има? Не е познато колку пари се потрошени за „најспорниот проект“? Па, само А1ТВ досега многупати пати ја информира јавноста за „стотици милиони евра“! Можно ли е Узунов да не ја гледа „најгледаната народна телевизија во Македонија“?

Отчетот е пропаганада? Зошто да не? СДСМ и сите други не прават и допрва нема да прават предизборна пропаганда? Во колку примероци СДСМ планира да ја отпечати својата програма- заложби и ветувања? Колку пари ќе потроши за неа? Да не им биде само „усно“ презентирана на граѓаните и нивните потврдени и потенцијални гласачи.

А дали за „партиската книга“ се потрошени еден милион „народни пари“, тоа е во најмала рака сериозно обвинување за кое би можело и да се одговара доколку е лага.

Ќе биде мошне интересна реакцијата на најавената нова програма која ќе ги замени досегашните „Преродба во 100 чекори“ и „Преродба- надградена и проширена“.

Никола Груевски:

-Станува збор за програма која е конкретна и за која сите можат точно да пресметаат. Не бегаме од тоа што сме го ветиле, туку напротив. ВМРО-ДПМНЕ излегува со тоа што е започнато да се гради, со тоа што е изградено и со тоа што допрва ќе започне да се гради според запишаното во програмата.

Програмата на партијата во нарениот период ќе биде дистрибуирана до медиумите. Којзнае, за неа можеби ќе бидат потрошени и повеќе од 1 милион евра.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here