Културата и дизајнот

Стручњаците за маркетинг аргументирано ќе ви образложат дека модерното живеење воопшто не може да се замисли без соодветен дизајн; дека е тоа негова суштина, предуслов за опстанок. Тој ја определува содржината, ритамот, ги отвора можностите за опстанок во развиениот свет.

Не е во прашање само естетиката на живеењето, туку неговиот тоталитет. Тој наметнува норми на однесување и работење, ја оправдува смислата на егзистенцијата.

Дизајнот сам по себе е мошне сложена проблематика која бара познавања, стручност, промислувања, инвентивност. Од него не се тргнува, но без него не може да се продолжи.

Колку е тој присутен во културата на нашето секојдневје, особено во она што значи манифестација на културата воопшто?

Малку и несоодветно е присутен дизајнот во нашата култура. Примери можат да се најдат во секој нејзин сегмент. Дизајнирањето на една културна манифестација обично се сведува на нејзино плакатирање, а притоа плакатот има малку допирни точки со уметноста, со ететското, со творечкото. Тој не овозможува подетално да се „прочита“ нејзината содржина, освен голиот текст, обичната најава, огласувањето. Дури, со своето решение и го одвраќа консументот, го одбива од самиот настан. Се заборава дека тн. гола информација одамна ја изгубила својата функција. Исклучителен пример се извонредните плакати на Скопскиот џез фестивал, и „статичните“ и „динамичните“ (анимираните)-со високи уметнички дострели.

Во медиумскиот свет информацијата била и ќе биде една иста, а различен е нејзинот пласман, пред се почитувајќи ги спецификите на секој медиум одделно. Се разбира, исклучоци постојат, но тие со својата „случајност“ само потврдуваат колку недостасува дизајнирањето на нашето севкупно живеење, на културното посебно.

Значајни резултати на тој план се постигнати-се постигнуваат во издавачката дејност. Со ангажирањето на творечки, афирмирани личности од ликовната уметност, пред се графичката, македонските издавачи имаат постигнато завидно естетско ниво на своите изданија. Тоа, меѓу другото, ја овозможи и во последниве години мошне добрата продажба на книгата кај нас.

Имајќи предвид дека производството на книги е сложен издавачко-дизајнерско-печатарски процес, најважно е познавањето на достасаното ниво на современата типографија. Во тој однос многу не можеме да бидеме задоволни, бидејќи најчесто станува збор за копирање и имитирање на оригиналната, традиционалната линија на обликување на книгата. Притоа малку се работи на профилирање на едициите, на модерни графички решенија, а да не зборуваме за непочитување на графичката технологија и правилата кои се важни за формата на книгата.

Има и нешто за што, за жал, кај нас сѐ уште малку се размислува. Повеќе од јасно е дека утрешнината на кникгата е „двојна“: електронски  и „технички“ изданија (софистицирани технолошки „направии“) од една и библиофилски печатени изданија од друга-вистински „текстуално-ликовни“ книги со мошне висока цена на чинење-еднакво како уметничките дела, на пример. Се разбира, тоа е најнепосредно поврзано и со темава за културата и дизајнот и, пошироко, културата на животот.

„Eppur si muove-Сепак се движи“, би рекле оние што катадневно се соочуваат со конкуренцијата на пазарот на културата (доколку се согласуваме дека кај нас каков-таков постои). Да, културата се уште не ни е пазарна во вистинската смисла на зборот, со сите значења и норми што тој ги поставува.

Она што најнапред недостасува, а сигурно би ги придвижило работите напред со многу поголема динамика од онаа што ја имаме, е критичкиот однос спрема остварувањата, спрема резултатите што се постигнуваат во дизајнирањето на нашата култура. Едноставно, во дневниот и периодичниот печат ретко ќе сретнете критика, анализа, вреднување на „опремата“ на едно книжевно изданије-книга или едиција, на естетскиот придонес во популаризацијата, афирмацијата, доближувањето до читателот.

„Најопшто“ прашање: колку една културна манифестација-приредба успеала или не благодарение и на сопствениот дизајн?

Овој прилог има скромна цел: да поттикне на размислување од тоа колку ни е потребно, колку неопходно дизајнирањето на нашето културно живеење воопшто, до колку културното живеење ни е навистина културно и модерно.

Дали сиромаштијата на животот, нашето живуркање зависи само од материјално-финансиските можности? Дали ги знаеме и прифаќаме нормите, стандардите на соверемениот живот?

 

 

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *