Потребно време за читање: 4 минути

Во 21- ов век Данајската република (Грција) се однесува како да живее и дејствува во 19- от и 20- от, иако е „заслужено“ модерна евро- натовска држава. Раководството во Атина очигледно се уште мисли дека светот е поделен на „големи“ и „мали“, а големите можат да им се закануваат на малите, да ги блокираат, да им поставуваат услови, да се однесуваат арогантно спрема нив. Притоа не ни помислувајќи, ниту разбирајќи дека токму „малите“ отсекогаш биле, се и ќе бидат поголеми од „големите“. Со своето достоинство, со своето опстојување, доследност, разум, мудрост, со својот идентитет. И, што е најважно, „големите“ не ги третираат и не се однесуваат спрема нив како „мали“, туку како рамноправни со нив во името на соживотот, заедништвото, развојната перспектива. Да, и во името на евро- натовското односно глобалното интегрирање.

Високата дипломатка Дора Бакојани (не мислам на позицијата или дипломатската вештина и искуство, туку во буквална смисла- мошне импресивно делува помеѓу нејзини „сојузнички“ за глава или повеќе повисока од нив) вчера повторно и упати закана на Република Македонија: Атина ќе продолжи да ја блокира нејзината интеграција во НАТО, но сега потенцирано и во ЕУ, доколку не се најде решение за „спорот“ со името.

(Во еден мој скорешен прилог на овој блог предупредив дека не се работи за „спор“, најмалку за „билатерален проблем“, како што го третира „меѓународната“, туку за спорење. Можам само да ги жалам оние што не ја разбираат разликата.)

Притоа, за да не остане „покусо“, за некој да не ја разбере „недобронамерно“, додаде дека нејзината земја „работела“ на тоа и продолжува да води „тешка преговарачка борба во рамките на ОН“.

Прочитај и за ... >>  Последна фаза од сценарио или последен очајнички обид за спас од дефинитивен пораз

И уште: решението на „проблемот“ ќе го отворело патот за идна соработка и безбедност, а него го гледа во „прифаќањето на сложено име со јасна географска одредница за севкупна употреба“.

Очекувано, јас велам папагалски, Бакојани „вината“ за „проблемот“ повторно ја префрли на властите во Скопје кои „со политиката што ја водат им ја ускратуваат евроатлантската интеграција на своите граѓани“.

Патем, мудроста, па и онаа старогрчката односно античкогрчката, вели дека оној што гледа само едно нешто е всушност слеп и се плаши да прогледа.

Најновата закана Бакојани ја упати при обраќањето на завчерашниот собир на Светската грчка интерпарламентарна асоцијација во Атина.

А за да си ги „покрие“ сопственото слепило и страв, повторно излажа (по којзнае кој пат, без „срам и перде“) дека ставот на Атина во врска со „спорот“ го прифатиле и нејзините меѓународни партнери, како во Букурешт, на Самитот во НАТО, така и во Брисел, во рамките на ЕУ, за што придонес дала и грчката заедница во странство. Велам ноторна лага, бидејќи воопшто не станува збор за „прифаќање“, туку само за почитување на најголемата сопирачка на рамноправното членување во една заедница- консензусот и префрлањето на спорењето на „билатерален план“. (Тоа на ЕУ веќе и се удира од глава. „Од авион“ се гледа дека нервозата и кај оние што на Бакојани дипломатски и се смешкаат од ден на ден станува се поголема, па на нивните лица гледаме смешно- намуртени гримаси).

Прочитај и за ... >>  Економската криза допрва ќе се продлабочува

Од сето папагалски повтореното на Бакојани има едно „нешто“ што отвора дилема, а лично не верувам дека таа „ќе се сети“ да ја надмине или отстрани: „работењето“ на нејзината држава и продолжувањето на водење на „тешка преговарачка борба во рамките на ОН“. Што таа конкретно работела или, поважно, сработила на пример во изминатите неколку месеци, пред и по последната посета на Метју Нимиц на Скопје и Атина и веројатно донесениот нов предлог за завршување на спорењето? И во што ја гледа „тежината“ на „преговарачката борба“?

Колку што можам да забележам, ниту од нејзината „шармерска фаца“, најмалку од нејзината широка насмевка нема трага од „тежина“ и „борба“. Ниту кај раговарачот- преговарачот Василакис. Да не е тоа најава на „премор“ и „решавачка рунда“? Ако некој „носи тежина“, па и води „борба“ (помеѓу оптимизмот и песимизмот), тоа е секогаш пристојно насмеаниот, но и сериозен (кога застанува пред микрофони и тв камери колку да каже нешто), Метју Нимиц.

Најдобриот одговор, поточно најдостоинствена, па и мудра реакција прочитавме во интервјуто на претседателот на Република Македонија за весникот „Дневник“. Тој старо- новите уцени ги оценува како „старомодна константа на грчката политика, која е во судир со времето“ (тоа е она на што укажав на почетокот од текстов- дека Данајската република (Грција) се однесува како да живее и дејствува во 19- от и 20- от век).

Меѓутоа, поважно е „објаснението“ на Иванов за одбраната односно гаранциите на македонскиот идентитет (пред се наменето за македонските новинарско- политикантски морони и трабанти кои се уште „туркаат“ некаква „антиквизација“ на Македонија, а главното во спорењето го премолчуваат заборавајќи на македонската одамна „консенсуално“ поставена „црвена линија“): гаранција за македонскиот идентитет се меѓународни норми и обичаи, а според кои за идентитетот на еден народ не може да се преговара бидејќи е тоа право на самоопределување кое е во сферата и на индивидуалните права.

Прочитај и за ... >>  Според Буш, Македонија во НАТО

Иванов вели:

„Само со почитување на меѓународното право и на добрата практика меѓу државите е можно да се изгради трајно партнерство меѓу двете земји и да се спречи евентуалното решение со Грција да биде вовед во нови препирања меѓу земјите“.

А во врска со „спорот“ и спорењето, на сето речено од мене ќе го доречам следново:

Време е Република Македонија еднострано да ги прекине преговорите или (доколку поради „повисоки цели“ се смета оти тоа би бил премногу радикален чекор, па е засега неприфатлив) разговорите- преговорите конечно да ги прифати како „спор“ и на Данајската република (Грција) да и го оспори именувањето (не така дамнешно) на северниот дел од нејзината територија: трите провинции- Источна Македонија и Тракија, Средна и Западна Македонија одново да ги интегрира во една (какоод нејзините провинции-периферии) и да ја именува како што е „редот и обичајот“ во светот (случајот и со Македонија)- според името на народот, значи со „додавка“: Егејска Македонија.

(Спорењето, а не спорот со Република Бугарија допрва доаѓа, па и Пиринска Македонија ќе дојде „на дневен ред“.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here