Квазилидерство

Прилогов го напишав и објавив на блогов на 25.02.2008. година (тогаш блогов имаше назив „Хрономер-Хроничар“.

Доказ дека некои  нешта не само што се повторуваат, туку се идентични, освен промената на имињата и позициите!

Го преобјавувам со сосема мали, небитни преправки и додавки.

За квазилидерството „како такво“, посебно во македонското политичко милје, досега сум пишувал на неколку наврати. Се разбира, и натаму ќе пишувам секогаш кога ќе имам конкретен повод (неисцрпна тема). Како сега.

Имено, дефинитивно е јасно и крајно „експлицитно“ потврдено дека главниот (можеби и единствен) проблем на обновениот СДСМ е неговото најтесно раководство, а пред сѐ лидерот Радмила Шеќеринска. Таа ниту „личи“ на лидер(ка), ниту се однесува (контролира) како таков/таква, особено во настапите пред јавноста. Мислам на нејзините сѐ почести „застанувања“ (или „местења“) пред микрофоните и камерите на медиумите и изјавите за што било, а всушност за „единствено нешто“: Никола Груевски.

Последни „илустративни“ примери на народната „Гладна кокошка просо сонува“ се изјавите по повод најновит предлог (предлози) на посредникот на ОН Метју Нимиц во врска со проблемот на Грција со уставното име на Република Македонија.

Првата е дадена следниот ден по новата понуда на Нимиц:

„Како партија која е загрижена за националните и државните интереси и за членството во НАТО, сметаме дека е потребно Владата итно да направи консултации со другите партии за да обезбедиме став по прашање за кое и во минатото сме биле обединети…Сега е моментот кога политичарите не смеат да калкулираат. Политичарите треба да се однесуваат соодветно на приликата, да се однесуваат одговорно, да се однесуваат мудро и да се трудат да градат единство“.

Во тој контекст таа го обвини премиерот Груевски за „тајност“, а нему му го припиша и калкулантството и (не)одговорноста (ги поврза со неговата изјава дека за промена на името на земјата треба да се изјаснат граѓаните на референдум).

А пред лидерската средба (21.02.2008), таа го обвини Груевски дека во изминатите два дена играл двојна игра, со тоа што на јавноста ѝ соопштувал дека не се откажува од уставното име на РМ, а од друга страна Владата дала зелено светло за два предлога на Нимиц:

„Ваквиот тип на двојна игра, во кој премиерот пред македонската јавност вели дека го брани уставното име, а со преговарачот соопштува поинакви ставови, е многу опасен за Македонија и за нас е неприфатлив. Премиерот на РМ, Господинот Груевски, за прв пат, после 10 години усогласен став дека уставното име ќе биде нашата позиција и во меѓународната комуникација, сега ретерира и се повлекува од тие позиции“.

Еден лидер (не „квази“) на најголема опозициона партија, која во изминатиот период одигра клучна улога како власт во сѐ она што го имаме денес како (трагична) последица, не би си дозволил така брзо да се „истрча“ и да обвинува за тајност на која двете преговарачки страни, Македонија и Грција, се обврзале пред медијаторот Нимиц. (Значи, дефинитивно станува збор за преговори, а не за разговори! Тоа го тврдам одамна, иако нашите политичари го одбегнуваат како жежок костен.)

Истото се однесува и на загриженоста за националните и државните интереси, како и барањето за консултации со другите партии, бидејќи во првичните изјави-реакции токму Груевски го најави тоа.

А прашање е кого „советува“ за однесување на политичарите „соодветно на приликите“, односно да бидат „одговорни, мудри и да се трудат да градат единство“. Се советува и себеси? Не е ли „посоодветно“ во тоа да внесе и „ние“ или, поконкретно, „и јас“?

Втората изјава, односно директно обвинување на адреса на премиерот е уште подилетантска („кокошкина“). Се разбира, на премиерот воопшто не му е потребна ничија (ниту моја) одбрана, но морам да потенцирам дека очигледно Шеќеринска самата не знае за каков тип на „двојна игра“ станува збор. Имено, премиерот во своите изјави и коментари воопшто не „ретерираше“, не се повлече од позициите „после 10 години усогласен став дека уставното име ќе биде нашата позиција и во меѓународната комуникација“. Напротив, тој „тврд став“ го повтори и во однос на членството во НАТО.

Ако таа мисли на ставот за референдумското изјаснување на граѓаните,
би требало да очекуваме, како доследност пред сѐ , истото да го повтори (јавно) и за претседателот Бранко Црвенковски, по неговото согласување за (евентуален) референдум, но и за ставот на експертите, како што е од А1 ТВ цитирано мислењето на Тања Каракамишева, универзитетски професор: „За ова прашање можат да одлучат само граѓаните на РМ, ниту еден политички лидер; ако сакаат, сите политички лидери нека се соберат на заедничка маса-не можат да одлучат за прашање кое што е од витално значење за државата, па и во крајна линија е за нејзиниот опстанок, за опстанокот на македонската нација. Мислам дека референдумот е единственото легитимно средство во моментот на кое што може да се повика политичката власт“.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *