Потребно време за читање: 4 минути

Да потсетам, договорот е потпишан на 13.12.2007. во Лисабон, а неговиот официјален назив е „Договор за измени и дополнувања на Договорот за создавање на Европската унија (Мастрихтски договор) и Договорот за создавање на Европска економска заедница-ЕЕЗ (Римски договор)“.

Процесот на неговата ратификација беше предвидено да заврши на 01.01.2009., по што требаше да стапи на сила. Всушност, тој е замена на Европскиот устав што беше отфрлен на референдумите во Франција и Германија во 2005. Година.

Веднаш по потпишувањето, а особено со почетокот на процесот на ратификацијата, се појавија различни коментари и анализи, со определби „за“ и „против“, од кои не мал број со сериозно предупредување дека тој има „задни намери“ (ЕУ како нова држава, нова светска сила…), а најсериозното дека е спротивен на основните принципи на демократијата!

Ратификацијата е речиси завршена (подолу ја пренесувам искажаната „немоќ“ на последнииот жесток противник, чешкиот претседател Вацлав Клаус), а блиската- непосредната иднина ќе покаже која е „вистинската вредност“ на „Лисабон“ во однос на перспективата на интегрирана Европа.

Што посебно се забележува?

На пример, се менува односот на гласовите во ЕУ, при што се „оперира“ со системите на обично мнозинство, едногласност и квалификувано мнозинство, а за секое подрачје и институција правилата се поинакви. Се укинува „вето“, а всушност се работи за намалување на случаите кога е потребна едногласност (консензус), така што кај нив се бара „само“ квалификувано мнозинство кое мора да содржи барем 55% членки кои претставуваат барем 65% од населението на ЕУ.

Натаму, засилената улога на Европскиот парламент, која всушност ја еродира сувереноста на државите членки, се изразува во зголемениот број на случаи кога се бара тн. co-decision procedure (што го воведе Договорот од Мастрихт), а кој е еден од трите начини на учество на парламентот во донесувањето на европските прописи (заедно со consultation procedure и cooperation procedure). „Постапката на соодлучување“ го опфаќа гласањето за предлог на ЕК пред парламентот и Советот на министри (во кој седат министрите за надворешни работи на државите членки), каде што во случај Советот да не се согласи предлогот, заедно со неговиот „common position“, оди на повторно гласање во парламентот кој го усвојува или одбива. Меѓутоа, ако го измени Советот може да излезе пред Conciliation Committee кој има последен збор. Бидејќи постапката на соодлучување, во која парламентот има силна улога (за разлика од останатите две постапки), се применува само во оние подрачја што договорите специфично ги предвидуваат (досега слободно движење на луѓе, внатрешен пазар со некои исклучоци, околина, заштита на потрошувачите, образовни мерки, јавно здравје, мерки на вработување, транс- европски инфраструктурни мрежи), со договорот требаше да се зголеми бројот на подрачјата и така на парламентот да му се даде поголема улога во донесувањето на прописи, а со тоа, како единствен демократски избран орган на ЕУ, да се зајакне.

Прочитај и за ... >>  Секое јавно обвинување мора да се провери- истражи и јавно да се потврди или отфрли

Треба да се забележи дека, без оглед што европските политичар „за“ се трудат да ја издигнат на „пиедестал“ вредноста на Лисабонскиот договор, тој не ги напушти сите идеи од пропаднатиот Устав за Европа, особено не оние што се однесуваат на полесното функционирање на гломазната и сложена унија. Па така, наместо ротирачкото претседателство се воведува претседател на Европскиот совет (што не е исто како Советот на Европа), со мандат од 2 ипол години. Европскиот совет се собира на во јавноста познатите „самити“, а се состои од челните луѓе на државите членки и претседателот на Европската комисија, кои заеднички ја зацртуваат политиката на институциите на ЕУ. Освен претседател на СЕ, се воведува и своевиден министер за надворешни работи, кој ќе ги обединува досегашните функции на генералниот секретар на Советот на ЕУ и висок претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика (моментно Хавиер Солана). Од 2014. година Европската комисија, своевидна „влада“ на ЕУ, ќе има помалку претставници отколку државите членки, а помеѓу 2014. и 2017. ќе се промени и бројот на гласовите што ги има одредена држава во одредена институција на ЕУ (заедно со спомнатите ЕК, СЕ, тука се уште и моќниот Совет на министри и се помоќниот, но се уште недоволно силен Европски парламент). Европскиот суд на правдата, надлежен за надгледување на спроведувањето на правото на ЕУ, ќе добие надлежност над надзорот на „justice and home affairs“ прописите (на пример казнената политика), а кои се сметаат за обележје на сувереноста. Полесното одлучување за такви и други прописи ќе овозможи отстранување на ветото од значаен број на прашања.

Прочитај и за ... >>  Тежок пораз на македонската опозиција; можно решение на „спорот“ за името

Од најновите написи- остри критички анализи, пак, посебно внимание предизвика оној на британскиот „Дејли телеграф“ (07.10.о.г.), во кој се акцентира дека ЕУ подготвува тајни планови да се постави како светска сила, со овластување да потпишува меѓународни договори, а намерата е ширум светот да се отворат 160 амбасади. Веќе се знае дека првите би биле во Њујорк, престолнината на Авганистан Кабул и во главниот град на Етиопија Адис Абеба.

Весникот ја пренесува оценката на еден аналитичар кој вели дека станува збор за огромен пренос на овластувања, кој би довел до тоа Европската унија се повеќе да личи на држава. Доколку плановите бидат усвоени, Брисел би можел да почне да потпишува разноразни меѓународни договори- на полето на надворешната политика, одбраната и правосудството.

Британскиот весник забележува дека интересите на Брисел и Лондон често не се поклопуваат, пред се затоа што Британија и натаму е едно од водечките светски стопанства, водечка воена сила „и, да се надеваме, сила на доборото во светот“.

Прочитај и за ... >>  Партиски војник и партиски послушник

Оној што најмногу „преташе“ мораше „да легне на брашното“: чешкиот претседател Вацлав Клаус призна дека Лисабонскиот договор е отиден толку далеку што не може да го спречи да стапи на сила. Имено, во интервју за весникот „Лидове новини“ тој категорично одрекува дека има намера да го одолговлекува потпишувањето до парламентарните избори во Велика Британија:

„Возот со Лисабонскиот договор е толку е забрзан и веќе е толку далеку што изгледа нема да биде можно ниту да се запре, ниту да се врати, иако тоа многумина во Европа го сакаме…Ниту евентуалното стапување на сила на Лисабонскиот договор нема да биде крај на историјата. Спорот околу слободата и демократијата во Европа сигурно ќе продолжи. Мора, затоа што ако го нема тоа, за нас ќе биде многу лошо“.

Потсетување: претседателот Клаус го услови потпишувањето на Договорот со барање за внесување на отстапка во Повелбата за фундаментални права за да се обезбеди заштита на суверенитетот на судската власт и да им се оневозможи на странците да ги решаваат имотните спорови надвор од чешките судови и закони.

По ваквото „ретерирање“ интересно е што ќе се случи со жалбата до Уставниот суд на Чешка против Лисабонскиот договор, што на крајот од минатиот месец ја поднесоа група на сенатори, заедно со дополнитгелните забелешки кои се однесуваат на Римскиот договор. Седницата на која ќе се одлучува е зкажана за 27. о.м.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here