Личен став

Да се има личен став е помеѓу најважните „легитимации“ на личноста во едно демократско, плурално општество. Се разбира, тој мора да биде јасен, прецизен, изграден, втемелен на цврсти аргументи и факти, за да биде респектабилен и дел од заедничка заложба или решение.

Личниот став може да биде и преземен од друг, од други, значи туѓ, но притоа никако не и безличен. Прифаќајќи став од друг, едновремено идентификувајќи го неговиот носител, пред сѐ како потврда на авторитетноста, тој без дилема станува личен не присвојувајќи го „авторското право“. Па сепак, непреземениот личен став има поголема тежина и вредност. Затоа што се гради упорно, настојчиво, макотрпно, а уште поупорно, дури потврдоглаво се брани.

Колкумина во вашето опкружување познавате луѓе, личности со свои, лични ставови за суштествени, па и судбински прашања поврзани со егзистенцијата, опстојувањето, личната и заедничката/колективната перспектива? Можете да ги изброите? Дали помеѓу членството на нашите партии, особено помеѓу „истурените“ или оние од врвот познавате, препознавате личности со личен став?

Што се случува со таквите?

Последново прашање е можеби најважно и ја отсликува реалната состојба на овој план, но и нешто друго: дека изнесениот, искажаниот личен став, кој може да биде и сосема спротивен од заедничкиот, колективниот, партискиот, само ја потврдува личноста, нејзината самостојност, индивидуалност; ја афирмира нејзината авторитетност, го предизвикува почитувањето на сите без исклучок (па и на оние од „противничките табори“). И покрај декларативната заложба за плурализам на мислења во рамките на нашите партии, таа останува само тоа-декларирана, не и практицирана заложба.

Напротив,  не е единствен „драстичниот“ пример кога една партија смени од висока и значајна функција свој член само поради личен став сосема спротивен од партискиот. Без оглед што таа функција ја вршеше врвно професионално и авторитетно. Се разбира, тоа воопшто не ѝ наштети на личноста, туку единствено на партијата која токму затоа, а и поради други „гестови“ и „активности“, дури ја сметаат за несериозна и маргинална.

Да се има личен став не е никаква храброст или особена доблест, особено позитивна карактерна особина на личноста.  Кај нас се издвојува од другите токму поради реткоста која, пак, е резултат на поставеноста на работите на глава. Кај нас од заедничкиот став, заложба, од заедничката програма односно платформа „произлегуваат“ личните ставови, а не обратно, како што е во сиот развиен демократски, политички плурален свет: личните ставови, кои, пак, содржат знаење, компетеција, искуство, одмерени-измерени, вреднувани и вградени во дефинирана заедничка цел, ја афирмираат заедничката акција.

Бидејќи кај нас личните ставови се сѐ уште „проблематични“, „незгодни“, „непожелни“, неприфатливи, тие се за жал ретки, а нивните носители опстојуваат надвор од „круговите“  и по цена на егзистенцијално загрозување.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *