Култура, творештво, автор- систем на вредности

Еден лидер на партија, која претендира да победи на парламентарни избори односно да ја освои власта, при јавен настап, сведувајќи сѐ на економијата, меѓу другото рече дека „и културата е економија“. Дали мислеше на нејзината основа („нема ништо без пари, па ни култура“) или на економската култура-не е познато. Во секој случај, станува збор за симплифицирање на нештата, поточно за непознавање или занемарување на категоријата вредност која никако не може да се сведе на пазарна или ценовна.

Културата е економија во однос на ресурсите во неа и делот кој се валоризира пазарно (се комерцијализира). Меѓутоа, и во развиениот свет нема пазар за дела кои не се „она што народот го бара“, па таквите државата ги „сервисира“. Во тој контекст проектите на една „зрела“ Влада, која континуирано интензивно работи во текот на целиот свој мандат, би морале во значителна мера да се однесуваат на културата и творештвото. А во последниве години бележиме, на пример, драстично намалување на буџетските средства токму за културата, творешвото, образованието, науката. Уште помалку се искажува, покажува, докажува грижа за творецот и неговото дело. Поточно за неговиот економско- социјален статус. Најмалку, пак, се работи на „модерното работење“ во културата и творештвото.

Не си ги поставувам на себеси прашањата за состојбите во културата, третманот на творештвото и статусот на авторот, бидејќи одговорите се знаат одамна, туку ги (ре)актуелизирам бидејќи забележувам дека никој, ниту партиите од позицијата, ниту од опозицијата не ги става на предизборниот „пиедестал“. Имено, и во промовираните изборни програми културата, творештвото воопшто, авторот посебно или се само спомнати („ќе се реализираат проекти во културата“) или се набележани некои без потемелна разработка. Воопшто не се ни спомнуваат проекти за меѓународна афирмација на културните достоинства на Македонија, ниту, пак, за поддршка на создавање дела, на присуство на наши творци во светот и сл.

Запирам на три клучни прашања чии (позитивни) одговори, очигледно, скоро не можеме да ги очекуваме: економско-социјалната положба на авторот-творецот, во сета негова комплексност (статус, егзистенција, заштита на интелектуалната сопственост-на неговото дело, критичка валоризација на неговото творештво итн.) и менаџментот во културата.

Што се однесува на првото, само ќе спомнам една „баналност“ (во наводници бидејќи е најмалку тоа): статусот слободен уметник-творец се „регистрира“ навистина навредливо, како „трговец-поединец“. Што значи, уметничкото творештво се смета за „обична трговска стока“, како и секоја друга. Не постои ниту најава дека тоа, само навидум лесно прашање (бидејќи не станува збор само за „регистрација“) ќе се реши, односно ќе биде еден од макар помалите приоритети на идните властодршци.

Што се однесува на менаџментот во културата, сигурен сум дека тоа е тотална непознаница дури и за „културните“ кандидати за идни пратеници.

Одамна од највисоките државни врвови е констатирано, поточно признаено дека е урнат („некои“ ни урнаа или сами урнавме) еден систем на вредности („каков-таков“, односно социјалистичко-комунистичко-самоуправен), а наместо него во меѓувреме не е изграден нов (не ни изградија-создадоа, а јас велам поставија). И никому ништо.

Нов систем на вредности! Внимавајте, не велам стандард(и), на пример европски (прилагодување на нив).

Во изминатиот период, благодарение токму на оние кои во континуитет постојано победуваа „за Македонија“, не поставивме, не создадовме и не созадаваме нов. И затоа живееме во свет на баналности и ефемерности. Затоа живеачката ни е обезвреднета до ниво на „статистички просек“, индивидуалноста изнемоштена, унижена од дилетанти, медиокритети, малограѓани, учени-недоучени, егоисти, кариеристи, простаци, еклектици, квази-бизнис олигарси, политиканти.

Да гласаме (кога ќе ни дојде редот) за некој од оние кои поим немаат што е тоа систем на вредности? Или знаат, ама се плашат да го постават за и тие со нас да продолжат да го надградуваат, зашто ќе паднат, просто ќе бидат прегазени уште со првите чекори? Никако!

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *