Потребно време за читање: 3 минути

Не е јасно врз основа на што некои аналитичари и новинари (медиуми) ја подгреваа надежта дека нешто многу важно ќе се случи, а секако најважното- СДСМ да се врати во Собранието и да започне интензивна подготовка за вонредните парламентарни избори. Особено ако се има предвид дека од ултимативните барања како предуслов за тоа едното е „проблематично“, а другото невозможно да се исполни.

Јасна е само веќе разнишаната „пуста“ надеж дека колегите од А1 ТВ и од печатените медиуми „на Велија Рамковски“ ќе „ќарат“ одмрзнување на сметките и „колку- толку“ ќе ја покријат кловновијадата пред Владата на Македонија секоја вечер веќе два и кусур месеца. (Ако се негови, тоа е спротивно на Законот за радиодифузија кој прецизно го дефинира „медиумскиот монопол“.)

Главниот аргумент дека нема што да се очекува од средбата на Груевски и Црвенковски, а најмалку „нешто историско“, е дека опозицијата, и покрај барањето пред неколку месеци и декларираниот став дека е за предвремени избори, всушност тоа не го сака; дека се работи само за лесно читлив- разбирлив „мангупски блеф“. Во тој „контекст“ разговорите на иницијатива на Груевски (Црвенковски се пожали дека „му се читани мислите“, односно бил прислушкуван зашто пред повикот токму тој го имал предлогот за таква средба) се уште еден голем поен за него. Сега СДСМ итно да ја формира веќе најавената Влада во сенка и Црвенковски час поскоро (веднаш) да го напушти челното место на својата партија. Зашто избори ќе има (таман работа огромната предност Груевски да не ја искористи, а притоа да остане „чист“), а неучеството на СДСМ и неговата коалиција на нив (не целата опозиција) ќе значат вистинска катастрофа и нивно долгорочно маргинализирање.

Прочитај и за ... >>  Крај на небезбедната храна во Македонија

Можеби „најпозитивниот“ исход е веројатно скорешната (деновиве) лидерска средба на сите релевантни партии кои ќе учествуваат на изборите што, како што изјави, го согледал и Црвенковски, а на која е повеќе од јасно дека тој нема да биде „главен“ од опозиционерските.

Сепак, дека имало добра желба и надеж оти од разговорите нешто добро трреба се „изроди“, говори не само нивното времетарење (повеќе од 10 часа), туку пред се заедничката главна цел и подготвеноста тие да бидат темелни, конкретни и конструктивни.

Што се однесува на барањата на опозицијата, од изјавата на Црвенковски е јасно дека она што е невозможно да се исполни, бидејќи станува збор за судска одлука- одлука на судската власт, е веќе „во втор план“. Впрочем, како што и претходно беше јасно нагласено од СДСМ (тоа не е услов, туку „предмет“ на разговорите- што е суштински голема разлика). „Проблематичното“, пак, останува такво и тешко дека ќе може да се надмине со „тенкото“ образложение.

Од изјавата на Црвенковски:
„Токму за избирачките одбори, составот, не се договоривме. Тоа е едно прашање без кое ние едноставно не можеме да дадеме согласност на Изборниот закон“.

Прочитај и за ... >>  Старт на предизборната кампања: ништо ново, интересно, инвентивно

Образложението е „тенко“ зашто власта со право потенцира дека за да се избегне партизација на избирачките одбори тие треба да се составени од членови на јавната и државна администрација, а не и со членови на партии (зашто „администрацијата е партизирана“; што во најмала рака треба да се докажува, без оглед дали „и врапците знаат“ или не).

Се разбира, проблем се и некои други барања, но тие реално може да се прифатат односно реализираат, како што се составот на комисијата која ќе го проверува и, доколку треба, ќе го „допречистува“ избирачкиот список и начинот на гласање на дијаспората. Сосема логички и нужно е предлогот малите етнички заедници да имаат загарантирани квоти во Парламентот (за што е постигната начелна согласност) да не се решава во името на другите партии, особено во името на партиите на Албанците.

По разговорите, лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски детално соопшти за што е постигната согласност: избегнување на појава на шпекулативни листи, да не се врши никаква вонредна исплата на плати, пензии или социјална помош, да не се употребуваат мобилните телефони за сликање на гласачкото ливче:

„Предложивме опозицијата да се врати во Парламентот, а доколку не се врати, за гласањето на сопствениот предлог, бидејќи претседателот на ДИК го предложи токму опозицијата, односно СДСМ, кажавме дека не се исклучува можноста парламентарното мнозинство да го изгласа самостојно предлогот на СДСМ, односно на опозицијата“.

Прочитај и за ... >>  Во 2009- та со страв и песимизам

Што се однесува на предлогот на СДСМ за рамномерно распределување на буџетските средства за медиумско презентирање, како услов за рамноправен пристап до медиумите за време на кампањите, и тој не може да биде прифатен од проста причина што статусот на медиумите не е еднаков, а особено според рејтингот на гледаност и читаност (тираж).

Од мое лично искуство и теоретски- експертски сознанија: рејтингот на гледаност и слушаност на електронските медиуми отсекогаш бил и е мошне дискутабилен, а најчесто се злоупотребува за маркетиншки цели (да се учествува со што поголем дел во делбата на маркетиншкиот „колач“). Конкретно, А1 ТВ не била и не е најгледана телевизија, со што постојано се залажува- манипулира јавноста, туку се најгледани одделни нејзини дневни односно вечерни термини (2-3 часа) „покриени“ со странски серии- „сапуници“.

Според веќе познатата и на средбата уште еднаш „обелоденета“ агенда, ВМРО ДПМНЕ предвидува денеска во Собранието да биде избран претседателот на ДИК, предложен од страна на опозицијата, и да поминат на прво читање измените на Изборниот законик.

Допрва ќе се потврди или не заложбата на 31. март Собранието да се распушти, со што би почнал изборниот циклус.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here